×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кампот за обука

    Владимир Трајковски

    Последниве денови, од неколку национални портали со сомнителна уредувачка политика, беше наметната темата за партиските вработувања во локалните институции во Куманово. Темата е, да се разбереме, легитимна. Исто така е исцрпена, па поради тоа ако сакате да се занимавате со неа, неминовно ќе морате да учествувате во натпреварот во плукање околу тоа кој, колку и каде вработил кои, со што по којзнае кој пат спектакуларно ќе ја утнете суштината и нема да стигнете никаде. Поради ова темава е генерално игнорирана од јавноста и ставана во категорија на вообичаена и досадна, дневна, партиска „размена“.

    Што остана да се коментира откако пред само неколку дена, поради надворешен притисок, ја добивме бројката која ни беше намерно криена поради дневните потреби на партијата на власт како главна логистичка компонента на криминалниот потфат. На товар на даночните обврзници се наоѓаат 185.000 „работници“ плус вработените во јавните претпријатија. Треба многу малку да сте запознаени со општите работи за да сфатите дека тоа е премногу и за да го согледате самодеструктивниот потенцијал на оваа околност.

    Краткиот заклучок е дека оваа бројка мора да биде намалена колку и да биде намалувањето болно. Со тоа расправата ќе беше завршена.

    Но некој од кампот за обука на млади хохштаплери и надежни проневерувачи на јавни пари (познат и како УМС на ДПМНЕ од Куманово или од било каде) реши дека темава е погодна за обработка.

    Наједноставен начин за тоа секако е конференција за медиуми (им се погоди времето па ја одржаа надвор) на која јавноста беше информирана за партиските вработувања во Куманово. Тоа што јавноста веќе е одлично информирана не е важно. Целта, впрочем не е информирање на јавноста. Целта е да се постигне токму она што на пресот се критикува, работно место или подобро работно место. А тоа би било добиено, погодувате, по партиска линија.

    На дечките присутни на пресот некои работи мора да им се признаат. Храброст и дрскост. Кохонес. Тие се подмладокот на партијата која ги створи условите за десетгодишниот егзодус на млади и квалификувани луѓе од државава. Тие се и подмладокот кој нема кажано ништо на таа тема. Чекор понатаму тие се и подмладокот кој го негира очигледното масовно иселување.

    Овој резултат (трет на листата на Светска банка на политики кои се косат со здравиот разум) беше постигнат (додуша уште се работи на него) преку вработувањето на отприлика половина од бројката погоре. Ноторен факт е дека тие вработувања се правени по партиска, родбинска и бизнис линија. Дали УМС на ДПМНЕ од Куманово има некаков коментар на ова? Може сакаат да докажуваат дека не е така. Ако сакаат, само напред. Нивните аргументи на оваа тема нестрпливо се очекувани.

    Не е никаков предизвик да докажете дека вработувањата во јавната администрација последните десет години, а и пред тоа, биле правени всушност во партиските простории, а потоа и официјално спроведувани во институциите. Поентата овде е капацитетот за лицемерие и нестрпливоста за рентање на личниот интегритет кои овие луѓе ги покажуваат. Дечките совршено добро знаат дека секое факинг вработување, до последното, во јавната администрација последните десет години е направено преку партискиот филтер, нивниот партиски филтер. Се додека тие не се спремни да излезат и јавно да се откажат од оваа „привилегија“  и да ги повикаат сите други да го направат истото, секое морално мудрување и тресење со показалецот по повод туѓите партиски вработувања ќе биде само одвратна, смрдлива и смешна поза.

    Овие нивни „квалитети“ од нив направија крпа од која партиското раководство брише нозе. Изборите се наместени, судиите се тефтеришани, парите се потрошени и изнесени, институциите ги нема. И овие млади луѓе се доволно глупави за да мислат дека последиците од ова ќе ги трпат само оние од другата страна на реката. Не сум доволно наивен да барам од нив да имаат обзир за нивните неистомисленици, барам да имаат обзир за самите себе.   

    Тие активно го помагаат криминалниот потфат за кој не можат да кажат дека не се информирани и злонамерно одбиваат да ја вршат својата основна политичка функција, која во нивниот случај е и државна. Одговорноста за криминалите од криминално снимените разговори мораше да почне внатре од нивната партија, по можност токму од подмладокот. Конгресот во Куманово, кој го оддремаа и од кој беа провинцијално восхитени, беше фина шанса. Тоа што од друга страна избраа да го прават, наместо барањето одговорност и јавното спротивставување, го доведува во прашање општествениот договор и ја оневозможува потенцијалната амнестија на обичното партиско членство.

    Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*