Во изминатиов период, мора да се согласите, зачестија гласините дека во нашава држава е дојдено времето кога мора да се направи една т.н. рекласификација на поимот “патриотизам”, од традиционален во современ. Многу често можевме да чуеме разни слогани како: “Патриот си ако инвестираш во Република Македонија”, понатаму, “Претпремништвото е патриотизам” (теза која и јас ја бранам, еве веќе 4 години)...
Имено, како што кажав и во моите претходни толкувања, патриотизамот е најлесниот начин за контрола на емоциите. Тоа е средство за создавaње големо количество на хармонична маса на индивидуи кои понатаму ќе бидат лесно наведeни кон нашите крајни цели како лидери, (претприемачи), а без притоа истата таа маса индивидуи да биде свесна за вистинските намери (долгорочна власт, максимизација на профитот, воведување на иновации и нов поредок и сл). Според тоа, сега се поставува прашањето: Каква е врската помеѓу патриотизамот од една и претримништвото, од друга стана? Или, ако милувате со други зборови, прашањето може да се постави на следниов начин, и тоа: Како може патриотизамот да биде во функција на развојот на претпремништвото на макро план?
Одговорот на погоре поставените прашања, треба да го бараме во елаборација на претприемништвото во современите пазарни стопанства. Според мене, во изминативе неколку години, развојот на современите пазарни стопанства кои се доминантни во светскиот поредок (БРИКС, САД и ЕУ) се должи токму на претприемништвото. Тоа е така, бидејќи претприемништвото претставува еден вид постоење на фузија на талент, идеи за иновации, капитал и знаење. Од “Капиталот” на Карл Маркс, ние знаеме дека во светот фактори на производство во една најопшта форма влегуваат: трудот (работната сила), земјата (природните богатства) и капиталот. Јас би го додал тука и еден од најбитните елемнти (според мене), а тоа е претприемачот. Во контекст на ова, повеќето влијателни економски истражувачи ќе го определат претпримеачот како четврти субјект во класичната шема на Маркс, а сè со една цел: да ги комбинираат горе наведените три фундаментални фактори на производниот процес. Имено, некои од нив одат и до таму, што ќе истакнат дека претприемништвото е посебен фактор на производството, а додека за претприемачот ќе речат дека е главен носител на економските промени и развојот во една макроекономија, за што јас потпоно сум согласен.
Според тоа, јас немам никакви дилеми дека врз економскиот развој на Република Македонија битно влијание имаат факторите кои се од економска и неекономска природа. Но од друга страна, на мислење сум дека голем број на неекономски фактори битно влијаат врз нашиот развој како макроекономија, формирајќи го притоа вкупниот економски потенцијал. Овој мој став, го темелам на следнава претпоставка: дури и во оној момент кога во нашата макроекономија ќе постои оптимална големина на сите фактори на економски потенцијал, тоа само по себе нема да доведе до позитивните очекувани ефекти на Владата, се додека таквите фактори на економски потенцијал не се активираат, асемблираат, насочуваат и координираат, преку активна улога на претприемништвото. Исто така, без сомнение можам да истакнам дека без ефикасно претприемништво нема ефикасно земјоделско производство, нема ефикасен пласман на земјоделските производи, нема да има профит, а со самото тоа нема да има ниту државен развој. Во секој случај, да не го заборавиме и фактот, кој вели дека во современите пазарни стопанства кои се доминантни во светскиот поредок (БРИКС, САД и ЕУ) постои многу тесна конекција помеѓу изразувањето на претприемачката функција и макроекономскиот развој. Поточно, во овие високоразвиени економии постојат многу поголеми можности за слободно настапување на претприемачите, тие имаат многу подобри развојни перформанси и секако далеку побрз раст и развој, во споредба со нас.
Оттука, би констатирал дека претприемништвото не може да биде сватено само како фактор на производство, не може да биде сватено како ресурс придодаден во сетот фактори на Маркс или како алатка за нивна проста комбинација, туку тоа сè повеќе станува современа деловна и развојна филозофија на една држава. Ова, вака, мора да биде сватено и во мојата држава, и тоа веднаш. Но, дали сме се запрашале како треба да биде сватен претприемачот како репрезент на филозофијата наречена претпримеништво. Тој секако е онаа личност која врши комбинација на факторите за производство од една, и максимизирање на ефектите од нивните поранешни вредности, од друга страна. Како? Воведувајќи во својата организација промени, иновации и нов поредок.
Почитувани читатели, сега, кога Вие го читате овој дел, убеден сум, дека по тој основ имате парцијален став, и тоа: за еден дел од Вас оваа иста личност (претприемач) е креатор на иновативни вредности во компанијата, додека пак, за другиот дел од Вас, таа личност е агресивен конкурент кој не води грижа за одрдени норми и правила на игра во самата организација. Имено, се додека во мојава држава преовладува и најмал процент на мислење како ова второто, тогаш работите ќе се придвижуваат многу потешко од нормално. Но, како и да е, мора да се согласиме во едно: претриемачот е размислувач и многу пресемтлив работник. Академик Фити, во 1994 година ќе истакне, а јас потполно се согласувам, цитирам: ″не секој потфат и не секој поединец може да се нарече претприемач, туку само оние што новата идеја, иновација ја користат како можност за нови достигнувања, ја применуваат и доходовно ја реализираат″, затворен цитат.
Се прашувам себеси: Зарем на Македонија не и требаат ли вакви поединци, вакви современи патриоти? Зарем, нели ова е патриотизам во современи услови на делување? Зарем, за ваквите лица потребна е партиска книшка или битна е етничката припадност, за новата идеја и иновација да ја реализираат? НЕ. За ваквите лица потребна е мотивација, потребно е државата да направи тие да се чувстуваат “големи” и “битни” во системот наречен Македонија. Потребно е државата да ги пронајде пред се, преку механизмот – HR. Со еден збор кажано, треба да се спроведе деполитизација во реалниот (стопански) сектор, како примерот со некои ЕЛС (да не ги споменувам). Понатаму, вниманието да се стави на приватните компании и тие да бидат главни креатори на политиките во општината, според принципот: Упешна компанија добива поддршка од менаџментот на ЕЛС, без разлика од која опција доаѓа и на која етничка заедница припаѓа. Да има натпревар во иновации и проекти, натпревар во поголем нето профит помеѓу етничките заедници, на крајот од деловната година, а не натпревар во големината на јарболите... Ете тоа е мојот сон, тоа е мојот патриотски дух...
ДА, велам јас, ние не можеме да го промениме просекот во масите, (која е 80%, следеќи го правилото 80-20), но можеме да ја промениме енергијата која ја црпиме од нив, преку волшебната моќ на “алатката патриотизам”, а се во функција на претприемачки развој и тоа со ретрансфер на тие 1,5 милијарда евра странски девизни приливи на нашата (кога велам нашата, мислам и на албанската) дијаспора, кои, верувале или не, се високи 23% од БДП. Како? Да се направи слободна економска зона која ќе биде ислучително наменета за нашата дијаспора, по принципот на слободната економска зона “Бунарџик”, со еднаков третман од страна на Владата, се разбира.
Продолжува...
Доц. д-р Синиша Наумоски Авторот е Универзитетски професор на Еуро Колеџ, Доц. д-р Синиша Наумоски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*