Втората половина на месец ноември традиционално е резервирана за собраниските расправи за усвојување на Буџетот за наредната година. Она што годинава е презентирано како предлог Буџет за 2023 година од Владата, во најмала рака е фрапантно.
Владата планира во 2023 година да потроши 5,3 милијарди евра народни пари! Тоа се за 12,6% повеќе во однос на потрошеното во 2022 година, за 50% во однос на 2019 и за 75% повеќе од последниот Буџет во 2016 година на Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Верувам се сеќавате, кога тогаш опозициската СДСМ крокодилски солзи ронеше за тогашните „расипнички“ буџети, обидувајќи се со разноразни сценарија токму на оваа тема да предизвика поголемо незадоволство кај населението. Да бидам до крај искрен, делумно и успеа. За денес, после неколку години скоро и да го дуплира тој „расипнички“ буџет.
Даночните приходи и придонеси како главна приходна категорија, во новиот Буџет за 2023 година се планираат во износ од нешто над 4 милијарди евра и за истите е планирана зголемена наплата од 13% споредбено со тековниот буџет. Зад ваквото планирање може стојат 2 причини: прво, свесното продолжување на галопирање на инфлацијата, која заради зголемените цени имплицира зголемени даночни приходи и второ, „реформа“ (читај зголемување) на даночниот систем.
И покрај ваквото зголемување на приходната страна, сепак буџетскиот дефицит ќе изнесува скоро 700 милиони евра, кој претпоставувате ќе се покрива со долгорочни, а заради енергетската криза и доста скапи задолжувања, пред сѐ на меѓународните пазари. Тоа ќе предизвика зголемување на јавниот долг на Република Македонија и согласно проекциите во Буџетот за 2023 година истиот би изнесувал рекордни 64,4% од годишниот БДП. Прикажан во апсолутна бројка јавниот долг е уште поголем, но процентуално прикажан од БДП е помал, бидејќи го намалува инфлацијата и високите цени. За споредба јавниот долг на Република Македонија во 2016 година бил 48,8% од БДП, токму во време на Влада на ВМРО-ДПМНЕ која СДСМ секојдневно ја критикуваше за задолжувања, предвидувајќи „грчко сценарио“. Каква манипулација!?
Ајде да проанализираме каде ќе се потрошат овие пари. Социјалните бенефиции се доминантни на расходната страна на Буџетот за 2023 година и тоа со 28,4%. По нив, учество од 16,2% земаат стоки и услуги и потоа со 13% се капиталните расходи, и неизбежното високо место за платите и надоместоците кои се со учество од 9,3% од буџетот. Социјалните бенефиции најголем процент се однесуваат на пополнување на големата дупка во Фондот за ПИОМ за исплаќање на пензиите. Стоките и услугите се популарните тендери, па логички заклучувате каде ќе завршат овие пари. Капиталните расходи, по традиција од кога СДСМ е на власт, се предвидуваат во буџетите, за да потоа со ребаланси се скратат и не се реализираат. Затоа шеста година по ред немаме во државата реализација на капитален инфраструктурен проект. Високата ставка за плати и надоместоци кажува дека и наредната година Владата нема намера да изврши реформа на јавната администрација, сериозен проблем за кој секоја година укажува Европската унија во својот извештај за напредокот. Народски кажано ќе си продолжи полнењето на администрацијата со партиски послушници, а за возврат народот ќе добива се понеквалитетна услуга. Може да биде сигурен Кире Наумов од СДСМ кој за еден мандат ќе земе 120.000 евра плата, Андреј Жерновски од СДСМ кој ќе си зема 1000 евра плата за градба на клинички центар кој не се гради, Томислав Тунтев од Агенцијата за цивилно воздухопловство кој ќе зема 203.000 денари плата, Зоран Ѓорѓиев директор во Пуик кој ќе зема 105.000 денари плата, Љупчо Зиков во МЕПСО ќе си зема 80.000 денари плата, Зоран Китанов од СДСМ, другар на Заев, како претседател на Одборот на директори на Телеком именуван од Владата на СДСМ ќе си зема месечна плата од над 6.200 евра, Никола Љушев исто од Телеком ќе инкасира 713.000 денари плата, Садула Дураку од ДУИ во Телеком ќе зема 1500 евра плата... И вакви општествени „паразити“ ги има многу, нека бидат мирни и следната година нема ништо да работат, но Владата им ги обезбеди нивните плати од парите на граѓаните.
Колку Владата се грижи за граѓаните и развој на државата ќе илустрирам со две ставки од Буџетот. За заштита на животната средина Владата планира да потроши симболични 0,65% од Буџетот. За науката, која треба да биде двигателот на општествениот развој Владата планира да потроши уште посимболични 0,08% од Буџетот. За споредба Словенија двои околу 2% од Буџетот за наука и да не се чудиме зошто 800 студенти секоја година се запишуваат на студии токму во таа земја.
Да сумирам, расипнички буџетот, наменет за богатење на елитата на власт, од кој народот нема да види ништо. Единствено најверојатно поголеми даноци, давачки и казни!
Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*