Во оваа колумна би сакал во кратки црти да опишам едно мое видување на нештата што мене лично ме засегаа во изминтаиот период а се поврзани со образованието. Најпрвин како трн во око ми претставуваат обидите на одредени директори,професори и наставници од училиштата во нашиот град преку манипулации на учениците и преку организирање на разни трибини кои демек се во функција на подобрување на образованието во градот и во државата воопшто, а всушност во позадина се за исполнување на одредени партиски цели и задачи. Во вакви трибини се истакнува по некој “слободоумен“ наставник или професор кој претходно добил директива во штабот на СДСМ, при што ќе започне да држи говор како Владата не чини, како не им чини образованието и ред други работи, најчесто забораваат да посочат како би се подобрило образованието и да излезат со конкретна програма за работа во рамките на образовниот систем. Тука се и низа на невладини организации, пленуми и здруженија кои се во функција на СДСМ, односно се претставуваат како независни, демократски и слободоумни, а во позадина се строго контролирани од страна на СДСМ и се под нивна директива.
Второ нешто што ме засега како “борците“ за поквалитетно и подобро образование одеднаш ги снема, дали го добија она што го бараат или се деактивира партиското копче и го чекаат исходот од изборите за да пак се активираат. При една неформална комуникација со еден од учесниците во протестот разговаравме за протестите, реков дека категорично сум против изразување на револт и протест на ваков начин и дека ќе се оштетат и учениците и родителите. Од истиот добив одговор дека мора да има жртви за да се исполнат одредени цели во образованието. Бев негативно изненаден од одговорот. Да има жртви се запрашав? Кого жртвувате? Дали тоа ги жртвувате учениците и родителите каде вашите работни места постојат за нив. Веднаш си помислив дека овдека нешто не е во ред.Исто ме зачуди што никој од инволвираните во протестот не се запраша дали може да се протестира и изрази незадоволство без притоа да им се скрати правото на учениците на образование. Никој од нив не се запраша дали зголемување на платите на вработените во образованието и укинување на екстерното е најважната реформа што треба да се случи во образованието и дека после тоа се ќе биде поинаку. Не сакам погрешно да бидам разбран со оваа мое толкување на нештата, па сакам да дадам дообјаснување. Од просветните работници се очекува да им ги покажат духовните вредности на учениците, да им покажат на децата како на интелектуален начин се решаваат проблемите, да го отворат патот на нивната креативност, а не да ги вадат децата на улица со фрлање бои, јајца и ред други работи.
Третото нешто што лично мене ме засега, е што одредени директори во дел од основните и средните училишта во Куманово, настојуваат од родителите да издејствуват финансиска корист и истите училиштата ги гледаат како свои лични бизнис претпријатија, а родителите и учениците како потенцијални клиенти од кои треба да се извлече финансиска корист. Така таквите директори се осмелуваат,да наплатат екскурзија до одредена дестинација со 50% до 100% поскапа карта за превоз на учениците од нејзината реална вредност.Исто така на почетокот од учебната година собираат финансии од родителите за материјали кои се потребни за нормално функционирање на училиштето, од друга страна со финансиите кои им се на располагање за купување на материјали за работа на училиштето тие купуваат скапоцени саксии со цвеќиња за украс на училиштниот хол кај свој пријател, купуваат скапоцени уметничи дела од некој роднина кое ќе служи како “декор“ во училиштето и ред други работи. Како шлаг на оваа бомбастична торта за родителите преставува и веста дека ќе бидат приморани да плаќаат пливање на своите деца во новоотворен базен кој не е стандардизиран, односно не е наменет за употреба на почетници пливачи.
Ова е мојот став од каде треба да започнат промените во образованието, односно промените треба да започнат од вработените во училиштето, да се вратат на својата вистинска просветна воспитно-образовна должност.
За крај сакам да ја изразам мојата почит кон сите вработени во училиштата кои совесно и чесно си ја работат својата работа и не се пронаоѓаат во мојот текст.
Горан Гелевски Горан Гелевски - психолог и семеен советник, член на комисија за образование на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*