500x100-1

Пола мандат на Димитриевски или вака веќе не иде...

Бране Петрушевски

Во недоумица сум зошто отчетот за двегодишното (не)работење на кумановскиот градоначалник помина некако тивко, незабележително и слабо коментирано во кумановската јавност!? Дали поради фактот што „градскиот татко“ реално немаше многу со што да се пофали или пак, поради тоа што само после две години власт им здодеа на кумановци и (за мене) очекувано, почнаа да го перципираат како претопен во сивилото на неговите претходници од СДСМ изминатите скоро триесетина години...

Но, најпрвин како што е редот, дозволите ми кратко да го (зло)употребам медиумскиов простор и на нашиот градоначалник, кој е голем и деклариран Југословен, да му го честитам вчерашниот празник 29 Ноември – Денот на Републиката, денот кога било одржано Второто заседание на АВНОЈ. Попатно, додека го прославува овој за него голем празник, го потсетувам дека токму неговата партија го избриша АСНОМ од преамбулата на македонскиот Устав! Но, тезата со која ќе докажам дека моменталната владејачка гарнитура нема ниту Е од европски вредности, туку само потреба некогашниот Белград да го замени со Брисел, ќе ја оставам за некоја наредна колумна, со срдечен совет до градоначалникот да ја осознае разликата помеѓу почитување на минатото и живеење во минатото.

Но да се вратам на отчетот на градоначалникот Димитриевски. За да направам анализа дали доволно сработел за половина од неговиот мандат, најпрвин, ќе ги цитирам неговите приоритети со кои ја бараше (и ја доби) довербата на кумановци, истакнати во изборниот спот за локалните избори во 2017 година (извор Facebook профил на Максим Димитриевски):

„Ова се моите приоритети:

- Целосна реконструкција на голем број улици и паркинзи во градот;

- Гасификација на Куманово;

- Цевковод  Липково- Куманово за нови 500 литри вода во секунда;

- Дислокација на старата депонија и изградба на нова современа;

- Изградба на катни гаражи и формирање на пешачки зони;

- Нов младински центар и финализирање на градскиот плоштад;

- Нова индустриска зона во месноста Речица и Новини за нови работни места;

- Нов генерален урбанистички план за модерна и урбана општина;

- Нови спортски терени и зелени површини за развој на спортот;

- Соодветен развој на селата и приградските населби;

- Граѓанско буџетирање и инвестиции за сите.“

Ова се стратешки приоритети за кои Димитриевски требаше да реферира, а не да реди колку метри улички се закрпени или тампонирани. Димитриевски треба да понесе одговорност зошто воопшто не е започнато со работа околу генералниот урбанистички план, преку кој ќе се изнесе нова визија за развој на Куманово, ќе се уреди урбаниот и сообраќајниот хаос, па ако сакате и долгорочно ќе се решава загадувањето. Димитриевски мораше да објасни зошто гасификацијата стагнира и не се преземаат мерки за ширење на гасоводната мрежа, како и зошто нема дополнителни стимулациони мерки за што повеќе граѓани да го користат гасот како енергенс за загревање, што пак ќе влијае кон намалување на загадувањето. Дали случајно Димитриевски заборави на ветената и неопходна дислокација на старата депонија и модерното справување со отпадот. Зарем тој не гледа дека со старата транспортна механизација на ЈП „Чистота и зеленило“ повеќе смет им паѓа по улиците, отколку што транспортираат до депонијата. А за селекција или пак некакво модерно справување со отпадот нема ниту абер... Куманово „плаче“ за нови зелени површини, земајќи ја во предвид состојбата со аерозагадувањето. Но, освен популистичко садење на дрвца тука и таму, локалната власт нема сериозен план или проект за некакви зелени појаси во и околу централното градско подрачје. Понекогаш, слушајќи го Димитриевски, добивам чувство дека тој сериозно верува дека сите овие мерки за справување со аерозагадувањето се непотребни се додека си ја користиме „трактор-аеросолизацијата“. И само во насока на справување со аерозагадувањето можам да пишувам страници и страници за тоа што се не е направено и што се може да се направи, но за жал знам дека локалната власт нема слух и се ќе биде залудно... Воедно, ќе понесе ли некој одговорност зошто со мал прст не е мрднато за изградба на ветениот цевковод од Липково до Куманово, со што ќе се подобри водоснабдувањето, наспроти секојдневните дефектви во водоводната мрежа?

Искрен да бидам, не сум сигурен дека Димитриевски воопшто знае што значи граѓанско буџетирање, имајќи во предвид како до сега ги носеа Буџетите на општината, но ќе го почекам предлог Буџетот пред да го коментирам, со надеж дека поголем процент од нашите заеднички пари ќе одат кон екологијата и мерките против аерозагадувањето и дека ќе доживееме барем еднаш во три-децениското владеење на СДСМ со Куманово да биде прифатен барем еден опозициски амандман. Да бидеме живи и здрави и ќе видиме!

Драги кумановци, вака веќе не иде... Со вакво неработење не бива... Со вакво не знаење не можеме....

Бране Петрушевски, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*