×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ПАТНИ ТРОШОЦИ

    М-р. Бранко Арсовски

    Во дневното издание на  “Слободен Печат” од 16.11.2017, прочитав некои податоци за наплатените патни трошоци од актуелните пратеници во Парламентот на Република Македонија изнесени од еден граѓански активист. Од неговото искажување се гледа дека патните трошоци на пратениците за еден месец достигнуваат дури и до 3.000,00 евра. Оваа тема отвори лавина реакции и анализи во јавноста, дали овие трошоци се реални и неопходни, во услови на постоечката социо-економска состојба во државата.

    Особено, имајќи во предвид дека пратеникот е човек избран од народот, со основна цел да ги застапува интересите на граѓаните и да се бори за подобрување на нивниот секвупен општествен статус.

    Дали во такви околности, претставувајќи се себеси, од една страна, како борци за социјални права и социјална правда, не ја покажуваат својата лицемерност кога се во прашање личните интереси?

    Јас како бивш пратеник, ќе ги потсетам сегашните пратеници, но и граѓаните на Република Македонија, како функционираше составот на парламентот од 1990-1994, кој ги удри темелите на независна, суверена Република Македонија и ги создаде сите предуслови за функционирање на една држава.

    Во тоа време, пратениците работеа во доста тешки услови. Пратеничката функција не беше задолжително професионална, што значи дека голем дел од пратениците покрај пратеничката функција, продолжија да работат во својата професија паралелно.

    Какви беа платите и надоместоците на пратениците од тој состав ќе илустрирам со бројки.

    Платата на професионален пратеник во тоа време се движеше некаде околу 18.000,00-19.000,00 денари. Имено, платата во тоа време се пресметуваше со коефициент 3, но од минималната плата која тоа време изнесуваше 6.000,00 денари. За разлика од тоа време, сега платата се пресметува со истиот коефициент, но од просечната плата во Република Македонија, што придонесе платите на пратениците да скокнат значително, или повеќе од 3 пати.

    Всушност, ниската неатрактивна плата на пратениците во тоа време и придонесе, голем дел од нив да го задржат своето работно место, а да примаат надоместок од 6.000,00 денари за вршење на пратеничка функција.

    Што се однесува до патните трошоци, истите беа признаени во висина на автобуски билет, што значи, дека ако патувате на пр. од Куманово до Скопје дневните патни трошоци кои ќе ви бидат признаени како пратеник беа 140,00 денари. Денеска тоа би било 200,00 денари.

    Бројките говорат колку само бевме деградирани како вршители на една висока и одговорна функција во најчувствителниот период од Македонската современа историја.

    Денеска, народните избраници уживаат далеку поголеми привилегии, но со тоа и можности да одговорат на потребите на граѓаните, што е и нивна основна улога. Во таа смисла, критиката на нивна сметка, особено во однос на патните трошоци, треба да биде конструктивна и да влијае кон изнаоѓање на најповолен модел за регулирање на оваа материја, со цел во иднина да избегнеме поставување на имиња на пратеници на “ѕидот на срамот” и нарушување на нивниот пратенички интегритет.

    Воедно, апелирам до пратениците сериозно да размислат на оваа тема, да изнајдат општоприфатлив и реален модел за регулирање на оваа материја, со цел да докажат на граѓаните од кои се избрани дека навистина се грижат за тоа како се трошат нивните пари.

    М-р. Бранко Арсовски м-р Бранко Арсовски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*