Ниту еден референдум не може да биде ретрограден и анти ЕУ. Референдумот во самата своја дефиниција претставува облик на непосредно одлучување на граѓаните за одреден правен акт или за донесување на одредена одлука од посебно значење за државата. Всушност референдумот претставува најзначајна и најраспространета институција на непосредната демократија во светот. И токму затоа референдумот е најголемата европска вредност и во граѓанските демократии, каква што е Македонија, мора да е на пиедесталот кај секоја политичка гарнитура.
Откако ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата покрена иницијатива за распишување на референдум, на кој на граѓански тест ќе се стави Бугарскиот договор од 2017 година, во јавноста, од страна на владејачки структури задолжени за создавање раздор во опозицијата, се наметнаа многу дилеми околу евентуалната неуспешност и намерата на самиот референдум. Најпрвин сакам да се разјасни дека уставните измени под бугарски диктат, референдумот за поништување на бугарскиот договор и барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори се три различни и паралелни процеси.
Да биде јасно за сите, по однос на Уставните измени за вметнување на Бугарите, веќе се имаме изјаснето јасно и гласно, и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата НЕМА да ги поддржат под никаква уцена и диктат. Бугарските политички елити со ништо тоа го немаат заслужено, а најмалку со неприфаќањето на ниту една од 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права, во врска со признавањето на Македонците во Бугарија. Република Македонија не смее да „легализира“ вакво неевропско однесување и токму нашето противење на овие уставни измени како опозиција е заштита на вистинските европски вредности на кои почива Европската унија.
Во услови на хибриден режим, каков што владее во Македонија, најголем сојузник на опозицијата мора да е народот. Токму затоа се одлучивме на овој чекор, затоа што референдум распишуваат 150.000 граѓани. Со тој народен референдум ќе го нападнеме Бугарскиот договор, бидејќи најдобро е да се удри по коренот на проблемот, од кој овие 5 години израснува затруено дрво кое раѓа затруени плодови. И затоа не се спори францускиот предлог, кој е затруениот плод од суштинскиот корен на проблемот – Бугарскиот договор.
Формулацијата на референдумското прашање е „Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во Службен весник од 18.01.2017?“. Власта да не се обидува на неевропски и незаконски начин да го оспори одржувањето на референдумот. Прашањето е во согласност со законската регулатива и се референцира на општ акт усвоен во Собранието, а тоа е Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Точно е дека договорот е потпишан помеѓу двете Влади, но согласно нашиот Устав овие договори се ратификуваат во Собранието. Нема Закон за ратификација – нема договор!
Доколку однародената власт верува дека народот размислува поинаку од опозицијата, им нудиме тројно изјаснување на граѓаните на еден трошок: ајде да одиме на референдум, предвремени парламентарни и предвремени претседателски избори! Народот е суверенот на оваа држава, па ајде да ги вратиме сите мандати во рацете на народот и тој, народот, нека одлучи кој, како и со какви политики ќе ја управува Република Македонија.
Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*