Не сте во право. Ќе кажете дека зад вас стои поголема бројка, но сигурно дека нема да сте првата мнозинска група на луѓе која не била во право. Овде зборуваме за вистината, а за неа не се гласа.
Поголемиот дел од вас најверојатно мислат дека можат да се извлечат со ова. Дека нивното поведение во недела ќе помине туку-така. Полека не се возбудувајте, не мислам на партиски реваншизам. Мислам на последиците од вашите размисли или недостатокот од истите. Она што го направивте во недела или дозволивте да биде направено ќе мора да се плати. Ќе го платиме сите, на еден или друг начин. Нормалноста овде можеби е на историски минимум, но сепак не е доволно ниска за да можете да гласате за некој за кој постојат високо веројатни докази за криминал и тоа да не ви биде наплатено.На тој начин вие всушност орате по непишаните правила за национална солидарност и самото присуство на зборот единство во името на партијата на власт го издигнувате на ниво на перверзија. Што мислите дека ќе му направи на националното ткиво гласањето за партија која си го брише задникот со 300.000 опозициски гласови?
Поради ова опозицијата ќе ги бојкотира институциите. Конечно! Бојкотот е најавен и не можеме да знаеме што ќе се случува во месеците што следат, но на него ќе мора да се опстане. Најголемата опасност за опозицијата во моментов е небојкотирањето. Блокирањето на политичките процеси е далеку од идеално, но е единственото што во моментов има смисла. Ние не смееме да дозволиме да бидеме водени од стравот на глупавите луѓе. Победа на избори спроведени според нивните правила не само што не е можна туку е и штетна, не би и вредела на опозицијата ништо. Како единствена релевантна опозиција СДСМ мора да помогне забревтаната вмровска машина да удри во ѕид. Во општеството да се случи своевидено економско-социјално и правно-институционално крешчендо. Опозицијатa не треба да ја бара главната улога во последната епизода од модерната македонска стрипирана историја, која секако нели, мора да му припадне на Коља. Меѓувремето од друга страна треба да биде искористено за прочистување на лошата опозициска крв кое имајќи ги предвид околностите во најголем дел ќе биде направено само од себе.
Турбо-фолк политичкиот монструм на власта мора, за жал, да ја изоди својата траекторија. Мора да има епилог кој ќе го создаде самиот. Во спротивно ќе остане да виси во воздух како легитимен концепт кој во иднина може да биде повампируван. Последиците од него, истотака за жал, мора да им влезат дома на неговите гласачи за да станат фактор во изборниот процес. Само така не ќе мораме апстракно да објаснуваме зошто сето ова е неодржливо. Секако дека овој процес може да биде „помогнат“ и „поттикнат“. Бојкотот е во тој правец.
Нашиот проблем би бил помал да е само политички. Она што можете да го видите во политиката, за жал, може да го видите скоро секаде. Редефинирајќи ги нашите основи некаде по пат направивме доблест од незаинтересираноста. Таа стана скапа и приуштива само за привилегираните. Премногу од нас споредуваат нешта кои не се споредуваат, во обид да направат алиби за својата рамнодушност. Веројатно најголемиот дострел на актуелнава политика е пасивизирањето на општествените процеси по сите основи. Тешко дека тоа е несакана последица. Многу работи можат да поминат ако успеете да ја успиете нацијата.
Сепак има 300.000 граѓани кои недвосмислено се против. Ниту ќе се поколебаат, ниту ќе отстапат. Ова е групата на луѓе која ги продуцира сите важни одлуки од самостојноста до денес. Одлуките секако дека не се совршени, но мораa да бидат донесени во дадени моменти, а никој друг не сакаше да го прави тоа. Ова се потомците и на оние, единствените, кои во нашата модерна историја направија конкретен резултат. Оваа група на луѓе повторно ќе го направи она што мора, во тоа не се сомневајте.
Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*