Победи медиумската булумента, внимателно собирана изминативе десет години, во трката за омилена играчка на кралот во обид. Како и впрочем не би победиле, кога за центарфор имаат лик кој „отвори дебата“ за обликот на планетава. Не тврди он дека е во форма на плоча, туку „само“ поставува прашања. Неговите тврдења се резервирани за теми со кои стои подобро, како на пример бројот и имињата на расите вонземјани, зашто таму е неговиот домашен терен. Победата е однесена всушност од егоцентричноста на оној за чија милост се бореа сите овие години, затоа што нивната „работа“ е најдиректно поврзана со сликата за неговиот лик и дело, а тие се, претпоставувате, последната линија на отпор.
Поставеноста на овие луѓе во овој момент е за жал доволна за да биде отворена дебата за прашања за кои дебата не е потребна. Дали треба медиумската сцена да биде реформирана? ДА, треба. Но, за да не бидеме обвинети дека ја гушиме јавната дебата и покрај тоа што е непотребно за просечен набљудувач, во таква на оваа тема за кратко ќе се впуштиме.
Медиумите со национална концесија својот успех го мерат преку рејтинзите т.е. бројот на луѓето кои ги гледаат. Своите рејтинзи ги зголемуваат преку зголемување на квалитетот на програмата која ја емитуваат. Квалитетот на информативните емисии обично го градат преку објективноста во информирањето и овозможувањето на еднаков пристап на сите претставници на релевантните општествени групи. Колку се повисоки рејтинзите толку е поголем нивниот дел од парите кои ги трошат компаниите на рекламирање. Системот е така поставен за да стимулира што поквалитетни информации за јавноста, што поголем профит за тие кои прават такви информации и напредување на најспособните новинари. Затоа на пример Младенов и Героски успеале во градењето на првите приватни медиуми, а тоа не му пошло од рака на пример на Латас.
Сега замислете, иако за тоа нема потреба, доволно е само да се присетите, Владата на Република Македонија со сиот свој финансиски габарит да стапи на сцена. Со стапувањето обезбедува еднаква, ако не и поголема сума на пари од сите пари кои ги трошат компаниите на рекламирање, која треба да биде поделена меѓу телевизиите и порталите и чија поделба нема на никаков начин да биде поврзана со квалитетот на нивното информирање. Во процесот целосно се губи јавниот интерес, а вистината се фрла низ прозор.
Борбата против ова е всушност борба против комерцијализацијата на политиката. Државата не треба да се рекламира затоа што државата не е фирма. Кога тоа е дозволено државата неминовно ќе се обиде да Ви „ували“ политики како што компаниите се обидуваат да Ви „увалат“ прашок за перење или паштета. Од исти причини од кои Кока-Кола не Ви кажува дека со нивниот производ оди и дијабетес, Владата не Ви кажува дека со нејзиниот претседател оди и Мерцедес од 600.000 евра (ова само за илустрација, затоа што ликот има далеку поголеми гревови).
Разбирлива е од тука сеприсутната паника меѓу персонализациите на овој потфат за елементарна политичка измама. Тие знаат дека се што е премногу добро за да би било точно, обично не е. За целава работа, нормално, беа употребени ликови со ниски професионални изгледи и по некоја правосилна кривична пресуда кои во нормални услови најблиску што би можеле да дојдат до етер би било преку јавување во утринска програма или во некоја од оние емисии со тема на денот.
Професионалната судбина на овие луѓе е апсолутно небитна да понебитна не може да биде, но нивното сапунско однесување мора да биде посочено за да биде јасно дека нивните катаклизмични пророштва се само проекција на нивниот индивидуален страв од губење на астрономни количества евра, не од нешто друго.
За последните два-тројца на кои сеуште не им е јасно, веројатно од оние што лижаа сладолед пред собрание, да ја направиме клучната поента која овде мора да биде направена. Сето она опишано погоре е правено и евидентно сеуште се прави, со јавни пари, со пари од сите. Без никаков сомнеж може да биде констатирано дека краен корисник на обемната, сеприсутна, државна рекламна политика е ВМРО-ДПМНЕ, ситуација која ги прави сите даночни обврзници во земјава донатори и финансиски подржувачи на партијата на власт. На кого и сега не му е јасно зошто ова мора да биде сопрено, веројатно никогаш нема да му биде. На другите мора да им биде јасно дека проблем овде не е што корист има конкретно ДПМНЕ, туке е проблем што корист има партија која е на власт, било која, сега и во иднина.
Судирот на овие ставови, ставот за статус-кво или „добар ни е законот“ став, наспроти ставот за висок ѕид со бодликава жица меѓу приватните медиуми и јавните пари, е драматично потценет. Во овој судир се слева суштината на нашава децениска општествена драма. Судирот е всушност околу тоа што треба во иднина да биде политиката. Дали ќе дозволиме да расте улогата и присуството на државата во нашите животи, дали ќе продолжиме да толерираме лидери со амбиции за татковски фигури во чии очи никогаш нема да пораснеме од народ во нација, лидери кои затскриени зад ефтините националистички трикови ќе продолжат да крадат од изградбата на подобри услови за нормален живот, чии деца ќе наследуваат богатства како децата на Боуви, кои ќе продолжат да ни се закануваат, за сметка на чии кревки ега ќе мораме да продолжиме да множиме политички затвореници и кои ќе продолжат да ја хранат општата атмосфера на апатија која ќе ги брка нашите блиски од дома.
Доколку сепак надвладееме и победиме, политиката ќе мора да биде ставена назад во кутијата од која беше извадена и да биде ставена високо на рафтот, до каде што сите не достигаат. Преговарачката позиција на општата нормалност во однос на опозицијата е многу добра затоа што опозицијата знае дека мора да ги собере сите од страна на нормалноста, со надеж дека ќе се изгребе од неа и по нешто ќе поприми. Ова треба да биде искористено за да опозицијата биде натерана да ги артикулира ставовите на општата јавност, а не само своите. По изборите истава од позиција на власт треба да биде ако мора и уценета за да го направи тоа што треба, буквално да ја прати политиката како систем во ќоше, да стои таму некое време и да размили што прави со себе. Мора да престане рекетарското и репресивно однесување на институциите. Практикувањето власт не смее ниту ден повеќе да биде единствено насочено кон голото продолжување на практикување власт, како цел сама за себе. Детето што свиреше на гитара не треба да биде приморано да свири на плоштад за да можат негови врсници да се лекуваат, затоа што ги гледа наводно возрасните будали околу него како си тераат како ништо да не се случува, треба да свири само ако му се свири од ќеиф, а не за да врши работа за која армија луѓе се далеку поповикани да ја вршат, некои дури земаат и плата за тоа. Еден упорен министер ми паѓа на памет, што и да кажете не можете да кажете дека не е упорен.
Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*