×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Негово Височество ПАСОШ

    Емил Ташевски

    Ако по утрото денот се познава, како што вели народната поговорка, тогаш ќе имаме уште еден предизборен период во кој ќе гледаме безидејност и вперување прст во другиот од нашите две најголеми партии. За почеток едните ја мерат својата сила во градот со соберени потписи во првиот ден, а другите бомбастично ја најавија светлечката реклама на нивниот штаб.

    А кризата со вадење лични документи си трае. Новиот министер за внатрешни работи пушта пилот проект со бројчиња среде криза, додека неговиот заменик од другата партија ги пречекува обрасците на граница и праќа хеликоптери да превезуваат болни лица. Веќе стана нормално никој да не носи одговорност, а најлесно од сѐ е токму вперувањето прст во другиот, и работата е завршена.

    Во најголемата криза сајтот за закажување на термин не работеше, додека закажувањето преку телефон е како да играте лото. Треба да имате многу среќа за да некој ви се јави и ви закаже термин за месец дена.

    Додека циркусот со пасошите трае најсмешна ситуација излезе со возачките дозволи. Во еден ден излезе веста дека за два-три дена кој има возачка со старото име на државата истата нема да има важност, а потоа и комичната ситуација и од министерот и од заменикот. И едниот и другиот со цел собирање на ситни политички поени излегоа со храбри изјави дека македонската полиција нема да казнува никого, и граѓаните нека не берат гајле. Па, се прашувам како можат да бараат од некој да ги почитува законите кога тие самите ги кршат? Ако законот пропишува едно, кои се тие да кажуваат дека законот нема да се спроведува?!

    Уште покомична ситуација е ако закажете термин и се сликате, работата тука не ви е завршена. Документот за патување треба да го чекате по месец, па дури и месец и половина. Обрасците кои свечено беа пречекани најверојатно одмараат после долгиот пат, или се чека некоја набавка за тонер на принтерите.

    Тука мора да ја споменам и дискриминацијата која ја направија со тоа што само жителите на главниот град можат да проверуваат електронски до кај им е изработката на пасошот. Хаосот во другите градови продолжува на шалтерите. И тоа ако сте среќни да ве пуштат до шалтерите за да проверите.

    Колку е голема нивната безидејност и неспремност за оваа ситуација укажува и фактот за налепниците на регистарските таблици на автомобилите. Прво излегоа со вест дека ќе има налепници и ќе се наплатуваат од 30 до 50 денари. Налепниците некое време ги немаше, па потоа излегоа со информација дека ќе бидат на државен трошок.

    Заради овој хаос, многу од граѓаните кои работат во странство се во паника и страв, дека ќе ја изгубат својата егзистенција. Другите, пак, кои работат со транспорт на роба преку граница, исто така се спречени да ја извршуваат својата работа. Одговорност нема од никој, додека надлежните ладно си ги пребројуваат луѓето за потпис и со натпис "Цело е кога има сѐ" и поставуват светлечка реклама. Немаат стратегија и план за налепница на таблица, а не, пак, да имаат да ги задржат младите да не се иселуваат. 

    Имам впечаток, дека на дел од моите сограѓани им е смачено од неорганизираноста на институциите, безидејноста на поставените политички раководители, полуписмени партиски кадри и затоа "бегаат" во државите во кои функционира системот. Процентот на оние што се иселуваат заради немање систем во државата веќе е многу поголем од оние што се иселуваат заради егзистенција. Проблемот е и сѐ поголемата летаргичност. Тие луѓе ненормалните работи ги прифаќаат како нормални. Заедничко на сите, а особено на младите е што веќе никој не гледа светло на крајот од тунелот.

     

    Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*