Ако ја погледнете нашата модерна, самостојна историја, лесно можете да забележите дека квантитетот и квалитетот на нашите проблеми во доменот на државата е се поголем, како што одминува времето. Подобар доказ за системското потфрлање на државата нема да можете да најдете, а впрочем не Ви ни треба. Државниот апарат константно покажува дека е неспособен за решавање на проблемите, а најчесто е причина и за создавањето на новите. Гломазната државна администрација во обид да прикаже дека нешто работи, несмасно произведува проблеми, притоа позиционирајќи се како најповикана да ги реши, и се така и натаму исто.
Разгледувањето на нашите проблеми преку научно-политички шаблони повеќе не е возможно. Претходно споменатата државна администрација не е всушност државна, институциите повеќе не се тоа. Поради ова користењето на претпоставки за овие категории и за тоа како можат челните луѓе да се однесуваат, не дава ни приближно точни прогнози.
Што треба да се прави кога одговорните и надлежните за решавање проблеми, се самите проблем? И уште поважно, чиј проблем е тоа?
Верувале или не, сопственоста на овој проблем е оспорувана, меѓутоа за среќа не е навистина спорна. И покрај тесноградите, кукавички и малограѓански обиди на огромен дел од граѓанството да се дистанцира, сепак несомнено е дека овој проблем е нивен, односно наш, на сите. А како може да не биде наш кога ние го создадовме.
Сите негативни работи кои ни се случија и сеуште ни се случуваат беа дозволени или премолчани од нас. Да не беше така немаше да биде однесувањето кое го гледаме прифатливо. Доказ дека е прифатливо е тоа што во неврзан разговор сигурно барем неколку пати Ви кажале дека сето она што се слуша на снимките веќе го знаеле или барем претпоставувале. Истите овие еден ден сите потфрлања и гадости од овој период ќе ги персонализираат во неколку луѓе од врвот иако нивното тргање нема да ги реши суштинските проблеми, затоа што и покрај нивното политичко исфрлање во секое време ќе може да се најде некој со сомнителна диплома и висока амбиција, сигурен во себе само како што се сигурни простодушните, со силна желба да разубавува други јавни простори или можеби истите, само со поквалитетен стиропор.
За мене лично, проблем не е тоа што имаме проблеми за решавање, туку тоа што подготовката за нивно решавање никако да почне.
Пред некој ден лидерот на опозицијата најави дека активностите на опозицијата ќе се интензивираат од есен. Таквата одлука, ако не друго, е исправна, зашто знае Заев со кого си има работа. Членството кое си умислуваше дека заслужува подобар лидер, доби лидер кој заслужува подобро членство. Тука некаде е и хипи стратегијата за борба против власта преку јавни дебати и дружба пред Влада, која се покажува како крајно успешна.
Не би требало на луѓе кои сакаат сериозно, или професионално, да се занимаваат со политика, да морате да им објаснувате дека не е изводливо да ја претставувате состојбата како вонредна, да и кажувате на јавноста дека сме на чекор од финансиски и безбедносен колапс и потоа да правите пауза од два месеци и јавноста да ви верува на тоа што говорите.
СДСМ стана политичко крило на широко граѓанско движење, со што презеде повеќе обврски и товар од обична политичка партија. Поради тоа и членството треба да се однесува соодветно на новите околности. Новата ситуација би требало да биде искористена за дополнителна внатрепартиска демократизација и за сузбивање на клиентелизмот. Носителите на партиски функции на сите нивоа мора да се надминат себе си и да престанат со внатрешните пресметки за кои секогаш се расположени.
Ние мораме да се подготвиме системски како политичка организација. Мораме да се подготвиме и за лично преземање на дел од товарот. Нашите индивидуални одговорности не може да бидат проектирани врз еден човек ако сакаме да станеме граѓани во вистинска смисла. Освен оваа, нема друга опција која е прифатлива.
Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*