Нема барање кое не беше повлечено, нема црвена линија која не е помината, нема ветување кое не е прекршено. Премиерот и малата група луѓе околу него прифатија сè. Намерно не велам дека прифаќањето го направи партијата на власт, затоа што таа како таква одамна не носи одлуки за себе. Се уште не слушнав некој од внатре, гласно да размислува на тема, како дојдоа до овде, секако без употреба на излитените приказни за глобални заговори.
На просечен набљудувач може оправдано да му се створи впечаток дека политичките преговори имаа за цел определување датум на кој ќе добиеме исход, дека до тогаш нема да е познато што всушност се случи и уште поважно дека крајниот суд ќе биде носен на гласањето. Просечниот набљудувач за ова би бил грешка.
Ваквиот впечаток е моментално главниот медиумски производ на власта, пригодно продаван со попуст, во надеж дека нема да го забележите очигледното, дека нема да забележите дека момците преќутно ја прифатија автентичноста на снимените разговори кои беа обелоденети. Зошто инаку, по ѓаволите, суверениот лидер со тазе мандат, добиен на според него „фер избори“, би прифатил да ја даде својата омилена играчка на генералниот секретар на оние со кои најавуваше финална пресметка.
Единственото што остана е да се повикува на оној што нели никогаш не греши, народот. Ќе забележите дека овде сите ние, на куп, сме ставени под оваа надмината ставка, народ. Можеби овде и почна проблемот, на премиерот не му е јасно дека власта ја извршува врз нација, а не врз народ. Разликата не е семантичка, народот е нација без секуларност, без задолжително образование, без еманципација, човекови права и слично. Секако постои можност ова да не е неразбирање, туку да е аспирација.
Од народот не се бара одлука, од народот се бара покритие. Ако е прифатена интервенцијата од надвор, значи прифатени се и разговорите, прифатено е дагау, ортомите, ендеците, провизиите, запалените кафани, искршените штабови. И кое е барањето кое ќе му биде упатено на народот? Од него ќе се бара едно „пу пу, не важи“.
За тоа до каде е отидена работата, доволна е само кратка подповршинска анализа. Сите надежи се вперени кон на далеку прочуената „машинерија“ прифатена како легитимна испостава на партиската оператива. Целата стратегија за избори, отелотворена во машинеријата, се сведува на тоа дека тие се надеваат дека до сега доволно луѓе имаат купено и уплашено за да истите мораат да гласаат за нив. Затоа што никој веќе не смета дека ќе има значајна категорија на оние што гласаат од љубов.
Токму во овој правец е иницијативата на премиерот, задолжен за моралот. Секако зборувам за практичното и темелно документирано, формирање на Министерството за смешни прошетки, во кое премиерот оди по земјава како репортер за некоја игра на среќа и им соопштува на среќните добитници што им се паднало. Можете да си мислите дека ова е прагматично и итро, колку сакате. На потребата од ова се гледа со презир и тоа се прави само од неопходност.
Неразбирлива е и нивната идеја за разрешница. Победуваат на избори, стигаат честитките од сите релевантни државници, се запираат кривичните постапки (народот одлучил, што има тука повеќе да се каже), сите забораваме што сме слушнале и обединети почнуваме да чекориме кон нови успеси под водство на Великиот, возљубен и премудар лидер, или така нешто.
Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*