×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Колумна без име

    Елизабета Секирарска

    Нема да му дадам име на моево денешно писание. Ќе го оставам така, за да секој кој ќе го чита си го именува според тоа како го доживува, како го разбира или не, прифаќа или не, го здогледува или не. Како сака. Секој според својот личен хоризонт, со визир на својот прозорец, со свои аргументи. Се надевам, сепак со чесни човечки аспекти оти нештата се едноставно – такви.

    Размислувам деновиве колку затворените врати зад годинава која тукушто си замина ќе подразберат отворени врати на годинава распослана пред нас и колку она што го изнесовме од неа на плеќите ќе биде оквалификувано онака како навистина се вика, натежнува, здоболува, охрабрува, усреќува  и дефинира живот за сите нас.  

    Нема да биде лесно, знаете. Воопшто.  Животната естетика, онаа убост која треба да ја чувствуваме на сите полиња за да траењето си го наречеме Живот со сите нишани, колку и да завземаме апологетски позиции сепак ни недостасува.

    Ќе се запрашаме зошто, нели?

    Затоа што дозволивме да се случуваат невидени ветрови кои комплетно не разнесоа и од надвор и од внатре, ни го уништија здраворазумскиот светоглед и ни креираа хоризонт кој наликува на анорексичен одраз на девојка која заради искривениот видик,  кога се гледа себеси во огледало смета дека е дебела. И нема начин здравиот разум да допре до неа и да и каже дека не е така - таа не јаде. И нема начин огледалото да и го покаже вистинскиот одраз. И со време, станува јасно дека начин да и се објасни ставот кон она што го јаде – нема.

    Што ни се испослучи, всушност, а и уште ни се случува како своевиден животен парадокс, облечен во необјаснив апсурд за секоја сфера на нашето битисување?

    Пред се, зазедовме  за мене навистина необјасниви спротивставени позиции како луѓе. Се научивме да се меркаме зад нишаните, комуницирајќи низ механизмите кои ги усвоивме со леснотија која изненадува и која секогаш го означува устоличениот принцип: “Ако не мислиш како мене, тогаш си од оние другите.” Како да стана невозможно прифаќањето дека имањето на свој став како личен израз на идентитет е неоходен аспект за напредок и доблест, а не недостаток. Како таков, дефинира надеж дека сепак постои некој  кој размислува и на кого му е  јасно дека секој јавно експониран индивидуален интегритет подразбира шанса за враќање на колективниот дух како модел за решавање на проблеми и наоѓање на излез тогаш кога истиот е дефиниран само и само во еден правец – од оние на кои им одговара да го посочуваат истиот како единствено можен. Оние кои нишаните ги измислиле за таа цел.

    Прифативме и модел на живот во кој вниманието од важните дешавки ни се пренасочува на баналните, оние смешните во основа,  презентирани со мајсторско умеење. Така ревносно се зафатиме кутрите со баналии од типот на каракамишевски патрдии, да заборавиме да видиме дека пак имаме ново задолжување со многу нули за да можеме плата да си земеме. Онаа која и овој месец ќе ни доцни. Ама, сепак сме ние најмалку задолжена земја. За лидерство по сите основи да не зборувам.

    Прифативме и модел на живот во кој се на сила механизми за одржување во живот, а не живеење, затскриен зад плаштот на можноста да биде и полошо. Така кутрите се тешиме дека чувал Господ од полошо, добро е и вака, а кубурите остануваат за не дај Боже. Така се научивме и да велиме дека ако ние имаме, тогаш тоа значи дека сите имаат. Дека нема гладни. Оставени. Заборавени. Безнадежни. Очајни. Се научивме и да молчиме, без да забележиме дека она што се плашиме дека ќе го загубиме ако застанеме во негова одбрана веќе сме го загубиле со тоа што не се бориме за него.

    Прифативме и модел на образование кој подразбира се, само не образование. Така кутрите продуциравме армија младост со воспитно-образовен  хендикеп, не по нивна вина. Толку сме виновни што го дозволивме тоа, да јас искрено се надевам дека додека сме живи како учители, ушите ќе ни се црвени од срам. Веќе и не пишуваме за раните на нашите училници. Веќе и не зборуваме. Веќе.

    Прифативме и глорифицирање на глупоста, тапоста и дното под дното како императиви за успех. Ја прифативме просечноста и под неа, квази вредностите и моделите според кои да си глупав е корисно за здравје и виза за скалило погоре, а да си умен е еднакво на самоубиство оти тогаш си осуден да се прашуваш токму ли си. А богами и да се плашиш ако сакаш да покажеш дека умот уште не те напуштил.

    Прифативме и модел според кој еден проблем го решаваме со друг, по принципот на мајсторот на перото: “Ако не ти оди училиштето, омажи се. Ако не си вработена, роди дете. Така ќе имаш друг проблем, па ќе заборавиш на првиот” Немо го гледаме напластувањето на проблемите, со толкава летаргија да станува нејасно во кој филм ни се мозоците и имаме ли елементарна одговорност барем кон оние кои сме ги создале и кои ќе ги живеат последиците од причините на кои не сме реагирале. Како родители. Како учители.

    Прифативме и модел според кој негувањето на критичка, здраворазумска  свест и реалното гледање на нештата се заменува со поттикнување на емоции мерени според тоа на кој левел ни е патриотизмот, на пример. Тогаш на сцена стапуваат емоциите кои го заматуваат разумот, а бидејќи систематското инсистирање на затапувањето дава резултат, многу е лесно да се манипулира со емоцијата по потреба. Така се враќаме пак кај нишаните од кои почнав и зад кои се меркаме, наместо истите да ги свртиме кон оние кои тие нишани ги заслужуваат. Така се научивме и причините за состојбата која сосема точно и со мирна душа, ако сме чесни, можеме да ја наречеме Безизлез, да ги бараме во сопствената одговорност, да се дефинираме како виновници  и доброволно да станеме несигурни и исплашени луѓе, со што ќе се откажеме од барањето на вистинските причини за животниот геноцид во кој битисуваме.

    Можам да наредам уште многу нешта кои не обликуваат и ни овозможуваат однесување кои си го нарекуваме “Тоа сум јас.” Можам да изразам надеж дека не е далеку моментот кога нашиот одраз во личното огледало, некаде длабоко во нас, сепак  ќе биде поубав. Можам. И верувам во тоа. Оти доволно сме тивки за да заслужуваме да бидеме гласни. Доволно долго сме зад нишаните, за да им ја разбереме намената.

    Можам и да му дадам име на писаниево. Ама нема. Да, ќе го оставам така, за да секој кој ќе го чита си го именува според тоа како го доживува, како го разбира или не, прифаќа или не, го здогледува или не. Како сака. Секој според својот личен хоризонт, со визир на својот прозорец, со свои аргументи. Се надевам, сепак со чесни човечки аспекти оти нештата се едноставно – такви.

    Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*