×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Единаесет дена Учителска република

    Елизабета Секирарска

    Многу нешта се случија последниве недели. Нешта кои означија дефинирање на позициите во учителската фела, искристализирање на состојбите, вровување и меркање зад нишан со оние од кои со години очекуваме и чекаме заздравување, соочување лице влице со оние со кои со години го делиме лебот -  се на се, нешта кои многу кажаа и овозможија да се разјасни зошто всушност е вака како што е и кој се ја носи вината. И навистина, многу нешта станаа појасни.

    Единаесет дена траеше Учителската револуција. Толку дена имавме република. Наша.  Беа тоа денови кога фелата најпосле стана во одбрана на својата територија, свесна дека не е доволно вооружена, дека не е доволно бројна и дека има и внатрешен непријател, кој, за жал, му ја олеснуваше позицијата на оној кој заради предолгото седење таму горе, на врвот, со време заборави да гледа во подножјето. Оној кој заседнат таму горе, заборави дека во подножјето има борци кои подобро од него знаат како треба и дека треба да ги сослуша, инаку ќе му се случи шумата.  И се случи.  Се спротивставивме на оној кој  заради игнорирањето на апелите, наместо да биде наш партнер, со невидена леснотија се преобрази во непријател и се постави контра оние во чие име всушност постои.

    Што да каже еден Учител сега, после се? После 11 дена решеност? Дека битката беше храбра – беше. Дека како никогаш порано имаше сплотеност и верба во иднината на она за кое вредеше да се стане, нашите училници – имаше. Дека обидите да се остане на нозе и покрај континуираните бомбардирања од сите оружја, некои и невидени досега, беа успешни – беа. Дека  онаа разединетост која како армија интелектуалци не следи многу време и продуцира недоверба, најпосле успеа да се надмине самата себеси, да се трансформира во колективен дух и да се стави во функција на збивање на редовите – успеа. Дека сите верувавме дека сега конечно ќе бидеме слушнати, затоа што е крајно време за тоа – верувавме.

    Сепак.  Не беше доволно. Иако за консолидирање и донесување на одлука за штрајк требаше време, за неговото прекинување, за чудо и на општо (непријатно) изненадување, тоа не беше случај. Покрај сите усилби, покрај сета решеност да се истрае, сепак, во глуво доба, одлуката падна – повлекување.  Ќе се седне со горниот, оној за кого во шумата се беше во ред, инаку, до толку да шума и немаше, нели, и ќе се разговара за тоа како она кое толку време е гранатирано со ќорци, што е претставувано и брането како системско градење,  да се залечи од раните и да заличи на здрав организам.

    Што се случи, всушност? 

    Можеби тактиките дадоа резултат, но она што се покажа како слабост е сепак необмислената стратегија.  Можеби решеноста да се изгине, како на Мечкин камен во името на Крушевската република, не беше доволна, ако се земе предвид богатиот контраштрајк-инструментариум и муницијата која масовно се трошеше од сите оружја:

    1. колегите, кои застанаа контра штрајкот, како внатрешна сила која служеше за разединување, кревање на нервозата и насочување на силата кон нив, во интерес на разбирањето од страна на борците зошто ли, по ѓаволите, го прават тоа. Ним не ли им е преку глава од екстерното тестирање, интегралните евалуации, ученици кои немаат почит, бидејќи немаме време да ги научиме што е тоа, кои се помалку учат, бидејќи веќе не успеваме да ги мотивираме како порано, од обемните писанија кои немаат врска со нашата базична работа? Да. Беше тоа силен, жален, внатрешен непријател-оние со кои денес на сите кои се бореа им е мачно да се разминат на сепак заедничкото, прерано предадено бојно поле.
    2. родителите, кои застанаа контра штрајкот, како уште една внатрешна сила која служеше за разединување и мачно атакување од зад дрво, безмилосно и без срам, како да не сме заеднички родители на најважните – нивните деца. И пак, сите се прашувавме зошто ли, по ѓаволите, го прават тоа. Ним не ли им е преку глава од тоа што децата им завршуваат неписмени, од тоа што треба да се црват кога доаѓаат на училиште после 15 покани, од тоа што им е наложено да изберат страна, наместо бескомпромисно и во името на здраворазумот да разберат зошто сме кренати и да се кренат заедно со нас. Да, беше тоа силен, жален внатрешен непријател – оној со кој од денес сите кои се бореа ќе треба пак да се соочат на истото бојно поле по кое тие пукаа.
    3. учениците, кај кои се постигна поделеност како логична последица на поделеноста на родителите. Не не изненади нас борците, воопшто не. Го голтнавме сознанието дека со дел од оние кои ги воспитуваме не сме успеале во нашата благородна мисија и дека од различни причини, другата страна им е попривлечна. Не се прашувавме зошто ли, по ѓсволите го прават тоа -  знаеме зошто. И не можеме ништо да сториме по тоа прашање, се чини. Но да, беше тоа силен внатрешен чинител кој во нас не препознава свои пријатели.
    4. СОНК, кој застана зад нас и ни овозможи да се исправиме, не организира, не вооружа со најубавото и најсилното оружје – вербата во непоколебливоста. Овојпат го доживеваме како наш Никола Карев и верувавме во Манифестот зад кој сите застанавме. Денес, после 11 дена битка, сите се прашуваме зошто ли, по ѓаволите, го направи тоа?  Зошто она за кое се боревме така лесно падна, така лесно да ни создава несигурност и сомнеж на истата страна ли сме биле ние, всушност? Или сега, после се, ние всушност не умееме да ја согледаме силата на непријателот и сме го потцениле, сметајки дека нашата храброст овојпат сепак ќе го исплаши? Да, беше тоа силен внатрешен пријател кој сепак немаше сила да го издржи безобразниот атак и кој се повлече во името на некои идни полиња, кои со непријателот ќе ги дефинира не како бојни, туку ете, како полиња за разговор во кој веќе никој од борците не верува.
    5. заменските наставници, онаа тажна колатерална штета од бојното поле. Оние луѓе кои немаа избор и го правеа она што мораат, додека ние се обидувавме да не ги мразиме. Не се прашувавме зошто ли, по ѓаволите, го прават тоа. Знаеме зошто. Ние барем многу добро знаеме што значи да немаш избор.  Да, беше тоа силен, жален чинител ставен во ситуација да ги заплашува борците бидејќи во нив го гледаат она што им се испраќа како порака – сопствената заменливост и безначајност како учител.

    Многу актери има оваа учителска сага, навистина.  Сега, после се, ако се согледа резултатот, можам да кажам вака: се ми се чини дека уште еднаш се потврди оној жален македонски синдром кој не прати како клетва -  не губиме оти ни е силен непријателот. Губиме оти не сме силни самите. Оти  не се силни и оние кои би требало да ни се пријатели.

    Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*