Се викам Учител. Безмалку четвртина век сум во училницата. Многу генерации, бројка на млади која достига речиси 5000 се дел од мојот живот, парче од мене кое се мери со душа, љубов и посветеност. Сета онаа енергија, желбата да се вградам во умот на детето кое расне и зрее со мене и чувството кое го носам со себе како професионален багаж толку многу време, ми дава за право и ми се поставува како професионална обврска, да говорам за сите воспитно-образовни деформации кои ја следеа и креираа најодговорната, најспецифичната и најсуптилната сфера од севкупното општествено живеење - образованието.
Од каде да почнам? Од каде, кога за жал, може книга на образовни апсурди да издадам? Писаниево ми доживеа многу трансформации и дополнувања од една едноставна причина:нештата се толку сериозни и со далекусежни последици, да станува јасно дека ми треба многу простор за да ги опфатам, поврзам и дефинирам сите како целина, што ќе даде јасна слика за тоа од што ни боледува најубавата професија, која создава луѓе. Треба да ги создава.
Ако треба да бидат сублимирани барем дел од зафатите кои се покажаа како грешки во чекори на главните играчи, за почеток би рекла дека воспитно-образовниот терен предолго е арена на нефер игра, без почитување на правилата на истата и со оправдан сомнеж и страв на фелата дека ќе остави тешки професионални последици. Многуте необмислени чекори кои се воведуваа во континуитет, без дефинирана визија што со нив треба да се обезбеди, без соработка со базата која најдобро знае како нештата ќе се одразат на воспитно-образовниот здив во училницата и без претходна суштествена анализа на последиците од нивната имплементација, резултираа со систем фрлен на колена и сериозно искривување на образовниот р`бет, кој треба да го држи здрав и исправен целиот организам преку кој живее и опстојува секоја држава. Оти не случајно се рекло: "Ако таму каде што живееш нема кројач, ќе нема кој да те облече. Ако нема чевлар, ќе нема кој да те обуе. Но ако таму каде што живееш нема вистински учител, тебе ќе нема."
Нејсе. Ќе започнам со учебниците. Секој наставник знае дека квалитетот на образованието зависи и од квалитетот на учебниците. Нивниот квалитет, пак, се мери според тоа колку тие ги исполнуваат барањата предвидени со концепцијата преку која треба да се изготвуваат, како и според тоа дали и колку ги содржат дидактичко-методските вредности неопходни за учење и развој на ученикот. Според својата конструкција и начинот на кој ги прикажува содржините, учебникот одредува со колкав успех ученикот ќе може да ги совладува тие содржини, а истовремено има силно воспитно влијание, со што се мери и неговата педагошка вредност. Ако ги погледнеме повеќето учебници од кои нашите деца учат, а кои се воведоа како извори на знаења последниве години, ќе се соочиме со сериозно девалвирање на образовниот систем, заради тоа што истите се полни со погрешни факти, со неточни информации и со искривени вредности кои идеолошки индоктринираат цели генерации. Долга и широка тема, која бара посебна и сериозна опсервација на стручната фела. Што поскоро.
Понатаму, концептот на фамозното екстерно тестирање. Овој механизам се преобрази во воспитно-образовен гаф од ендемски вид, етаблиран само во македонскиот образовен систем и никаде повеќе, со далекусежни последици и по учениците и по наставниците. Многу е зборувано и пишувано на оваа тема, но и понатаму се занемарува фактот дека во здравите образовни процеси, овој концепт се користи само за откривање на слабостите на системот и барање решенија за негово подобрување. Останува да тежи фактот дека генерации ученици поминаа низ овој монструозен систем, го формираа и усовршија аспектот на снаоѓање до ниво на уметност и научија дека наученото им се мери преку едноставно фактографско (не)усвојување на податоци кои немаат врска со тоа колку навистина знаат. Оти од нив не се очекуваше да знаат на начин кој ќе им помогне да научат да мислат и да бидат некој кој знае, умее, љуби да знае и сака да научи да умее. Некако и не е најважно ќе се укине ли, ќе се трансформира ли во некој друг формат, знаете. Поважно е како да им се објасни на оние кои го истрчаа овој невидено погрешен маратон, дека трчале по крива патека и резултатот не е оној кој тие го заслужуваат. Оти се научија како не треба и што е уште пострашно, се научија тоа да не им пречи. А пред нив им се распослал Живот во кој треба да препознаваат што е неисправно. Тоа да им пречи и против тоа да се борат.
