Повеќе од два месеци јавноста во Република Македонија беше опседната со партиски активности и промоции на програмите поврзани со изборот на Претседател на државата, како и со вонредните парламентарни избори 2014-та година.
Власта одлучи овие избори да се совпаднат заедно и финално да се одржат на 27.04.2014 –та година.
Во овие изминати два месеци медиумите практично нè бомбардираа со секојдневни настапи, говори и пораки на потенцијалните кандидати за Претседател на државата, како и потенцијалните кандидати за пратеници во Македонскиот Парламент. Кандидатите беа претставници на 14-те листи на кандидати за пратеници, колку што учествуваа во оваа изборна трка, од кои 4 во форма на коалиција составена од повеќе политички партии.
Најчесто, при промовирање на програмите доминираа темите-демократија, социјална правда, економска и социјална сигурност, економски просперитет, слободата на изразување и многу други. Карактеристично за најголем дел од партиите беше што истите настапуваа со порака дека ќе обезбедат сериозно поголем број на вработувања, дури имаше решенија со конкретни бројки, дека социјалните трансфери ќе се зголемат за цели 21.5% за четири години или секоја година зголемување од 5%, пензиите, исто така, ќе се зголемат за 21.5%, платите на вработените ќе се зголемат за 20%, субвенциите ќе се зголемат и прошират за 150 милиони евра за секоја година, па се ветуваше отпишување на долговите за корисниците на социјални права и многу други нешта. Ваквата социјална политика ја засноваа и покриваа преку предвидувањата за економски раст од 2-3% на годишно ниво, како и други економски параметри. Вака презентираните програми беа на верификација од граѓаните на 27.04.2014 година кога се одржаа изборите.
На самите избори се покажа дека граѓаните, во најголем дел ја поддржаа програмата на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата при што ваквата поддршка беше изразена и потврдена од над 480 000 граѓани, што на владејачката коалиција им обезбеди 61 пратеник, додека СДСМ со коалицијата беа поддржани од близу 300 000 граѓани, што им обезбеди 34 пратенички места. И во овие избори малите партии беа декор на изборниот процес, бидејќи граѓаните во многу мал број ги поддржаа нивните програми, кои во дел од нив нудеа сериозни решенија инкорпорирајќи ја социјалната и економска развојна компонента.
Што се однесува до партиите од албанската етничка заедница и овој пат се покажа дека ДУИ, сепак, е неприкосновена во однос на ДПА и останатите.
Што може да се извлече како заклучок во однос на постигнатите резултати на овие избори? Според мене, партиите што се на власт имаа можност да ги искористат сите расположливи ресурси, вработените во јавната и државната администрација, јавните претпријатија, преку организирани настапи и слично, што опозицијата и останатите вонпарламентарни партии не беа во можност да ги искористат. Програмата на владеачката партија беше многу подостапна и поконкретна со прецизни и разбирливи проекти за граѓаните, додека програмата на опозицијата беше поопшта и помалку разбирлива за обичниот граѓанин во Република Македонија, иако квалитетна во решенијата кои ги понуди.
Лично сметам дека изборниот модел кој се практикува во неколку изборни циклуси е погубен за новоформираните и помали партии, кои не избрале да се приклучат кон поголемите партии, што директно го погодува плурализмот во Република Македонија. Мислам дека моделот една изборна единица во државата со процент од 2-3% освоени гласови е пореален и објективен за нашето општество.
Изборите завршија, граѓаните го направија својот избор, но нивните очекувања се сериозни и прилично големи. Секој се надева на вработување, на повисока и сигурна плата, пензија, социјална помош, редовни субвенции во земјоделството, побогат живот, со еден збор, економска и социјална сигурност. Во тој контекст го порачувам следново:
На новоизбраните пратеници им го честитам изборот и им посакувам успех во законодавниот дом.
М-р. Бранко Арсовски м-р Бранко Арсовски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*