×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Актуелно

    Бранко Арсовски

    Како советник во Советот на Општината Куманово, направив севкупна анализа на активностите што ги имаше Советот во изминатите шест-седум месеци и констатирав неколку работи:

    Прва и основна работа беше неговото конституирање, како и избор на претседател на Советот и Комисијата за избор и именување. Морам да признам дека Советот избра претседател кој за мене во досегашниот период покажа способност во организација на работата, како и водење на седниците. Се разбира веднаш се издеференцираа состојбите во позицијата и опозицијата. Така, помалите партии кои партиципираат со по еден советник се приклучија на најзначајната  партија, во овој случај СДСМ која партиципира со 11 советници, опозицијата претставена од ВМРО-ДПМНЕ со 9 советника и ДУИ со 3 советника, како и независната конструктивна опозиција претставена од СДПМ со еден советник.

     Ваквиот однос на силите создаде можност позицијата да има моќ во целост да ја креира и реализира политиката поврзана со носење на одлуки, програми, како и избор на членови на управните одбори, комисии, подршка и избор на менаџерски тимови во јавните претпријатија, јавни установи и други институции кои се во надлежност на Локалната самоуправа. На почетокот бев уверен дека позицијата ќе покаже доблест и политичка воља и ќе даде шанса на сите субјекти присутни во Советот со свои предлози на кандидати да партиципираат во органите во наведените институции, поради тоа што за нив има преку 16.000 гласачи и многу симпатизери, кои на еден или друг начин партиципираат во финансирање на јавните претпријатија, општинската администрација, јавните установи итн. Сметав на позитивна енергија и правичност, но за жал се покажа во практична смисла: себичност и егоизам и воцелост политичка диференцијација и нетолерантност на оние што јавно не ја подржале позицијата во предизборието. Така, при изборот на членовите на управните одбори во јавните претпријатија од вкупно педесетина, ниту еден не беше од опозицијата и независната СДПМ.

     Значи победничката партија во целост ја прифати практиката на централната власт на ВМРО-ДПМНЕ со своите коалициони партнери. Тоа покажува дека двете најголеми партии не се подготвени да внесат нешто подемократско во своето практицирање на власта. Останаа на своите погубни политики кои не се во функција на создавање на клима на еднаквост и правичност, почитувајќи го секој граѓанин во Општината и државата.

     Едно од најактуелните прашања во овој период е поставување на менаџерски тимови во јавни установи, јавни претпријатија и Локалната самоуправа. Се кршеа копја околу надмудрувања во поставување на директори, нивни заменици, раководители и вработување на членови на партиите кои се декларираат како позиција на локалната власт. Многу тешко може да дојде до израз некое лице ако не припаѓа на оваа група, бидејќи истите се служат со паролa: наши, ваши , лојални, нелојални, тркачи, лепачи на плакати и евентуални финансиски донатори. Јас ја разбирам оваа погубна политика која во основа ги повредува основните човекови права кои многу конкретно се поместени во Уставот на Р Македонија.Таму многу убаво пишува дека секој граѓанин има право на образование, вработување и интегрирање во општеството.

     Моја заложба и препорака до сите субјекти кои ја имаат власта е да се надминат себеси и своите партиски суети, да го остават практикувањето на политики кои немаат перспектива и да ги прифатат европските вредности за кои подолго време се полемизира во државта, но и во локалната самоуправа. Тоа значи, соработката и комуникацијата помеѓу таканаречената позиција и опозиција да биде поинтензивна, поплодна во остварување на програмските содржини што ќе бидат во функција на подобрување на животните и работните услови на сите граѓани на Општината Куманово.Практицирање на власта и одговорноста во реализирање на политиките да биде еднаква на сите субјекти присутни во Советот на Општината, во управните тела на јавните установи и претпријатија како и општинската администрација.

    Бранко Арсовски м-р Бранко Арсовски, поранешен пратеник

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*