Паралелни корона светови

Елизабета Секирарска

И ете. Заврши полицискиот час, а слободата по која толку многу копнеевме (би рекла, како навистина да ја немавме), конечно ни се врати. Можеме да излеземе од сопствените затвори кога сакаме,  да седнеме на кафе по веќе отворените кафулиња и да се дружиме меѓусебно како и до сега–со гледање во телефоните и секако, со сликање и чекирање каде се наоѓаме, затоа што се стекна впечаток дека токму тие објекти се она што најмногу ни недостасуваше во овој мачен период на изолација. Од Корона амбиентот на живеење научивме многу нешта, видовме многу нешта, препознавме многу нешта и она што ми се чини најважно, ги видовме неколкуте паралелни светови, кои, секој за себе, функционираат на толку мал простор и сериозно се борат за примат кој ќе биде општоприфатен, поправеден и поточен во однос на другиот. Лута битка беше тоа, да. Се чини и дека сѐ уште трае и за жал, нема знакови дека во догледно време ќе заврши. Што видовме, всушност:

Првин, еден сериозен систем на здравствени работници, позиционирани во посебен свет, во најмачниот дел од  приказната. Директно изложени, огромен дел од нив максимално посветени, најзагрозени како борци на првата линија, исправени под страшните рафали. Истоштени, исплашени и тие, оти и самите имаат „дома“ каде некој ги чека, но се во беспоштедна битка со ужасов со кој светов за првпат се среќава во ваков формат.

Потоа, еден свет од освестени, лично и колективно одговорни луѓе, кои сфаќаат што се случува. Со својата поставеност кон состојбата онака како што таа самата по себе наложува, оставаат простор за надеж дека можеме да се справиме со нешто волку големо и непредвидливо, кое е просто застрашувачко.

Потоа, еден друг свет во кој живеат луѓе со поинакви хоризонти. Задоени со теории на заговор, полни со интензивен отпор кон вистината за постоењето на короната, верувачи во лагата, заробени во нејасните приказни за чипирање, инвазијата на мигрантите и мистериозните мрежи кои убиваат. Сигурна сум, исплашени се и тие,  оти сите се плашиме од тоа што не го разбираме, но така поставени, го смалуваат просторот за надеж кој го спомнав погоре. За жал.

Потоа, уште еден друг свет во кој живеат луѓе, препознаени како борци и докажани сопственици на ум и хоризонт, кои колку и да сакате, не можете  да ги спорите. Се препознаваат по чуден, гласен  бунт во името на слободата, заради кој домата е идентификувана како затвор, а тие како робови кои со сѐ децата и милениците, трпат терор.

Како функционираат овие паралелни светови во истиов наш мал универзум? Што е она што исплива на површина и покажа кои сме, какви сме, какви треба да бидеме?

Светот на лекарите, пред сѐ. Предводени од човек фатен во клинч со сериозно заболен систем, (не дај Боже да го пофалите, оти веднаш се изложувате на опасност да ви го пратат дома заради степенот на обожување), и самиот мошне посветено исплукан по сите основи и покрај тоа што гледаме со што и како се соочува, извлекоа, би рекла, максимум од веќе многу време максимално деформираниот здравствен организам. Ако се сака да се биде чесен, треба да се изговори дека пандемијава е сериозен предизвик и за многу посилни системи од нашиов, како што гледаме, поради што овој свет треба да се подигне на пиедесталот заради начинот на кој навлезе во рингот. Нокаути, да. Повреди насекаде, да. Мачни и трагични завршници, да. И уште не е готово. Но не се предадоа и не ги кренаа рацете од нас, вакви какви што сме си. И сѐ уште не ги креваат, иако нештата врзани за однесувањето на луѓето одамна се покажуваат како јасни, а со самото тоа и дефинирани како тешки за излекување.

Светот на освестените, потоа. Луѓе кои носат маски, држат дистанца, седат дома и за кои и препораката е доволна. Не копнеат по Шведска, каде ете, луѓето се слободни и ете, таму нема тортурa од една едноставна причина–знаат дека тука не живеат Швеѓани и знаат дека и тука даваат сѐ од себе за да бидеме добро–сите. Со тоа што тие се, даваат пример како треба, иако и самите многу често се изложени на деградирање, потсмев и иронија.

Светот на сопствениците на поинаквиот хоризонт, потоа. Вечните преобликувачи на вистината во лагата, „колначи“, блујачи на пцости и секако, најголеми верници. За нив нема ваква болест, сѐ умира и онака, кој почине се пишува дека починал од корона, а тој од нешто друго си заминал кутриот, а и лекарите се за никаде. Со тоа што се, даваат пример како не треба–за жал. Овој свет е многу голем и како во филмовите, засега многу посилен од светот кој нуди друг прозорец. Оној од кој навистина се гледа што се случува.

Светот на умните борци, потоа. Носители на разочараност, исклучиви посочувачи на лошо сработеното, идните негласачи. Дефинирачи на мерките како несоодветни, какви и да се. Не знам како пример даваат, но имаат право на свој свет како и сите ние. Секој од нас си знае зошто си го нашол местото таму каде што е.

Тешки се ова времиња, да. Короната е сѐ уште тука. Ние сме уште тука, такви какви што сме. Заканите по нас како живи, пред сѐ, се тука. Заканите пред нас и како луѓе, исто така. Станува дегутантно веќе во битката меѓу световите да се зборува за исправност, ако таа едноставно не е видлива. Ако глобалното клекнување на колена пред ова чудовиште не е факт, ако оние што за жал, веќе не се меѓу нас не се факт, ако потребата да се внимава не е факт, ако напорот, трудот и заложбите на лекарите не се факт, ако како факт не ја гледаме потребата својата лична разочараност од различни аспекти, да ја ставиме во втор план заради поголема цел, тогаш битките продолжуваат. Впрочем, и постоењето на световиве секој за себе, наместо, заради заканата која за секого од нас важи, заедничко креирање на еден свет за сите, кој ќе значи поддршка, почитување на сработеното, помош во намалување на ударите, свесност, освестеност и лична и колективна одговорност-доволно зборува. Уште не е готово. Се чини дека допрва имаме ужасен предзивик пред нас.

Да се обидеме да бидеме подобри луѓе. Доволно ќе е.

Елизабета Секирарска

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*