Имам чувство дека поимањето на демократијата од страна на нашата ни локална власт е некако „штуро“, без чувство за вистинско ползување на демократските придобивки. И можеби оваа мое чувство Ви се чини премногу нереално, земајќи в предвид дека зборувам за демократија во 21-от век, во една општина од демократска и европска држава, каква што неоспорно е Република Македонија, која патем речено од пред некој ден започна една нова форма на преговори со Европската Унија на високо ниво. Меѓутоа, ќе се потрудам со изнесување некои факти, да Ви ја доловам причината за оваа мое чувство, поконкретно, преку работата на Советот на Oпштината Куманово, каде непосредно учествувам како советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Советот е орган на општина Куманово, чии членови се бираат на непосредни локални избори, а со тоа мандатот го добиваат директно од граѓаните на општина Куманово. Имајќи го в предвид ова, тие всушност се претставници на граѓаните во овој општински орган и свесни од кај им произлегува мандатот, приморани се и треба да ги штитат нивните интереси, за разлика од директорите на општинските јавни претпријатија и раководителите на секторите во општинската администрација, кои се поставени од некого, па може да се претпостави и чии интереси тие штитат.
Но нејсе, ќе се задржам на работата на Советот. Според погоре споменатиот начин на избор на членовите на Советот, тој (или барем јас така гледам на работите) треба да биде чувар на демократијата во општината и своевидна арена за спротивставување на факти, идеи, проекти, и сл., кои ќе го подобрат живеењето на сите нас во општината. Така би требало да биде, така јас гледам на работите, но во реалноста воопшто не е така. Градоначалникот успеал да си обезбеди мнозинство во Советот, составено од членови на скоро десетина различни партии и задоволувајќи некои нивни лични барања (нема да навлегувам во детали), од нив направил своја гласачка машинерија, која безрезерно ја исполнува секоја негова желба, во вид на изгласување и поддршка на наразлични работи што тој или неговата администрација ги предложила. Згора на ова, опозицијата во Советот, претставена од ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партии, во континуитет е омаловажувана, дискриминирана во однос на опозицијата, не ретко замолчувана, со што е нарушен угледот и дигнитетот на Советот, се со цел, градоначалникот да биде претставен како најдобриот градоначалник во целиот свет! Но, сепак сметам дека најголемиот дел од вината за ваквиот начин на работата на Советот и нарушен углед, ја има претседатлот на Советот. Тој работејќи волунтаристички, по принцип на „двоен аршин“ за советниците од позицијата и опозицијата, односно давајќи и право на позицијата да зборува колку сака и кога сака, а додека на опозицијата, строго мерејќи и го времето и не давајќи и можност да дискутира во поедини моменти, не овозможува да се равие вистинска демократска дебата од која би произлегле квалитетни решенија на одредени проблеми од општинското живење. Но, уште пострашно е што неретко го крши и Деловникот за работа, па имало примери и кога морал да му даде збор на советник од опозицијата, за да постави процедурално прашање, а тој со дрски зборови одбива да му даде право на збор, право кое е загарантирано согласно Деловникот. Не ретки се ваквите и слични примери за кршења на Деловникот од страна на претседателот, кој е токму најповикан да го штити тој ист Деловник. Како последно што оди на негов „грб“, но и најстрашното од се е што претседателот ја крши и процедурата. Ќе го наведам и примерот кој се случи на претпоследната 62 седница, кога во два наврати, мониторот на системот за електронско гласање покажуваше поголем број на советници што гласале, одошто беа присутни во салата. Исто се потврди со поединечно гласање, но сепак претседателот не превзеде ништо за решавање на овој проблем, што ме наведува на размислување за валидноста на сите досегашни донесени одлуки од страна на Советот.
Сепак, ние од опозицијата несакајќи да молчиме пред овие флагрантни подривања на демократијата во општинскиот Совет, го направивме она што едниствено ни стоеше на располагање. Имено, на последната седница на Советот на општина Куманово, најпрвин побаравме да се стави точка на дневен ред за гласање на недоверба на претседателот, сметајќи дека сите советници имаат доблест и совест да ја прифатат оваа точка, со цел заедно да расправаме и да ги спротиставиме фактите. Но без никакво образложение, беше одбиен овој предлог од мнозинството на СДСМ и неговите сателит-привезоци, замислете, само да расправаме, па на крај нека одлучи мнозинството, онака како што е во секоја европска држава. Штом не сакаа да прифатат дебата, сметам дека сакаат да скријат нешто, нешто што не им одговора, нешто за што немаат факти за дискусија. На крај, бидејќи не ни беше дадена можност да расправаме за работата на претседателот на Советот, како последна шанса за поправање на работите, го повикавме претседателот самиот да си даде оставка, сметајќи дека чуствува некаква морална одговорност за сето погоре наведено. Знам погодувате, одби!
Ете затоа, почитувани читатели на kumanovonews.com имам чувство дека поимањето на демократијата од страна нашата ни локална власт е некако „штуро“ и сакав ова да го споделам со Вас...
Советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Куманово.
Бране Петрушевски советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*