Недозволиво е еден менаџер да има плата од 85.000 евра месечно или годишно близу еден милион евра, а работникот само од 10.000 до 12.000 денари. Ваков однос доведе до состојба во која капиталот на нашата држава го поседуваат само 3 - 5 отсто од граѓаните, што е процент сличен на некои африкански или азиски земји.
Повеќе од дваесетина години во Р.Македонија посебно при носење на Буџетот се утврдуваат низа економски и социјални мерки кои ќе бидат како основен фактор за економскиот, социјалниот и политичкиот развој во општеството.
Во таа насока се утврдува БДП, се утврдува процентот на невработените и вработените лица, се утврдува висината на стекнатите права на повеќе категории лица во кои влегуваат во прв ред пензионерите како најбројна категорија, лица невработени, материјално необезбедени и други ранливи категории лица кои спаѓаат во помал број.
Дури се практикува извесни зголемувања да се означуваат со проценти сметајќи дека на тој начин ќе се сочува или подобри животниот стандард на поединецот или семејството.
Можеби намерата е сосема искрена и добронамерна, но објективно во пракса не се успеа во најважното да се подобрат животните и работните услови на нашите граѓани, кои за жал, поради општествените причини дојдоа во положба да не ја почувствуваат својата економска и социјална сигурност.
Деновиве Владата ги најави измените во Законот за минимална плата, со кој предвидува зголемување на минималната плата во тригодишна динамика, па така минималната плата од март 2014 - година ќе се покачи од сегашните 8050 денари на 8800 денари месечно, од март 2015 - та минималната плата ќе изнесува 9590 денари и од март 2016 - та година 10800 денари. За проектот кој беше помпезно најавен на сите електронски и пишани медими како многу позитивен исчекор, биле направени неформални консултации со независите синдикати, коморите и работодавачите. Во овој случај Владата на Р.Македонија медијатор, но и главен иницијатор преку Министерството за труд и социјална политика, додека Синдикатот и работодавачите во овој случај Комората повеќе парадираа и многу срамежливо влегоа во овој добар проект.
Синдикатот кој според сите критериуми треба да биде тој кој ќе ги штити работниците во овој случај се стави во подредена улога во однос на Владата и Комората која ги застапува работодавците. Според мене, главни актери кои треба да ја утврдуваат минималната плата се Синдикатот и Комората кои во суштина ги претставуваат вработените и работодавачите, а Владата би требало да биде еден вид медијатор или грант на договореното. Си земам за право да направам една скромна анализа за договореното, а тоа е минималната плата. Што значи зголемување од 8050 на 8800 денари или конкретно дали износот од 750 денари може да има сериозен одраз врз севкупниот личен и семеен стандард на работниците. Според мене, но и според сите статистички податоци за порастот на животните трошоци кои јавно се објавуваат, овој износ е минорен и сосема небитен. Дури и Сојузот на синдикатите излегува со редовни пресметки за минималниот износ кој е потребен за нормален живот, нарекувајќи ја синдикална кошница. Па така синдикалната минимална кошница за месец декември 2013 - та година која ги вклучува трошоците за исхрана и пијалоци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура и одржување на здравје изнесува 32 215,92 денари. Што значи дека оваа мерка не може да влијае посериозно на подобрување на економската и социјалната сиугурност на работниците. Мислам дека за подобрување на личниот и општествениот стандард има потреба од сериозни промени во распределбата на капиталот кој го создаваат вработените во процесот на производство. Сведоци сме на посериозно раслојување помеѓу граѓаните во Р.Македонија што не е добро за целото општество. Недозволиво е еден менаџер да има плата од 85.000 евра месечно или годишно близу еден милион евра, а работникот само од 10.000 до 12.000 денари. Ваков однос доведе до состојба во која капиталот на нашата држава го поседуваат само 3 - 5 отсто од граѓаните, што е процент сличен на некои африкански или азиски земји.
Од горенаведеното, произлегува дека Синдикатот како претставник на работниците недоволно ги брани нивните права од причини што неговата улога во сите договарања е сериозно засенета од двата субјекта, во овој случај државата преку Владата на РМ и Комората која е претставник на работодавачите.
Време е Синдикатот да престане да кокетира со власта и Комората бидејќи на тој начин ја девалвира својата функција и постоење. Работниците во овој момент имаат потреба од посилен Синдикат кој со сите демократски средства ќе се бори за подобрување на материјалните и работните услови на работниците како би се обезбедила социјална сигурност на граѓанинот, загарантирана како негово право и во највисокиот правен акт во државата Уставот на РМ.
М-р. Бранко Арсовски м-р Бранко Арсовски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*