×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Поглед во огледало

    Елизабета Секирарска

    Ајде да зборуваме за образованието. За она што му се случува. За сериозните деформации кои го изградија како систем кој наместо да обезбеди исправна општествена перцепција, да биде форма на позитивна социјализација, да се базира на усвојување на валидни правила и општествени вредности, да служи за менување на општествотото на подобро и да биде механизам кој ќе ги продуцира креаторите на промените на подобро, се претвори во обезличена, грда и апатична алатка која си служи самата себеси и не обезбедува поширок општествен, културолошки, едукативен  и воспитен ефект.

    Ајде да зборуваме. Гласно и реално. Да видиме уште еднаш што сме дозволиле да се случи.

    Здодевни училишта. Апатична средина која шири реа на немотивираност, притисок и сервирање на искривени вредности.

    Синоним за мачно секојдневие во кое и ние и нашите ученици, заеднички битисуваме без жар, енергија и вистинско препознавање на важноста и мисијата на институцијата училиште.

    Како наставници, оптеретени со обврските кои не притискаат и умеат да не оддалечат од вистинската, благородната задача - работата со деца, склони сме по којзнае кој пат да ја дефинираме состојбата како неиздржлива, да потклекнуваме пред предизвикот да не им дозволиме на децата да станат летаргични, незаинтересирани и она што е најеклатантно, недисциплинирани. Се почесто сме немоќни да најдеме модел кој ќе биде не сам по себе санкционирачки, туку советодавен, правилно одмерен и во функција на превенирање, а не во функција на немоќно дијагностицирање на нештата и целосно изостанување на соодветна терапија за веќе хроничната состојба, која во училиштата предолго трае и остава несогледливи последици.

    Повеќе од две децении од мојот живот вложени во градбата на многу млади, во креирањето на нивните погледи на свет и ставови кон учењето, осознавања и вредности како важен градбен материјал, ми дава за право да бидам сериозно загрижена и немо исправена пред бетонскиот зид од летаргија, апатија, прифаќање на лесните, куси патишта кои даваат брз резултат наспроти оние потешките, посодржајните и вистинските, кои по излегувањето од средношколските клупи ќе го направат младиот човек сигурен дека знае и може да се соочи со предизвиците на студентскиот живот, или пак со оние кои му ги дефинира работното место.

    Но, сепак, истите тие две децении не ме амнестираат од одговорност и не ми го даваат правото да барам алиби за ова што се случува само кај децата и надвор од реалните аспекти на, за жал, се повеќе дисфунционалните семејства од една страна, сменетите репери за тоа што е вредно и на цена од друга, како и на сосема погрешен начин детерминираните образовни текови, од трета страна.

    Не би било чесно и да ги етикетирам учениците како единствени виновници, како некултурни млади луѓе кои без пардон демонстрираат непочитување кон нас и целосна неодговорност кон себеси и своите обврски.

    Точно е, тоа е реалноста. Само оној кој денес е наставник знае со што се соочуваме секојдневно и колку станува тешко да се издржи на нозе систематското уривање на достоинството, напорот да се сипе знаење во умови кои тоа не го сакаат, не го препознаваат како потребно и да се прифати дека се помалку се успева да се биде ценета фигура, со статус кој некогаш беше привилегија и служеше за почит.

    Но, за да се сменат нештата, не е доволно дислоцирање на вината, бескрајното  утврдување на состојбите, потенцирање дека не функционира триаголникот родител-дете-училиште, креирање квази активности кои нудат контра ефект, кукање дека некогаш се живеело поинаку и дека денес, во времињата кои се викаат нови, промената означува нешто сосема друго - целосен колапс на образовниот систем обременет со квази достигања кои не даваат резултат.

    Сите сме дел од еден разнишан систем и јас би рекла дека голем дел од вината се должи на неколку нешта кои се провлекуваат предолго и кои сега, во комбинација со затајувањето и на другите системи од живеењето на младите, за кои ќе зборувам во друга прилика, стануваат огромни и несовладиви.

