×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Доза понеделнички муабет во фазонот „Шоуто на Труман“

    Елизабета Секирарска

    За што би можеле да си помуабетиме денес? Со оглед на тоа дека летото, како синоним за малку повеќе слободно време е во својот полн ек, си помислив колку многу луѓе го поминуваат пред монитор, во еден моќен виртуелен свет во кој се живее паралелно со реалноста, како двајца соседи кои се гледаат отспротива и се убедуваат кој има повеќе. Да, моќен е тој механизам на социјалните мрежи, заради кој сме подготвени да живееме соголени во него, да споделуваме дел од себе, својата мисла, својот копнеж, својот успех, неуспех или чувство како доброволни актери во шоуто на Труман  – веројатно во надеж дека некому му е навистина гајле за тоа. Ако веќе има се помалку такви луѓе во нашите реални животи. А има.

    Што е тоа за кое зборуваме во оваа виртуелна зона, како стари пријатели, без задршка, без товарот на познатост на карактери, ставови и однесување? Фејсбукот е идеален за тоа и се етаблира веќе многу време како простор за  автохтон израз и градење на зона која ќе си ја наречеме слободна за секој да си каже што мисли. Секако, се додека тоа мислење се совпаѓа со мислењето на мнозинството муабетчии.

    Еве, најубаво се муабети за времето, на пример. Идеална тема, секогаш актуелна, безопасна по секого од учесниците во муабетот затоа што никако не може да се добие етикета на ваков или онаков. Притоа можеби ќе ни олесни ако имаме главоболка, депресивни сме, топло ни е бидејќи е јули, или ни студи бидејќи е јануари. Секогаш ќе се појави сроден патилец кој ќе се пожали на истите тегоби, па меѓусебно ќе се утешиме со помислата дека не сме сами. А и ќе отепаме некој час од денот висејќи пред монитор. Наместо муабетот со соседот од карши, со кого ќе го испиеме утринското или попладневното кафе, зборуваме со луѓе кои не ги познаваме.

    Многу се зборува и за музиката. Секој ќе си постави нота по свој вкус и ќе разменува со други ист музички филинг, ќе си прати срценца, подигнат палец угоре или смајли во знак на разбирање и иста бранова должина. Наместо седенка со пријатели, со кои ќе слушаме музика која и не е важна, бидејќи сме заедно со чаша вино и убав, пријателски муабет, делиме ноти со луѓе кои можеби и не ги сакаат истите.

    Поскапувањата, на пример. Фантастична тема, со оглед на драматиката во зачестеноста и трендот. Ќе заклучиме заеднички дека е срамота, дека е многу лоша работава, но дека ете, немоќни сме и никој за ништо не не прашува. Споро и неубедливо ни оди канализирање на реакцијата бидејќи сепак излегува дека и не ни е доволно тешко. Уште се може со товарот, дури и на угорнина. Ќе почекаме некој друг да стави пост на оваа тема, воодушевено ќе го лајкнеме во знак на иста судбина и потоа ќе зјапаме во паричникот, чиишто празни, отворени усти морничаво ни се смеат влице. Наместо артикулирана реакција за борба против се потешките услови за живот.

    Зборуваме и за политика. Тука сме мајстори. Сите ја бистриме, за да на крај излезе дека различните ставови по едни исти горливи прашања, а за беља, секојдневно ги живееме како диригирана рамка, значат само едно: ако не си со едните, тогаш си со другите. Така стануваш предавник, а тоа што ти е тешко, едвај преживуваш и имаш потреба да кажеш што те мачи и да се обидеш да наметнеш позиција од која ќе се гледа дека е ТВОЈ став како ГРАЃАНИН, значи само едно: ти си комуњар. Ем уа за тебе оти не го разбираш трендот на барок, задолжувањата за глупости наспроти осиромашувањата и така цврсто втемелената флоскула “барем се гради.” Наместо здрава поставеност на погледи на сите нас во кој правец ние всушност, кутрите, се движиме,  зборуваме со луѓе кои немаат исти хоризонти и свесно се нервираме самите себеси.

