Во овој период на национална радост и гордост, предизвикана од настапите на нашите ракометари на светското првенство во Катар, тешко е човек да остане рамнодушен и да не им се восхитува на постигнатиот успех. Успехот на нашите ракометари покрај тоа што сите нас не прави весели и горди, од друга страна треба да ни биде позитивен пример од кој ќе учиме. Затоа што успехот не доаѓа сам по себе. Тој е плод на макотрпна работа, посветеност, секојдневно само-надградување, учење од своите грешки и нивно исправање...
За жал, сведоци сме дека на одредени новинари и „интелектуалци“, кои себе си се прокламираат за про-опозициски, им пречат овие успеси на нашите спортисти. Бидејќи овие изблици на незадоволство и несогласување со сопствениот народ се повторуваат низ годините, се заинтригирав за причините зошто еден човек би навлекувал гнев од својот сопствен народ, омаловажувајќи секаков успех (не само спортски). Мојот заклучок е дека таквите луѓе се неспособни да постигнат успех во сопствените професии на начин кој што е правилен, на начин кој што го опишав погоре. И затоа сакаат да веруваат дека успехот се постигнува со манипулации, монтажи, измислени клевети и лаги...
Живееме во држава во која опозицијата, наместо да се труди да биде подобра од порано, да предлага подобри решенија, да биде коректив на власта, со што би се здобила со довербата на народот, таа за цел има меѓународно оцрнување на државата. Наместо да се потрудат на власт да дојдат со квалитетна програма, во која ќе има реални политики како да се зголеми стандардот на граѓаните, како да се зголемат платите, уште повеќе да се намали невработеноста, тие го избираат патот на црни кампањи, дестабилизација на државата, бојкот на собранието, штрајкови, протести и што уште не...
Ние кумановците пак, како жители на општина раководена од опозицијата, уште повеќе го чувстуваме овој начин на нивно дејстување. Наместо преку нашата општина да демонстрираат дека се способни успешно да ја раководат и државата, со тоа што ќе реализираат проекти што ќе го подобрат секојдневното наше живеење, напротив, тие се занимаваат со подбуцнување на протести, штрајкови и реализација на агендите на СДСМ за дестабилизација на државата. А општината си тапка во место или назадува...
Не сакајќи да се навраќам наназад, на сите досегашни неуспешни обиди на СДСМ да поттикне лажно масовно незадоволство кај граѓаните и така да дојдат на власт - наместо со проекти и идеи, за да бидам актуелен ќе ја разоткријам „случајноста“ просветните работници (не сите) да штрајкуваат само во општините раководени од опозицијата. Бидејќи ние кумановци горе-долу се знаеме, се работи за истите „просветни работници“ (не сите) од нашиот град, кои се во првите редови на сите маршови и протести на опозицијата! Па зарем тие веруваат дека со неколку отворени писма ќе ги убедат граѓаните дека штрајкот не е инструиран од СДСМ?
А дали барем еден од овие „просветни работници“ ги анализирал барањата заради кои штрајкуваат? Имено, тие бараат:
Или со друг јазик кажано, бараат поголема плата за помалку работа, без да бидат казнети како и да работат. Како во народната „клати врата, земај плата“. Па каде го има ова? Од друга страна, не би сакал да правам споредба на платите со другите професии...Но сакам да споделам нешто јавно. На прашање од учениците во едно кумановско основно училиште дали ќе имаат настава, една „просветна работничка“ им одговорила: „Ние професорите од СДСМ ќе штрајкуваме, а овие од ВМРО ќе ви држат часови“. Замислете таа треба да ги образува и воспитува нашите деца... За да парадоксот биде поголем, штрајкуваат и градинките во нашиот град! Е што врска имаат градинките со екстерното тестирање?
Да се биде просветен работник, треба пред се, човек да е образован. А образованиот човек мора да има ОБРАЗ. Затоа, „просветни работници“ го пишувам во наводници, од причина што искрено не сакам да ги навредам вистинските просветни работници, кои ми го дале образованието, во чие време кумановската гимназија беше во топ 5 во Македонија, кога освојувавме награди на републички и меѓународни натпревари и пред се, кога не беа инструмент во раце на една политичка партија и имаа образ... Но очигледно во Куманово вработувањата во училиштата се вршени и се вршат исклучиво по партиски клуч (по пример на Заев во Струмица), наместо по клуч на стручност и компететност. И затоа нормален е овој нивен револт кога некој се осудил да им чепка во комоцијата и стекнатиот комодитет... Ех, колку лесно се прави синџир од НУЛИ, ако ме разбирате...
Значи, ќе повторам, успехот е плод на макотрпна работа, посветеност, секојдневно само-надградување, учење од своите грешки и нивно исправање и не се постигнува со манипулации, монтажи, измислени клевети и лаги...
Бране Петрушевски член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ-Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*