×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Колумнистички тероризам

    Владимир Трајковски

    Кога ќе видите колумна на локален портал, од локален автор и на иста таква тема и кога ќе видите дека авторот пишува во име на некоја партија, претпоставувате дека тоа што е внатре нема многу да Ве изненади. Таа претпоставка Ви е оправдана и тука ги вклучувам и своите текстови. Обично напишаното е во правец на оправдување и објаснување на партиските ставови, и тоа е во ред. Претпоставката Ви е базирана и на челичната партиска дисциплина, прифатена како нормална (а не è !), која секое преминување на партиските линии од членовите го става надвор од здравата памет, затоа што е добро познато како штетно по здравјето (финансиско!) и кариерата.

    Меѓутоа едно е бранењето и релативизирањето на партиските ставови, а друго е она што го прават колумнистите од партијата на власт, особено во нивните последни писанија во кои го пробиваат плафонот на досега познатото партиско полтронство, сериозно му претат на добриот вкус и финално раскрстуваат со реалноста, со која и до сега не беа баш во најдобри односи.

    Прво би можеле да се договорат дали Македонија е во криза или не è, затоа што прво едниот нè информираше дека конечно се враќаме во нормала (само затоа што биле попаметни па попуштиле), за да недела-две подоцна другиот ни каже дека сме во состојба на постојана криза. Би било фино да знаеме. Некој можеби планира во пролет да кречи!

    Ова разидување е само предигра за хитовите кои следат!

    Веднаш во првиот пасус на својата најнова колумна, хиерархиски вториот човек на ДПМНЕ во Куманово, фројдовски и лефтерно не информира дека кризата е потикната (со едно Т) од криминалната политика која ,замислете, се манифестирала во сите сфери на општеството. Кога го пишувал ова секретарот сигурно не ни претпоставувал колку многу е во право. Уште не знам што да напише, нема да биде толку многу во право. Секако тој мисли дека манифестирањето го прави опозицијата, но тука има еден фактички и логистички проблем затоа што тој инсистира дека манифестирањето е во СИТЕ сфери, па поради тоа природно се јавува прашањето: кој тоа може да манифестира секаде? Зарем не е подобар кандидат за тоа организацијата со долгата рака?

    Понатаму секретарот се жали дека договорот од Пржино одземал внимание од реафирмацијата на граѓанскиот концепт. Навистина ваквите изјави од партиски функционери на ДПМНЕ предизвикуваат пауза. По паузата се јавуваат прашања. Како на пример, од каде потребата да се реафирмира граѓанскиот концепт и како тоа Пржино му прети на истиот?

    Понатаму секретарот алармира дека со Пржино се замрзнувал голем дел од институционалниот капацитет на државата и дека се суспендирала поделбата на трите власти. Ова е прашање на проценка и мислење и овој став е секако легитимен. Во контекст на ова би сакал само да прашам што мисли секретарот за ситуација во која министер за внатрешни работи има тефтер со подобни судии? Како мисли дека тоа влијае на независноста на судската власт? Во продолжение би можел да го каже и својот став околу воспоставување на партиски кол-центар во простории на министерство, по игра на судбина или можеби не, истото министерство каде што се наоѓаше тефтерот. И секако: каде е тефтерот?

    Затоа што од почеток постави високи стандарди, секретарот финишира јако со тоа што посочува дека дополнителните заменици министри, кои обидувајќи се да биде симпатичен, досетливо ги нарекува „ветозаменици“, биле поставени за да блокираат секакво предизборно корумпирање на гласачите. Овде оставам простор да се работи за некаква печатна грешка или некој лапсус затоа што никако не ми е јасно што тоа, било кој, би имал против таквите блокади. Дали навистина апсурдот отиде до таму што функционери на ДПМНЕ јавно почнаа да се жалат дека не можат на раат да корумпираат гласачи.

    На иста бранова должина со секретарот е и другиот колумнист кој рапортира дека признанија за успешната и посветена работа на Владата доаѓаат од сите страни, замислете од сите страни. Не само од некои, ОД СИТЕ. Како Ван Хауте да е дојден да го краде тајниот рецепт за успех на Никола, а не да воспостави принудна политичка управа и од време на време да лупа по масата до која седи и Никола. Седи зашто мора да седи. Седи и дреме.

    Пишувањето политички текстови кои се пласираат јавно е привилегија. Со неа оди и одговорност. Не можете просторот кој Ви е отстапен да го третирате како полигон за партиските писмени задачи кои служат за развеселување на пастирот. Како да е во прашање партиски конкурс за есеј и како успехот да се мери по должината на насмевката која ќе му ја предизвика на премиерот во заминување.

    Да си политички активен е добро. Добро е и да чуваш минимум пристојност.

    Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*