Екстерно тестирање. Планови за редовна, додатна и дополнителна настава. Интегрални евалуации. 5 тона хартија. Ученички портфолија. Соработка со родители. Извештаи. Анализи. Акциони планови. Бес. Немоќ. Тоа сме денес ние учителите. Сите фатени во кадар, статираме во нем филм кој предолго трае. Ама во ред е. Заради свиткување на р,бетот и заборавање на фактот дека тој служи за да се оди исправен, го заслужуваме овој серијал. И малку ни е.
Нема денес да пишувам за нас учителите. Се кажав по ова прашање. Веќе не се прашувам. Не барам ни одговори. Се ми е јасно.
Ќе пишувам денес за детето Икс. Модерен, ововременски егземплар на дете во филмот “Одам на училиште зашто морам, а бидејќи не ми се оди, ќе се зезам и ќе си правам што сакам.” Ќе пишувам и за детето Ипсилон. Противтежа на Икс. Демоде примерок, ем смотан оти е мирен. Учи. Битисуваат двајцата во системот кој и децата ги сместува во ролји во кои учат дека се наградува без заслуга и се казнува без вина.
Нејсе. На Икс му е здодевно на часови. Нема книги. Нема тетратки. 45 минути се век кога сакаш да се зезаш – почнуваат да ти недостасуваат идеи. Спие на клупа-една опција. Доцни на час и се расправа со наставникот оти го запишал-опција два. Следи цела лепеза на острумни досетки за да наставникот се извади од такт. Впрочем, наставникот е виновен што на Икс му е здодевно. Кога не умее да го мотивира, така ќе му е. Си оди Икс и доаѓа кога сака. Му се може, што. Ќе му ја одземе енергијата на учителот, ќе си направи забава пречејќи на часот и супер ќе му е, што дека. Знае тој дека учителот не смее да го избрка од часот. Не е педагошки. Може да го прати во Служба, таму кај фините тетки кои по 15-ти пат ќе го поучат дека тоа што го прави не е убаво, ќе му раскажат дека има многу изостаноци и дека “знае ли тој што може да му се случи, нели” додека Икс отсутно си гледа на сликата на ѕидот. Може и учителот да се обиде да си помуабети со Икс, во напор со последните педагошки сили да го врати на прав пат. И после тоа, Икс 3 дена ќе биде супер, а учителот ќе биде хепи оти успеал да го спаси. Оти учител е, нели, умее тој со децата. И после четвртиот ден, Икс ќе му пее на часот, ќе игра игрица на новиот ајфон, ќе доцни или ќе се расправа оти го буди така фино заспан на 5-тиот час и ќе му покаже дека не е баш учител како што си мислел. Тој на Икс ќе му крои капа. Ама ајде.
Икс има мама и тато. Фин свет кој ќе дојде на училиште после пет пораки. Ќе раскажуваат дека не им е јасно што е проблемот, кога Икс е многу фин дома, саде книги чита и секој ден уредно поаѓа на училиште. Може и оправдување да донесат, не е проблем. Кој ден беше тоа? Среда? Ааа, да, уште од понеделникот не му беше добро. А овој третиот час во петок? Се успал, галиба. Ама бил тука првите два - немоќниот класен. Сигурно нешто му се слошило. Ама има и 5 слаби. Еве. Се тука има, црно на бело. Икс си зјапа во сликата и се клацка на столчето. Мама и тато знаат кој што предава. Не е проблем. Икс и лани така, па си помина на право. Ем со примерно поведение. А и на екстерно е кај онаа грдата учителка, онаа со очилата-тато и раскажува на мама. Мора барем двојка да му пише, оти на екстерно сто посто вади тројка. Хахахаха. И мама се смее. Икс си зјапа и супер му е. Класниот се поти од мака. Оти не се отворени прозорците бре? Овде не се дише-си мисли кутриот.
Икс знае дека сите се занимаваат со него. Умен е тој, знае дека сите едвај чекаат да заврши годината и да здивнат од него. Оние кутрите учители кои толку се занимаваат со него. Знае тој дека средното образование е задолжително. Доброто поведение, почитувањето, културата и учењето не се. Забавно му е на училиште, баш забавно. Знае тој дека во овој ваков систем не му е потребно знаење. Веројатно за некоја година ќе има прилика и да им го докаже тоа на оние учителите кутри кои се труделе човек да го сторат.
Еве го и детето Ипсилон. Тивко. Без изостаноци. Не му оди математиката баш. Едвај тројка вади. Малку и англискиот му е така, шарено. Другото му се петки. Нема мајка. Татко му доаѓа на секој родителски. Градежен работник, сам си ги расне децата. Ипсилон е секогаш тука, со книги и тетратки. Јаде мацонки по глава од Икс, кој седи зад него и бара забава кога му е здодевно.
Се обидува да слуша и да разбере што зборува учителот во оние 30-тина минути од часот кои останат за предавање, додека 15 поминат во расправање со Икс. Го жали кутриот учител, баш би сакал да може да му помогне. Знае дека е на мака, кутриот. Воспитан е, научен сам да се избори за оценка. Знае дека учителите нема така лесно неговата тројка да ја сторат четворка, како што тоа го прават со единиците на Икс кои прекуноќ станат двојки. Тоа е полесно, што. Кога не учиш, полесно ти подаруваат оценка отколку кога си учел, а малку ти недостасува. Мора да се знае кој колку знае, нели. Што да се прави сега, така е тоа. Како го учи татко му – нема за сите во животот, синко. Ама ти да си запнуваш сам и да бидеш секогаш добар, мирен, културен, одмерен. Кој знае, можеби еден ден ќе можеш да се увериш дека вредело.
Да, тоа е тоа. Икс и Ипсилон, образовниот шах-мат во нашето секојдневие.
Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*