×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Демографска политика

    Бранко Арсовски

    Секоја организирана и одговорна држава во своите развојни политики многу големо внимание посветува на демографската политика, која е еден од најважните фактори за економскиот и социјалниот развој на општеството. Во тој контекст, во Р.Македонија, во рамките на претходниот систем, а и во новиот, се водело и се води сметка за популационата политика, гледано од аспект на нејзината важност и потреба во секој сегмент од севкупната развојна политика.

    Се разбира, во таа смисла, Владата на Р. Македонија превзеде низа активности преку едногодишни и повеќегодишни развојни политики, демографијата да ја усогласи со потребите на економската и социјалната развојна политика.

    Зошто е важно да се обрне посебно внимание на демографијата? Заради фактот што низа параметри покажуваат дека структурата на населението во последните дваесетина години има негативно движење. Основните параметри, во овој случај, наталитетот, морталитетот, имиграцијата и емиграцијата се наоѓаат во сериозна диспропорција, и што е поважно, на штета на вкупното население во Р.Македонија. Показателите немилосрдно покажуваат дека стапката на наталитет од година во година е во сериозно опаѓање, а наспроти тоа, смртноста и емиграцијата се зголемуваат, што претставува сериозен проблем за општеството. Ваквиот сооднос не ја заобиколува и Општина Куманово, која е најголемата општина во Р.Македонија.

    Особено карактеристично е што националната структура бележи структурна промена во смисол на зголемено процентуално учество на албанското население во вкупното население (од 4% во 1953-та на 25,8% во 2002-ра година), при што забележително е намалување на учеството на турското население (од 16,5% во 1953-та на 0,4% во 2002-ра година).  Учеството на останатите етнички групи останува релативно непроменето (Македонците со 60,5%, Ромите со 5,7, Србите со 6,7% итн. во 2002-ра година).

    Во оваа насока ќе се запрашаме што е причината? Одговорот е едноставен; во прв ред наталитетот, но и механичкиот прираст на населението во период од 1960-1979 година, кога имаме експанзија на иселување на турската националност, но и голем прилив на албанската популација од соседните држави.

    Меѓутоа, овој податок не е многу битен, од причини што тоа било во период од пред педесетина години и за овој период секој етникум дал свој придонес за севкупниот развој на Општината. Сепак, мораме да констатираме дека такво неконтролирано населување во Општината,  а особено во градот, има сериозен негативен одраз врз севкупниот економски и социјален развој на Општината. Особено во доменот на економијата, образованието, здравството, вработувањето, социјалната заштита итн., а пред сè, во комуналната сфера.

    За жал, овој тренд на демографско движење во Општината продолжува и понатаму, дури со позабрзано темпо, што претставува сериозна закана за самата структура на население, имајќи ги во предвид сите статистички параметри, а пред сè, старосната структура, невработеноста, етничката припадност, а особено од аспект на економската моќ на Општината да одговори на потребите на вкупното население.

    Не случајно, сеуште постои сериозна миграција село-град, а уште повеќе, голем е бројот на рурални средини во кои живеат помалку од 50 лица, од кои најголемиот дел се стари лица над 65 години. Општо познато е дека во руралните средини во кои постојат релативно добри услови за живеење, голем е бројот на лица на возраст од 35- 40 години кои сеуште не стапиле во брачна заедница. Така, на пример, во с. Романовце има повеќе од 40 лица на возраст од 35-40 години, кои не стапиле во брак, а таков тренд се забележува и во с. Пчиња, Агино Село, Лопате, Клечовце, Орашац, Студена Бара, Ново Село итн.

    Ако продолжи и поматаму овој проблем, не е тешко да се заклучи колку истиот сериозно може да се одрази врз понатамошниот демографски развој на овие рурални средини, но и врз развојот на Општината и Р. Македонија во целина.

    Во таа насока, сметам дека е неопходно потемелно истражување на овој сериозен проблем, кој, ќе се сложиме сите, претставува закана за севкупниот економски и социјален развој на Општината и Р. Македонија.

    Верувам дека едно квалитетно и сеопфатно истражување може поблиску да ни ги објасни вистинските причини за промената на демографската структура во Општината, а со цел понатамошно градење на политики кои ќе го спречат ова негативно движење.

    Во оваа смисла, политиките на централно ниво треба да се надополнат со мерки и активности на локално ниво. Крајно време е многу поинтензивно, дури и поодговорно, властите на централно и локално ниво, да изготват заедничка стратегија за подобрување на сите фактори кои одат во прилог на младата генерација, која е во репродуктивна и фертилна фаза на своето живеење. Во оваа смисла, позитивните мерки на централно ниво, како на пример, мерката за стимулирање на раѓање на трето и четврто дете, треба да се надополнат со мерки и активности на локално ниво.  Но она што е најзначајно, за младата популација на возраст помеѓу 20-40 години треба да се обезбеди вработување, услови за домување, образование, квалитетна здравствена заштита со крајна цел економска и социјална сигурност.

    Само на таков начин, ќе се успее во целта  да се мотивираат младите да влегуваат во брачна заедница, да создаваат семејство, да останат да живеат во средината во која се родиле и да не размислуваат за одење во странство во потрага по посигурна работа и подобри услови за живот.

    Бранко Арсовски м-р Бранко Арсовски, поранешен пратеник

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*