Неколкуте недели зад нас сме сведоци на многу немили настани од различен животен калибар, кои за жал, имаат за последица страшни и трагични приказни. Толку драматични и сурови да стануваат непојмливи со својата необјаснивост и исправаат пред нас многу прашања.
Првин се соочивме со катаклизмична природна катастрофа кај нашите соседи, со кои некогаш бевме едно. Сфативме колку умее природата да покаже колку е моќна, колку има свои закони и колку сме ние кутри, ранливи, мали и без сила да и се спротивставиме тогаш кога таа има свои причини да збесне. Тогаш немилосрдно голта се пред себе и за миг, само за миг урива се што сме создале и за што сме живееле и остануваме без ништо, благодарни ако сме живи. Се соочивме со неизбежното прашање: зошто ли ни е така тешко да разбереме дека сме гости на светов и дека се што имаме да делиме е судбината која може вака да не снајде, а се што имаме да множиме е слогата и потпирањето еден на друг?
Повторно безрезервно се здруживме околу неизмерливата трагедија и сите се потсетивме што е тоа во нас што не прави луѓе. Сега немо гледаме дека водата која дојде така безмилосно, зад себе остави пустош и дека допрва многу луѓе треба да се изборат со уметноста на преживувањето и да најдат сили да почнат одново. Како Феникси, од почеток.
Во меѓувреме, испливаа на површина прашањата околу тоа можело ли поинаку, природата ли си ја покажува силата или некој друг е виновен, дали секаде се делувало на време, кој е жртвуван и зошто. Се појавија и сомнежи, а некаде беа и јасни индициите дека дел од она што сите ние го споделивме во нашата човечка желба да помогнеме не стигнува таму каде што треба да стаса. Човекот во нас, оној кој за момент се разбуди, повторно покажа дека она што му е најважно е сепак – тој самиот.
Тргна лавина од агресивните реторики по медиумите и низ социјалните мрежи, лавина од приземниот менталитет, од морничавите ментални духови, од пресушеноста на човештината, од стравот, од дефетизмот, од цинизмот кој се граничи со навреди, од зафатите на его лифтинзи, од кусогледоста на лугето. Толку од човекот во нас.
Се соочивме и со необјаснива, безумна и болна трагедија која подразбра гаснење на уште еден млад живот.
Што да каже човек сега? Што да каже потресен и вџашен човек, родител и учител, свесен дека стана така едноставно да се посегне по туѓ живот, тукутака, од било која причина. За девојка. За велоспед. Зашто те гледам. Зашто не те гледам. Онака, од ќеиф. Свесен дека живееме во време кога леснотијата на убивањето ја смени леснотијата на живеењето со која секој од нас заслужува да си го одбитисува векот.
Што да кажеме сите ние, свесни за силната доза на искрен очај вбризган во душите ни, гледајќи уште една генерација млади застанати на наметнатите им барикади. Ладно, многу омраза, многу тага во нашиов безизлез. Шок бомби, оклопни возила, пендреци.
Да повикуваме пак на љубов? На разбирање? На разум? На смиреност? На добар животен избор? Како кога изгнездивме толкава омраза, да веќе не се разбираме, не сме во состојба разумно да гледаме на нештата и да лоцираме вина таму каде што навистина е, а изборите кои ги правиме одамна не се во функција на смирен, спокоен живот?
Аман веќе. До кога? И нам ни треба итна хуманитарна акција, луѓе. Треба да се соберат многу вреќи храброст за спречување на понатамошниот продор на безумието. Многу вода за одмивање на омразата. Многу очовечена облека за загревање на душата студена. Лекови за заматените погледи, бидејќи насилството со и во кое живееме има длабока причина, а не само исклучиво етничка боја која, ако се подгрева, само погрешно ќе го насочи и ќе го продлабочи. Многу градбен материјал за темелот заталкан. Многу средства за дезинфекција на животниот простор. Пред се, си требаме самите исправени на барикадите на кои треба да го браниме правото на живот. Оние барикади на кои видовме дека нашите млади рамо до рамо и едни со други умеат да бидат добри и хумани деца.
Многу торби здрав разум, заради кој вината ќе се лоцира онаму каде навистина е. Бидејќи таа сепак има име и адреса. И тоа како:
Сите кои забораваме дека сме должни децата да си ги учиме колку Маркес е во право кога вели дека од толкава омраза кон другите, од толку водење борби против нив, од толку размислување за нив, на крајот стануваат исти како нив и дека човекот има право да го гледа другиот од горе само во една ситуација – ако му помага да стане.
Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*