    Можеби сепак, треба да си поставиме неколку прашања, за да ги добиеме вистинските одговори. Имаме ли и ние вина во приказната? Колкава е таа? Каде ни е професионалното огледало?

    Да речеме вака:

    ****не сме ли ние виновни ако ги учиме децата дека она што ние им го велиме или го правиме е единствено точно? (неретки се ситуациите во кои многумина од нас во улога на наставник, кај детето го гушат правото да каже дека мисли поинаку, што значи дека нашиот авторитет го позиционираме како адреса на исклучива исправност. Тоа треба да си го признаеме). Доцниме на час, а го запишуваме ако тој доцни. Ни звони мобилниот на час, а нему му го земаме телефонот. Ѕирнеме во нашите тетратки кога предаваме, а нему не му го дозволуваме тоа кога одговара. Со тоа придонесуваме, ако е во пониските одделенија, да не научи да размислува критички и кога ќе порасне нештата ќе ги прифаќа молкум, свесен дека не се во ред и дека му тежат, ама нема да ги менува. Ќе биде дел од системот во кој ќе функционира како и ние возрасните сега - несреќен, замолчен и исфрустриран. Ако пак е веќе средношколец, со наметнување на авторитетот како извор на моќ, предизвикуваме револт бидејки го притискаме, а тој по природа на својата возраст има потреба да покаже дека умее да мисли. За возврат добиваме дрскост и недисициплина со која мачно се справуваме, или пак онаа друга манифестација на истото однесување - спиење на час, гледање низ прозорец и игнорирање на нашето присуство (истото умееме и да го прифатиме со олеснување, затоа што сме склони да го третираме како дисциплина, занемарувајќи го фактот дека во тие моменти,  детето не е со нас) Му нудиме модел на прилагодување кој само го прави фрустриран и несреќен, затоа што е доволно само да погледнеме околу себе за миг и ќе здогледаме што сме направиле во рамките на воспитната компонента во нашите училници. Образовната пак, е посебна приказна.

    ****не сме ли ние виновни ако дозволивме да заболиме од колективна амнезија во поглед на фундаментот на она што треба да сме - преносници на знаења, градители на светогледи, лекари - крпачи на  скршени младешки мечти, рибари - фрлачи на мрежи кои ловат емоции, војсководци - покажувачи како се брани вистинското во животот, втори родители? Петнаесет во едно сме ние. Сто во едно. Заборавивме. Им дозволивме да не бидеме.

    ****не сме ли ние виновни ако сме дозволиле да ги вреднуваме децата според принципот „наученото е повторено како што пишува„ а не “„наученото е она што ти го разбираш, иако не е напишано?” Загинавме одејки по семинари за оценување, методи за интерактивна настава, осовременување на процесот на учење, а не мрднавме ниту педа од стегите на класичните приоди и во наставата и во оценувањето. Дозволивме да не вратат назад. Постигнавме и оние ретките кои својот ентузијазам го вложуваат во своите училници да не бидат разбрани од учениците, кои навикнати на монотоното секојдневие тој напор го чувствуваат како непотребен и го осудуваат, наместо да го наградат со тоа што ќе го прифатат. Постигнавме да се осудени  и на неразбирање од колегите, кои  го заборавиле колективниот дух на прекрасната ни професија и заглавени во образовното мочуриште, го губат од вид фактот дека бранови се прават само заеднички, со силни професионални замавнувања со веслата. Колку и да е мочвара. Колку и да е устоено. Колку и да е плитко во сета своја длабочина.  Со тек на време, ентузијазмот се губи и таквите наставници се стопуваат со масата интелектуалци кои својот просветарски габарит ќе го уништуваат на тивок оган и ќе чекаат да одат во пензија. Ако доживеат.

