Би сакал да кажам дека бев изненаден од широката, слепа и сеирџиска подршка за Големиот вожд, Сонцето на православието, Наполеонот на руската фарма, непогрешливиот, неотповикливиот Владимир Владимирович. Но не бев. Ова затоа што се познаваме.
Целава ситуација дојде како олеснување за нашите демо-христијани, како највисока кулминација на нивните сништа. Луѓето ќе можат да престанат да се кријат, конечно да излезат од демократскиот, западен орман, да ја напуштат неудобната и празна реторика и да се впуштат во цврста прегратка на источниот скротувач на успиени тигри. Конечно да бидат она што од секогаш аспирирале, да бидат непоправливо заглавени во времето, секако во период кој е во склад со нивните историско-национални ниски страсти. Македонија конечно да го исполни својот потенцијал како резерват во кој ќе се коти гоцевата раса и со тоа ќе се приближува кон Бога евентуално фаќајќи го за брада.
Овде не можете да аргументирате или нормално да расправате. Дури и по евентуалниот епилог кој би срамнил се во што тие и сличните на нив веруваат, сепак ќе најдат нешто, обично конспирација, кое ќе ја рационализира нивната затеченост при тоа засилувајќи го нивниот револт и огорченост. Овие луѓе не се колебаат, не се премислуваат. Единствената сатисфакција е во фактичкиот епилог, во кој нивните оперативни идеали, не декларативните, ќе бидат истресени како историски мрсул на буништето на неразбраните.
Но, за волја на вистината, отсекогаш било лесно да ги запознаете во ова национал-шовинистичко светло. Никој не може сериозно да тврди дека е изненаден. Проблемот е што тие не се сами. Проблемот е што имаат опозициско друштво. Друштво чија целосна политичка платформа е базирана на борба против узурпацијата на уставните институции. Би било фино некој да ги праша дечкиве од каде мислат дека идејата е преземена. Кој мислат дека е творецот, „пациентот нула“, идеолошкиот татко на портокаловото ДПМНЕ? Некој да не мисли дека по овој основ ќе градиме национално единство?
Килавоста на македонската опозиција во оваа ситуација, по којзнае кој пат ја доведува на површина суштината на проблемите во нејзиното функционирање.Декларирањето по дома на поинакво, отворено општество, со квалитетно судство, департизирана полиција и ефикасна администрација, а од друга страна несакањето јавно да се декларира спротиставување на рускиот регионален гангстерај, и до домашната и до меѓународната јавност праќа сигнал дека македонската опозициска политика е базирана на длабоко лицемерие. Можеби затоа опозициските политики слабо се продаваат. Отворената омраза кон Груевски и симпатиите кон ист таков, само на стероиди и со драстично поголем деструктивен потенцијал, се премногу за варење.
Зарем некој мора да им предочи на луѓево дека можат, или барем можеа, својата политичка борба да ја стават во соодветен и широк меѓународен контекст со сериозни импликации. Она што се случува во Украина би можеле да го видат како шанса, се разбира доколку кај нив постои волја и способност да водат политика. Прес конференциите за петте споменика не се политика. Барањето институционална разврска на потенцијални скандали веќе не е ни симпатично. Нашата опозиција мора да каже што сака и тоа мора да биде доволно вистинито за да и биде поверувано.
Како следбеник на македонските комунисти, опозицијата не смее да го отфрла тоа свое наследство топтан. Сепак тоа наследство мора да биде правилно протолкувано. Квалитетот на поранешната политика беше во обидот за еднаквост и правда, колку и да се покажа тој обид неуспешен. Модерната македонска држава и нација и тие што претендираат да ги водат мора да бидат недвосмислени во својата одлука дека немаат време за историски екскурзии водени од разузнавачко-политички смрдежи и дека сакаат конечно да го заземат своето место во западната цивилизација.
Нашата држава мора да биде водена единствено во потрага на правото за работа, социјална правда, еднаквост пред законот и мир. Исполнувањето на барањата на ЕУ време е да престанеме да ги викаме европски критериуми, затоа што тие мора да бидат наши критериуми. Ние ги сакаме највисоките институционални и цивилизациски придобивки за нас самите, и тоа не разводенети. Ние истотака мора да бидеме и искрени дека го сакаме сето ова, како и паметни околу тоа како можеме да го добиеме.
Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*