Постојат одреден број на прашања за кои можете да помислите дека се општопознати, дека нивните одговори се одамна утврдени и познати на сите. За ова често можете и да погрешите. Неодамна во неврзан разговор со еден повозрасен граѓанин „открив“ дека тој не знае дека ЈП Водовод купува сирова вода. Од каде мисли дека доаѓа водата кога ќе отвори славина, тоа не знам. Поради ова ќе се задржиме на неколку прашања кои наизглед се одамна одговорени, за да ни стане појасно секојдневието.
Многу лесно ќе се сложиме дека најголем проблем на градот и општината е економскиот развој. Оваа тема е преполна со празни флоскули, пригодни говори и ветувања кои е тешко да се изговорат без тој што ги изговара да се насмее. Ова мора да им се признае на македонските политичари.
Овде и сега нема да правиме итри заобиколувања, туку ќе се обидеме директно да утврдиме кој сноси најголем дел од одговорноста. Прво што мора да биде познато е дека децентрализацијата во Македонија не беше ни приближно завршена во 2006 год., а оттогаш е постојано сопнувана, за да денес не е ни приближно до степенот до кој требаше да биде. Ова особено се однесува на јавните финансии кои впрочем се и најважниот елемент на децентрализирањето.
Каде е овде Куманово оштетено? НИЕ ПЛАЌАМЕ ДАНОК во републичкиот буџет. Куманово има отприлика 5% од населението во Македонија, само градот Куманово. Ако ги вкалкулирате и околните села процентот ќе биде и поголем. Според тоа ако извадите некој просек по глава на жител, во смисла на придонес во јавните приходи ќе дојдете до бројка од 130 милиони евра кои од Куманово се слеваат во републичкиот буџет годишно, кој оваа година ќе достигне 3 милијарди евра. Куманово од сето тоа ќе добие само она што законски мора. Барем 500 милиони евра од републичкиот буџет Владата може да ги потроши дискреционо, каде што мисли дека треба, или имајќи ја оваа Влада предвид, каде што сака. Во оваа смисла Куманово не постои. Досега има добиено само една школска спортска сала, за скоро десет години.
Во интерес на вистината ова не се официјални податоци, затоа што официјалните податоци на ова поле се третираат како државна тајна. Во секој случај, факт е дека во Куманово ништо не е инвестирано во последните десет години по основ на дотација од републичкиот буџет. Тоа можете да го сметате како данок на непослушност.
Причините за ова се суштината на гнилоста и засмрденоста на македонската политика. Без разлика што ДПМНЕ добива скоро на сите парламентарни и претседателски избори во Куманово во последните 10 години (исклучок се само парламентарните од 2011 год.), СИТЕ што живеат во Куманово се финансиски шиканирани само затоа што мнозинството од нас не сака да гласа за кандидатите на власта на локалните избори. И сето тоа поминува, лесно.
Според ова најголемиот дел од одговорноста за општата стагнација на општината во последната декада сигурно лежи кај републичката власт, но не и целата одговорност. Општинскиот буџет е премал за било каков посериозен еконосмки развој, имајќи ја предвид големината на општината. Меѓутоа истиот е доволно голем за да центарот на градот не изгледа како да е тазе бомбардиран.
Централниот проект на локалната власт во изминатите 5-6 години е затворениот базен, објект кој е луксузен и кој суштински по ништо не се разликува од објектите од СК2014, врз кој пак оправдано е свртена најголем дел од опозициската критика. Оваа ситуација мораше и требаше да биде избегната со проект од централното градско подрачје кој ќе имаше поширока употребна вредност и секако ќе беше повидлив. Политичка опција која сака да се редефинира во очите на македонскиот електорат и да се врати на своите леви корени требаше да има повеќе чувство за тоа дека објект како затворен базен нема да може да биде користен од сите и дека ќе претставува буџетско оптоварување во годините што следат. Кога ќе биде завршен објектот јас ќе бидам презадоволен од тоа што во мојот град таков има, но тоа не значи дека за таков е време. Куманово едноставно не е во потребната или соодветната фаза на развој за да може фискално да се однесува на ваков начин.
Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*