Врамена слика. Скоро сите ја имаме по дома, како дел од ововременскиот аутфит во кој ни е стокмена животната естетика. Освен, секако, оние кои ни ја сликаат и ни ја дефинираат како мени во кое зјапаме збрлавени, истоштени и облечени во прашања на кои нема одговор. Оти толку е неверојатно, да се вика Можно ли е, а се презива Апсурд.
Во една слика, врамена во тежок рам, имаме дефиниција за комлетна деградација на здраворазумот.
Реформи. Програма. Прудентно. Ургентно. Релевантни извори. Први. Лидери бе. Заздравување. Ќе. 5%. 35 милиони. А вие кога бевте? Ќе. Градежништво. Уште 20 дејности со него, плочкарство, на пример. Роуд шоуa еден куп, уште на Марс фали да стасаме и да раскажеме што почва сме. Поголема динамика. Кој бе лаже и краде? 40 милиони. Дуинг бизнис. Субвенции. Форбс. Развојна компонента.
Транзиција. Уа. Буџетска потрошувачка ќе паѓа. Флексија на западен Балкан. Ќе. Стабилна фискална и монетарна политика. 100 милиона. 650 милини. 3 милијарди. Инстант министри. 6 милијарди. Тешко ѓаволски да се најде саглам инвеститор. Цел свет бе така. Ама ете тоа зоните се полни, процут невиден. Намалена потрошувачка = намалено производство. Ќе. Ефтини лекови од задутре. Контејнер. Супер кредитиен рејтинг. Ниски камати. Кој бе не е економист?
Поплави. Што канализација? Природа е тоа, што да се прави. Собираме багерите, кризата заврши. Кој останал несаниран, сам нека си се зачисти. Црвен крст собрал милион, се чека зелено светло да се подели. Еден месец после.
Богородица прославена со подвезици. Млади скокаат во здушен ритам. Пензионери вртат оро на излет. Влечат јаже и фрлаат пикадо. Олимпијада со сите нишани. Немаат за лекови, но насмеани се радуваат на 500 денари покачување без да здогледаат дека тоа го добива оти на друг му е земено и дека од тоа што го зеле треба да изранат уште троица кои седат невработени. Држат знаме во раката. Среќни.
Ултрамодерни брзи возови. Шини од минатиот век. Што се вика нова историја, инаку. Малку имаме проблем со тоа железницата, додуше. Ама ете. Ќе.
Студентски домови, секвенци од хорор филмови. Што се вика наредната година сите ќе се реновираат, инаку. Ќе.
Училишта без деца. Таму каде ги има, ги редат во шпалир за да минат оние другите. Училници без знаење. Учители како громови кои светкаат, а не бучат. Како фенерџии кои си ги заборавиле фенерите во подрум, па не им се виѓа. Не им се виѓа.
500 000 млади со кофери зад границите на ова прекрасно парче почва. Мафтаат мајките држејќи си ја дланката на срцето, да не препукне. И од други земја си одат младите, оти се флексибилни. Ете, куп шпанци како одат во Америка? Македонија била уште од мали нозе позната по гурбет, не е тоа од сега.
Раскрсници и улици препознатливи по досега невиден интензитет на погибии и по досега непочувствувано несанкционирање. Градат семејни трагедии.
Болници во кои не сакаш да влезеш. Хипократовите заколнувачи изложени на страв, втор ешалон нареден зад Првиот кој раскажува какви им се болниците. Ќе бидат уште поубави. Ете и по селата ќе ги има наскоро.
Гладни, депресивни, оставени сами и загрижени луѓе на кои сите заборавиле, плачат на телевизија. Отслик на поголемата слика, видлива , реална, болна.
Градови без воздух, без вода за пиење, затрупани со смет. Живеат таму луѓе кои не можат да дишат, кои пијат вода со ешерихија. Оти 21-ви век е.
Немоќни родители кои немаат време за своите деца. Сами градат светоглед кој нема да им помогне да ја втемелат исправноста во она што ќе бидат како луѓе. А и зошто би? Искривоколчените вредности се добар модел кој ги учи дека ништо веќе не е важно.
Да. Тоа е таа слика. Ја гледаме, ја живееме, ја чувствуваме. Може кој што сака да зборува, да убедува, да филува, да спинува, да сервира бајки како целодневни оброци за замајување на празниот стомак и центрифугираниот ум. Може кој сака да оптужува за песимизам, да раскажува умни флоскули во Семе синапово варијанта, да потсетува дека се е во главите и начинот на кој се гледа светот околу себе. Може кој сака да бае за раст, развој, соживот, знаење, напредок, реформи на сите страни, ултра успешна година која за некој месец си оди. Може кој сака да плука по стварноста и да се обидува да ја бои. Останува таква каква што е. Оти ова време - невреме ја потврди вистинитоста на онаа старата: Ако сакаш долго да владееш со луѓето, искористи им ги недостатоците, а не доблестите.
Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*