    Хуманоста, на пример. Така експлоатирана тема која спаѓа во оние за кои многу се зборува и заради која градите ни се црвени од удирање по нив. Секојдневно се намножуваат во ова тешко време во кое здравјето стана луксуз, а ние хуманите ги споделуваме по нашите ѕидови, повикуваме на хуманост, лајкнуваме и потоа немо ги гледаме истите линкови со квалификатив “итно” како се вртат со месеци. 100-те денари се многу за да собереме сила да подзастанеме и да помислиме дека таков ужас може да го снајде секого од нас. Наместо широко срце кое ќе биде отворено без размислување, глумиме луѓе.

    Здравството, секако. Ама и таму е се во ред, нели. Дискутираме дека купивме душеци, нови пижами за пациентите кои чекале термин со месеци. Ете ма, има и опрема, најнова. Има и лекари,а ма ќе треба да доучат оти џабе учеле толку, ништо не знаат. Ем треба да учат и комуникација со пациентите, за да тогаш кога ќе успееме да ги најдеме бидат насмеани и да ни се обраќаат со “ Господине пациент.” Наместо здрава професионална реакција на белиот мантил, кој молчи додека му се распаѓа системот за кој учел и се арчел себеси толку години, ние заталкани низ ходниците, тука раскажуваме колку нештата не чинат. Ако преживееме.

    Секако, меѓунационалните односи и соживотот. На почва каде не има многу, а сите сме исти во својата различност – луѓе со егзистенцијални проблеми кои на ист јазик се гладни, многу убаво си муабетиме на фејсбук. Една невидена разделеност до ниво на апсурд, зачинета со страв дека ете, од што не се разбираме може и пак да пукнеме. Наместо она за кое многупати зборувам: полесното обединување околу злото, наспроти обединувањето во борбата против него, кое лице и да има.

    Образованието. Моја тема. Омилена. Еве ја новата учебна година на прагот – јули истекува, а кога дојде 2-ри август, летото завршило за нас даскалите. Тука се расправаме околу напластените и се повеќе мултиплицирани проблеми од кои не можеме да се спасиме, ама ете – излегува дека и тука е во ред. Барем има реформи, што. А ич? Сега преку лето набрзина ќе се санираат оние катастрофални услови во кои децата учат, ќе ставиме нови прозорци и врати, санитарни јазли, па нови WC-а. Па се е во ред, колегите велат. Па корисен е е-дневникот, мора да сме во тек со технологијата, како така. Па што им фали  на учебниците? Екстерното? Најдобар можен апарат за прецизно вреднување на квалитетот на наставникот. Баш убаво си се исплукаме тука.  Наместо здушна, здрава, професионална одбрана на фелата која со сите сили ќе се бори за децата, ако не за себе.

    Семејството и семејните вредности, секако. Сите ставаме слики од нашите деца како потврда дека нешто сме направиле добро. Сите се гордееме со нив – и треба. Наши се. Дефинираме родителство додека ги раснеме и сакаме тоа да го споделиме со другите. Можеби е во ред. Ама сепак - наместо повеќе време со нив повеќе поделени компаси како родителски подарок. Наместо она што еден мој умен ученик така убаво го постави како суштинско прашање: Зoшто родителите љубовта и бакнувањето го кријат пред децата, а кавгите и навредите ги сервираат пред нивни очи? Зошто забораваме дека она што сме го создале ќе биде такво какво што сме го создале и какво што му помагаме да биде, учејќи го дома, на своето?

    Да, чуден е овој виртуелен фејсбук свет, нашиот паралелен универзум. Можеби времето на отуѓеност и свесното прифаќање на доброволниот аутизам зад затворените врати како неизбежност, го прават своето. Можеби фејсбукот е неопходна алатка за сокривање на нашата немоќ да го смениме она во што сме се престориле, кој знае. Можеби ни е полесно да живееме живот каков би посакувале, наместо да се избориме за него.

    Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*