Приказната која овие обични смртници ја раскажаа пред медиумите и ја слушна јавноста е повеќе од - верувале или не. Дел од работниците што барале плата-газдата наместо пари им делел шлаканици, непријавените работници ги затворал во коморите на фрижидерите и им ја крател паузата за доручек од дневниците. Кога голготата на работници излезе во јавноста, беше аларм веднаш да реагира и трудовата инспекција од Скопје, која влезе во фирмата. Што е откриено, дали се точни обвинувањата на работниците и какви ќе бидат последиците по газдата, јавноста и работниците не знаат. Би било редно во духот на транспарентноста на работењето, инспекцијата да свика прес-конференција и да каже кои мерки ќе бидат преземни кон оние што не го почитуваат законот во оваа земја. Меѓутоа има и други прашања, кои сами по себе се наметнуваат по влегувањето на странски капитал во МАКЕДОНИЈА. Дали по преземањето на управувањето на некогаш успешни државни претпријатија, државата го контролира работењето на странците или тоа го прави откако „ќе дојде нож до коску“. Прво, во вакви случаи Синдикатот требало да ги заштити правата на работниците, независно дали се негови членови или не, затоа што само така и ќе ја добие довербата на сите работници, вклучувајќи ги и оние што јадат ќотек и молчат, бидејќи шлаканиците помалку болат од погледите на гладните деца. Второ, се прашувам како ги гледаат овие слики, оние кои некогашниот Ладилник на ЗИК им го продадоа на Грците. Каде се и зошто молчат?! За таква ли приватизација ги убедуваа работниците? Се сеќавам дека тогашниот премиер и неговите локални сопартијци неколкупати ги собираа новинарите, горди на нивниот успех. Ако веќе немаат храброст да излезат на -10 степени и да протестиираат со напатените работници, тогаш барем преку партиските штабови од топлите канцеларии и власта и опозицијата можеше да им даде подршка и да го осудат однесувањето на странскиот инвеститор.
Ден по протестите на работниците во Ладилникот, прес-конференција свика општинската организација на ГРОМ во Куманово. И таман помислив дека тие се сетиле на обесправените работници, бидејќи и најмногу потенцираат дека ги застапуваат интересите на граѓаните, се излажав. Наместо да се солидаризираат со тепаните, тие се пожалија дека СДСМ не продолжила договор за работа на еден нивен член. И тоа не на некој обичен член, туку на подржувач на Виктор Цветковски и роднина на Зоран Петрушевски. Толку ги заболел политичкиот реваншизам, па не го слушнале плачот на четириесетте гладни и смрзнатите сезонски работници. Не се нивни, па нема што да кукаат над нивната судбина. За секоја почит и респект е образованието на нивниот член, ама жално е што и магистерот и општите работници имаат иста судбина. Работеле на одредено време и за плата од 10 иљади денари, која не ја земале со месеци. Незнам дали во иднина и секогаш ГРОМ ќе свикува прес-конференции кога некој обичен смртник, а не нивен човек ќе биде избркан од работа. Дали ќе покаже солидарност кон секој граѓанин, бидејќи вака испаѓа дека можеби нивниот член се вработил во јавно претпријатие само затоа што бил член на партија и роднина на висок партиски функционер, а не затоа што има титула магистар. Тој сепак подобро поминал од општите работници.
Војче Крстевски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*