×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Празнување

    М-р. Бранко Арсовски

    Илинден се слави во континуитет 111 години, што ни дава за право да го потврдиме неговото значење за самобитноста на Р.Македонија за македонскиот народ, а пред сè, за сите граѓани од сите етникуми што живеат на овие простори. Не случајно е забележано и сериозно назначено во Крушевскиот Манифест за улогата на Крушевската Република. Иако истата траеше десетина дена, сепак ,во тој кус период македонските револуционери се избориле за слободата на македонската држава од Отоманската империја, која историски била присутна повеќе од 500 години. Посебно што во Манифестот децидно е забележано учеството на сите граѓани на Р. Македонија, при што, се потенцира учеството на Македонците, Албанците, Власите, Србите, Ромите и останатите, што претставува посебна вредност. Тоа значи, дека Илинден 2 Август 1903 година, е најзначајна дата во историјата на Македонија и македонскиот народ, и сите граѓани што живеат во неа. Токму ваквото учество на граѓаните, нè обврзува нас, за негово вреднување и чествување. Непобитен факт е големото значење на АСНОМ 1944 година, кога македонските граѓани во антифашистичка борба ги зацврстија темелите на македонската државност, македонскиот идентитет и, се разбира, државотворноста со сите атрибути на самостојна, суверена и рамноправна држава, во рамките на Федеративната Република Југославија, заедно со сите останати федерални единици.

    Во Асномската декларација многу децидно е забележано, дека успехот во НОБ е дело на сите граѓани кои живеат во Р.Македонија, без разлика на нивната национална, етничка, верска или религиска определба. Особено што идентитетот на македонскиот народ и македонската држава се изразува преку името на државата, јазикот и културата и, се разбира, богатата историја. Ваквата напишана порака била прифатена со добра волја и заедничка одлука од сите присутни на заседанието со кое претседаваше почитуваниот Методија Андонов Ченто. Ако во тоа време немало дилеми помеѓу граѓаните за придобивките на Илинден и АСНОМ, а во најново време и за 8-ми Септември, за нивното чествување, тогаш зошто денеска тоа не се прави во посакувани размери?

    Има потреба да се назначи дека поради едни или други околности општеството е поделено во однос на значењето на овие непобитни и крајно вредни датуми, па следствено, и во самата прослава на истите. Евидентна е поларизацијата на општеството преку партизирањето на власта на централно и на локално ниво. Многу често се слуша во говорите дека при одбележувањето на овие историски празници не се присутни помасовно политичките партии кои се надвор од власта, па дури и граѓани од етнички заедници кои партиципираат во власта на централно или локално ниво.

    Деновиве ќе прочитате во пишаните медиуми или ќе добиете информација од електронските медиуми дека учеството на поедини лидери на сериозни партии ќе биде со некој претставник од втор или трет ред, дури некои одат до таму да ги негираат во извесна смисла придобивките на овие значајни дати, а пред сè Илинден 1903-та, АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991-ва година.

    Дали овие пораки покажуваат дека во нашето општество постои поделеност, дали подеднакво не се вреднуваат позитивните вредности што произлегуваат од документите донесени на овие значајни дати или нешто друго е во прашање. И не случајно, дел од нашите соседи ја користат оваа, слободно речено, дезорганизираност во општеството, да профилираат политика на непризнавање на државата под нејзиното уставно име и да го доведуваат во прашање идентитетот на македонскиот народ и државата Македонија. И во тој контекст, мислам дека е сериозно време кога сите граѓани, без разлика на национална, етничка, верска или религиска определба, а особено политичките субјекти во власта и надвор од неа, да се обединат преку единсвтена платформа за празнување и чествување на најзначајните дати во македонската историја под мотото “Социјална и економска правда, благосостојба, еднаквост и заедничка одговорност за градење на оваа прекрасна Република Македонија.” Време е политичките партии, политичките лидери и политичките елити да сфатат дека делбите, тесно партиските интереси, треба да се надминат и видоизменат во интерес на македонската држава и граѓаните кои живеат тука.

    Самото учество и интерес кон празниците, во овој случај, Илинден 1903-та и АСНОМ 1944, па и 8-ми Септември покажува колку сме лојални кон нив, кон државата, кон општеството и самите граѓани кои живеат, работат и творат во Р. Македонија.

    Овие празници не смеат да имаат партиски предзнак или да се користат за партиска промоција или отчет за реализација на политиката на партијата на власт, бидејќи истите не се празници на една или друга партија, која била или е на власт, туку на сите граѓани на Р. Македонија. Самиот Устав го протежира граѓанинот како носител на власта и, не случајно, во неговата содржина му се гарантира право на слобода, демократија, економска и социјална сигурност и еднаквост во благодетите на државата. Ајде да ја градиме и чуваме Р.Македонија како држава која припаѓа на сите и сите да ја чувствуваме како своја и единствена за доброто на сите граѓани што живеат во неа.

    Нека ни се вечни и незаборавени овие важни празници.

    М-р. Бранко Арсовски м-р Бранко Арсовски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*