×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Почетната точка на новата политичка мисла

    Владимир Трајковски

    Јавната дебата во земјава, ако така можете да ја наречете комуникацијата преку партиски соопштенија и говори на јавни собири, конечно стигна таму каде што момците од власта отсекогаш ја водеа теглејќи ја (за уши!), и каде што се надеваа дека еден ден ќе стигне.

    Конечно ја надминавме потребата од тоа застапници на највлијателните политички ставови да се најдат во една просторија и за нешто да разговараат пред камера. Потребата е отстранета со тоа што настапите на истите момци (и по некоја девојка) за наша општонародна среќа се искачија на височините на само-дискредитацијата. Воздухот таму, драги мои, е редок и затоа ќе мора по нешто да простите од тирадата ноторни глупости и овој пат, секако, изведени преку брендираното вмровско бравадо.

    Нивните јавни настапи како одговор на „погледот зад сцена“ кој сега го имаат граѓаните не треба никого да изненадуваат. Самата можност така да се однесуваат без да бидат јавно исмеани и „воздигнати“ на клоци е своевидна дивиденда од паранојата која ја ширеа по сите основи и во сите сфери. Машината за инфекција, можеме да заклучиме, работи со полна пареа.

    Претставува политичка, но пред се животна, лекција можноста да се гледаат настапите на нивните пратеници и министри, натерани да одат на „матичниот“ исток и да даваат уверувања дека власта е во сигурна прегратка на возљубениот лидер. Овие средби, наменети за охрабрување, во нецели петнаесет минути се претвараат во сеанси за групна терапија, затоа што ниту нивната способност за игнорирање на реалноста не е доволно силна да ги заштити од сознанието дека ништо повеќе нема да биде исто.

    Она што никогаш повеќе нема да биде исто е откритието, на јавна сцена, како отворена рана, дека се одвратно неспособни за управување со државата. Неспособни се интелектуално, кадровски, културно и ментално. Никогаш нема да може да биде отстрането, намалено или било како ублажено, сознанието дека тие како група на, пред се луѓе, дозволија и на секаков начин го фасилитираа доаѓањето и одржувањето на власт на луѓе криминално неспособни и генерално недостојни да вршат било каква јавна работа.

    Од друга страна, демо-христијаните конечно успеаа да ја подучат нацијата по прашања на моралот. Сега сеуште не е до крај јасно, но наскоро верувам ќе биде, дека животните приказни на нашите политичари се одлична приказна за добро воспитување, приказни за претпазливост пред животните стапици. На прв чекор тоа изгледа како мал и безначаен компромис, прифаќање на реалноста, нешто што сите го прават. Набргу сфаќаш дека одиш само во тој правец и во моментот кога гледаш дека си навлезен предалеку, јасно ти е и дека нема назад. Се е непрепознатливо и се фаќаш како правиш работи за кои никогаш не си верувал дека ќе ги правиш, зборуваш работи кои никогаш не си верувал дека ќе ги кажеш. Во моментот кога признаваш на блиски соработници дека од тоа што го правиш ти се гади, но го правиш само поради партијата, тогаш е готово.

    Големата слика, онаму каде што се детектираат големите, суштински проблеми, покажува дека сето ова изгледа дека не беше дело на некој генијален план, или на некоја комплексна измама. Кога почна завесата да се крева пред некое време, забележавме дека зад сето тоа нема злобен генијалец, дека степенот на измамата не е невиден. Лажните величини кои ги слушаме на снимките се разобличени како политички полу-аматери, како искомплексирани маргиналци кои ја спроведуваат најдобрата идеја на која можеле да се сетат, а тоа е да воспостават анти-бранковистички бранковизам, само овојпат на стероиди. Она што зачудува и замислува е леснотијата со која нивниот паралелен систем бил воспоставен и целосното отсуство на соодветен отпор.

    Оваа констатација, за жал ја намалува нивната вина и истата ја шири на поголема група граѓани. Ова е така затоа што појавата на фамилијата претставува одговор на цела дузина национални фрустрации, полу-вистини и самозалажувања. Мнозинството од нас бараше да биде лажано и сега не може истите да се прават затечени што се најде група на опортунист и битанги кои направија список од најголемите хитови и од нив изготвија платформа за на избори. Мнозинството од нас не беа заинтересирани да дознаат дали и колку од тоа што го говорат е поврзано со реалноста, мнозинството од нас не беа доволно созреани, иако имаа доволно години, за да препознаат дека нивната реторика е само ефтино љубовно писмо за нашите ниски граѓански страсти. Затоа сега одговорноста не е само нивна, и затоа сега е време за преиспитување. Будалите кои не учат од своите грешки се осудени вечно да ги повторуваат.

    Будалите се мнозинството од нас, од сите партиски бази, грешката е потрагата по силен, авторитарен и бескомпромисен (читај: бескрупулозен) лидер.

    Тоа дека ништо повеќе нама да биде исто е квалификација во генерална и општа смисла.

    Шанса за упристојување на државата доаѓа еднаш во генерација, ако имате среќа. Затоа опозицијата, а тука мислам пред се на СДСМ, има патриотска должност овојпат да оди до крај.

    Политичката и правосудна цена која ќе треба да ја плати кликата на власт се надеваме дека ќе биде соодветно висока, но евентуалната цена која СДСМ ќе треба да ја плати ако ги изневери очекувањата која самата ги подгреа, би била веројатно и фатална. Затоа мора правосудниот апарат да биде реконструиран со цел повторно да почне да продуцира правда, а државата да биде ставена на нозе за да почне да продуцира правичност. Институциите мора да бидат реекипирани и на ново претставени како инструмент за добро, а не како параван за измама која единствено продуцира лично богатење на малкумина и општа несреќа за другите.

    Поради ова тие што можеби се надеваат дека ќе успеат да посвојат некоја од новите вмровски полуги треба да знаат дека отпорот кон тоа прво ќе дојде од внатре и дека ќе биде жесток. Сите од политичката класа треба да знаат дека по сето ова, јамката на јавното мислење многу побргу ќе се стега и дека партиската лојалност ќе престане да преоѓа преку криминал.

    Ние немаме неограничен број на шанси за да изградиме пристојно, солидарно и функционално општество. Компромиси повеќе нема да бидат правени. Тоа мора да биде почетната точка на новата политичка мисла, секако откако ќе го изнесеме сиот шут.

    Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*