Понатаму, аплицирањето на искуствата на туѓите воспитно-образовни системи. Овој зафат се правеше и се уште се прави толку автоматски и толку без да се води сметка за тоа дали македонската образовна „почва“ може да го прифати, да е просто непојмливо. Таков е примерот со Кембриџ програмата во основните училишта, со тенденција наскоро да се етаблира и во средното образование, без претходна анализа на подготвеноста за таков зафат.Така добиваме дете од 8-9 години кое учи наставни содржини кои не е во состојба да ги разбере, плаче над учебникот кој го доживува како непријател оти не може да здогледа што бара од него и конечно, добиваме дете кое гради став кон училиштето кое наместо да го гради и креира, го плаши и не му овозможува да го сака, иако најубавите години ќе му поминат во него. Баш така - ќе му поминат. Наместо да му поминат.
Понатаму, низата алатки од административен тип кои прераснаа во механизми за оптоварување на наставниците и нивно оддалечување од базичната работа со деца - електронскиот дневник, на пример. Бдеење, нервози и стресови заради кои стана поважно дали во дадениот, најчесто невозможен рок, ќе се успее да се внесе се што е потребно, отколку дали сме во состојба кога ќе застанеме пред учениците да ги држиме "до себе" во секоја смисла - како учители, како втори родители. Како некогаш. Кога бевме она што учителствувањето го подразбира. Она заради кое и станавме учители.
Понатаму, реакцијата на надлежните во однос на јасно и оправдано изразениот револт на наставниците и учениците. Говорам за времето на штрајкот на наставата во периодот кога безмилосно се инсистираше на имплементацијата на реформските зафати, а кога гласноста на чинителите резултираше со закани, со невидени поделби и завземање страни, со "удари" по вилица за да се замолчи, сo досудување фаули без основ и со етикетирање какво не се памети. Но она што боде очи на секого кој сака да види - покрај се, всушност паѓаа автоголови. И тоа какви. Затоа што ако се носат законски решенија со кои апсолутно се изместува педагошкиот, дидактичкиот и психолошкиот аспект на наставата, а наставникот и детето се ставаат во подредена положба на беспоговорен прифаќач на експериментите кои покажуваат очигледни слабости, до кога се смета дека тие ќе молчат? Затоа што сите проговоруваат бидејќи сакаат да биде подобро и од ниту една друга причина, колку и да се сака тоа настојување да се прикаже сосема поинаку. Многу професионален и личен, неоптоварен со суета габарит им е потребен на надлежните, кои да се, за да можат да го здогледаат овој факт. И да го почитуваат, секако.
За воспитно-образовната деценија зад нас може и треба многу да се зборува. Просто е невозможно да се опише како училницата изгледа денес и колку е мачно кога влечеме релации дефинирани како некогаш и сега. Пак ќе кажам - сериозни заболувања бараат сериозен третман. Пред се, длабинска анализа на стореното, одмерување на тежинатата на последиците, поставување на дијагноза и вклучување на лекари кои знаат каква е воспитно-образовната анатомија и кој лек ќе даде најдобар резултат. Многу сериозна работа. Секако, она што сепак сметам дека е најважно да се направи: да ги учиме и научиме нашите деца како родители и наставници, дека нештата не се лоши само ако се лоши за поединецот, па лично го здоболат. Лоши се сами по себе и треба да се има свест тоа да се здогледа и да се застане во одбрана на она одамна загубеното - исправното, вистинското, прецизното, она што ќе го даде вистинскиот ефект наместо импровизацијата во која живеат. Го заслужуваат најдоброто нашите деца. Пред да стане предоцна. Пред нови децении од кои ќе нема назад.
Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*