    ****не сме ли ние виновни ако дозволуваме да ги изгубиме децата во лавиринтите на административните глупости кои ги прифакаме молкум, трпиме закани иако сериозно и одговорно си ги извршуваме? Толку ли сме исплашени да заборавивме дека сме дел од најинтелеткуалната работа – создавање на умови? Зошто екстерното тестирање? Не умееме да оценуваме? Зошто се уште и пак и пак и пак не продолжуваме да бараме објаснување како тоа со екстерното тестирање се надминува ете, притисокот над наставниците да пишуваат незаслужени оценки, се брани нивната објективност и ете, се подига квалитетот во образованието, ако овој монструозен механизам со години етаблира три несоборливи тези:

    1. не сум бил кај вас на екстерно, професорке,  што има врска што ќе ми пишете,

    2. знаеш ли кој му е татко на тоа дете (како да она мирното, за кое нема кој да потрча и на кое му фали една оценка да биде одлично е ничие)

    3. не ќе се шинеш ако пишеш повисока оценка, ти па што си па.

    ****не сме ли ние виновни што забораваме дека училницата е начин на живот, арена на умови? Зошто заборавивме дека си ја знаеме својата работа и дека сме таму од други причини? Зошто без реакција работиме по апсолутно небулозни учебници кои не се соодветни за возраста на децата? Забораваме ли дека ние сме тие кои треба да реагираат ако детето треба да учи од помагало кое не е во состојба да го разбере? Забораваме ли дека имаме стручни тела кои имаат мисија да дебатираат за нештата кои се покажуваат како проблематични во сферата во која имаме за задача да продуцираме редок, вистински „производ„ со сите нишани? Забораваме ли дека доколку образованието би било производствен капацитет, тогаш "производот" кој го исфрламе како готов на пазарот после 4 години "производство"  нема да се продаде, од проста причина што операциите низ кои процесот минувал не биле како што треба?

    Да, здодевно им е нашите деца. Тешко им е да се најдат себеси онаму каде треба да пораснат. Да научат. Да созреат. Здодевно и тешко ни станува и нам. Продуцираме ненаучени, фрустрирани, несреќни млади луѓе кои не фрлаат во очај бидејки немаме решение. Заглавени сме во соба без врати и со затворени прозорци, а се лутиме што тешко дишат. И тие нам ни се лутат бидејки не можат да сфатат зошто дозволуваме такво страотно колективно задушување.

    Да го употребиме огледалото. Сакале да признаеме или не, нашата апатија се рефлектира. Се чувствува и го креира амбиентот за работа.  Затоа и немаме право да им се лутиме како на единствени виновници. Точно е - невоспитани се, не учат, не почитуваат, не го сакаат училиштето. Но сепак - тие се последицата. На нас останува да се позанимаваме со причините, додека, ако веќе и не е, не стане предоцна.  

    На нас останува да се бориме за она што образованието беше  некогаш, кога наставникот со горда насмевка ги гледаше плодовите на својот напор да биде модел за однесување со сите нишани, затоа што имал години од себе дадени за децата и тие тоа го знаат. Го ценат и подготвени се да се поздрават со него затоа што го препознаваат како втор родител, неретко и прв. Како оној кој ги научил да бидат цело - ум, став, знаење, култура, воспитаност, цврстина, подготвеност да бидат луѓе.

    На нас останува да си одговориме зошто одамна веќе не е вака. Зошто многу време целосната системска поставеност на најубавата професија на свет е деформирана и исфрлена од вистинските образовни трачници и нашите деца талкаат, небаре се кутрите азиланти во потрага по Земјата на знаењето. А ние, еднакво  кутрите, небаре сме машиновозачите кои трескавично свират со полуглувите свирки за да ги иставиме од пругата, немоќни сила да собереме да го сопреме возот, да се симнеме, да ги фатиме за рака и да ги вратиме онаму каде што некогаш умеевме да возиме - на пругата за брза, ведра, умна и среќна линија.

    Притоа, на оние кои упорно не ставаат на крив колосек јасно, недвосмислено и обоени исклучиво професионално да им речеме само едно:

    "Господа, ова е крив колосек. Ние се иставуваме од него и  ги водиме децата со нас. Доста беше. "

    Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*