Во нашиот Кривичен законик постои кривично дело Загрозување на независноста, опишано во член 308 кој гласи: „Граѓанин на Република Македонија кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
Политиките на оваа Влада, особено со прифаќањето на т.н. Француски предлог се токму тоа, доведување на Република Македонија во потчинетост и зависност од Бугарија. Односно, или уставни измени или вето. Или историски ревизионизам по бугарски терк или вето на поглавје. Затоа ваков предлог, без соодветен реципроцитет од бугарска страна може да прифати само уценет човек или предавник за пари. Ваквите уставни измени ниту ги сметам за дел од европската агенда, а ниту европската агенда смее да биде некаков параван на власта за криење од тоталните неуспеси во сите полиња.
Асиметричната политика практицирана од владејачката СДСМ создава долгорочни штети и проблеми на Македонците, па дури и процеси кои се тешко реверзибилни и тешко поправливи. Така на пример, искрено се зачудив кога прочитав изјава од челници на СДСМ дека не гледаат ништо лошо политички лидери на Албанците во Македонија да ги договараат своите идни политики во Тирана. Тогаш, штом СДСМ не гледа ништо лошо во потегот на Рама за средба во Тирана на албанските политички лидери од Македонија, очекувам Ковачевски да го следи неговиот пример и да организира средба во Скопје со македонските политички лидери од Албанија, Грција, Бугарија и Србија, иако знам дека тоа никогаш нема да се случи. Особено ме интересира реакцијата на официјална Бугарија и Грција кога ОМО Илинден Пирин и Виножито би се координирале со македонски премиер.
Но, политиката на свиткана кичма која ја спроведува СДСМ, освен катадневни национални понижувања, не носи никакви други бенефити. Огромниот проблем со криминалот и високата корупција не само што не се решава, напротив се продлабочува. Граѓаните секојдневно сѐ повеќе осиромашуваат, додека цените на струјата, енергенсите и основните прехранбени производи растат. Додека одредени министри расипнички и неодговорно трошат милиони евра народни пари, здравството е пред клиничка смрт, а пациентите секојдневно молат за терапии и лекови. Бизнисот оптoварен секојдневно со нови и нови давачки, Владата воопшто не го есапи, освен за полнење на буџетските ставки за даноци. Пензионерите требало да се задоволат со покачување од 750 денари. Образованието пред колапс, што од партизацијата на наставниот кадар, што од прекинот на наставата за време на ковид пандемијата или лажните дојави за бомби. Капиталните инфраструктурни проекти се во долгогодишен градежен застој. Загадувањето ги гуши нашите бели дробови, а ресорното министерство е неспособно да превземе каков било конкретен чекор.
Ова се суштинските и егзистенцијалните проблеми во Република Македонија кои ние самите треба да си ги решиме. Со внесување на Бугарите во Уставот ниту нешто ќе добијат нашите сограѓани кои се чувствуваат за Бугари, а уште помалку ќе се решат овие проблеми. Суштината е дека ние нашата домашна задача која треба не доближи до Европската унија и тамошниот толку посакуван животен стандард и квалитет на живеење, не сме ја завршиле како држава. А ни малку не е веројатно дека оваа владејачка елита има капацитет, способност и знаење за справување со таквите сериозни предизвици. Затоа континуирано велам, предвремени избори и нова власт се почетокот на решавањето на овие проблеми, па ако сакате и на спроведувањето на европската агенда.
Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*