Ама не поради тоа што во изминатите неколку дена беа одбележани-70 години од загинувањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош и формирањето на Трета македонска ударна бригада во Жегљане, иако се работи за спомен во која се вградени над 20.000 млади животи за слободна и независна Република Македонија. Куманово е повторно на тапет по омилените теми,забавата за народот-криминалот. За три дена две кривични пријави-едната за поранешниот директор на ЈП „Водовод„ Виктор Божиновски, кој „за три години по кумановските кафеани изел и испил 100 иљади евра народни пари„ и другата за актуелниот директор на „Чистота и зеленило„ Сашо Петрушевски и неговите први соработници, кои „преку тендерски малверзации го оштетиле претпријатието за 5.300.000 денари„. Така велат од Секторот за внатрешни работи Куманово и до тука е јасно. Нејасно е како понатаму ќе се одвиваат работите. Ќе има ли судска завршница или така ќе си остане? Доволно е само да се чуе едната страна, а со оглед на тоа дека изборите- претседателски или евентуално предвремените парламентарни се на прагот, вниманието на јавноста ќе се сврти кон изборната игранка. Таква можност најави претседателот на кумановските социјалдемократи Мартин Костовски, остро напаѓајќи ја власта дека најбезобразно се кршат човековите права и слободи без да се почитува уставно загарантираното права за презумција на невиност.
Со овие редови поврзани со овие настани ниту имам намера, ниту сум квалификуван да изигрувам нечиј дрвен адвокат за тоа дали е некој виновен или не, ама сум за тоа како и секој кој е на страната на правдата, оној што се огрешил од законот и стекнал богатство врз грбот на овој сиромашен народ да одговара. Без оглед на фунција, име, презиме, партија...! Но исто така и ако некој на сила создава случаи поради политичка припадност, треба да се казни.
Деновиве да не си им во кожа на поранешните и сегашни функционери на СДСМ. Фрчат кривични пријави на сите страни и не се знае дали тука ќе застанат или ќе се прошират во останатите јавни претпријатија и општинските кабинети? Сите се на штрек, а најмногу оние што ги имаше на лажните анкети. Половина од „најпопуларите„ веќе беа на прес-конференциите во МВР или СВР. Сега сите се прашуваат: „Кој е следниот„?
Кумановските стечајци, повторно на протести. Откако дел од нив во Скопје изедоа ќотек сега се на свој терен. Му дадоа рок на регионалниот синдикат сместен во зградата на Кометит до понеделник, еден ден по Прочка да се исели-да го нема тука. Како што велат овојпат нема прочка, лути што првиот синдикален лидер не сакаше ниту да ги прими ниту да ги слушне нивните маки. Им порача преку соопштение дека Синдикатот заедно со своите партнери-работодавачите и Владата направил многу за работниците во Македонија и дека со тоа темпо на решавање на работничките проблеми ќе продолжи и понатаму. Сигурна минимална плата која трае од први до 10-тти во месецот, а од 10-тти до 31-ви кој како се снајде. И на тоа треба да се биде благодарен бидејќи порано и тоа го немало. Посилен аргумент-здравје. Протестираа стечајците и пред оделението на Управата за јавни прифоди во Куманово во врска со сметките за радиодифузија. И нормално-ништо и од тоа. Лути се како кибрит што МРТ најмалку или воопшто не ја гледаат, а мораат да плаќаат. Затоа предлагаат како што е во некои земји, да не се плаќа радиодифузна такса, туку Владата од буџетот да ја финансира МРТВ.
Војче Крстевски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*