×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Политички компромис

    Бранко Арсовски

    Време е да се создаде политичка клима во Општина Куманово за заеднички пристап на двете најголеми политички партии, пред сè, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, околу севкупниот економски и социјален развој на нашата Општина. Очигледно, праксата покажа дека Општина Куманово, од година во година, е во стагнација во нејзиниот развој, од причини што, на локално ниво, власта ја практикува СДСМ со нејзината помали коалициони партнери, додека, ВМРО-ДПМНЕ, исто така, со нејзините коалициони партнери, ја практикува централната власт. Ваквото практикување на власта, барем за овие десетина години, се покажа како погубно за развојот на Општината. Сведоци сме на една политика, која заради невоспоставена комуникација помеѓу локалната и централната власт, а може слободно да се каже, и сериозна нетрпеливост и конфронтација, негативно се одрази врз економскиот и социјалниот развој. Оваа тенденција во последно време, токму по изборите на локално и централно ниво, сериозно се продлабочува, што, во крајна смисла, граѓаните ги става во позиција на жртва на оваа нетолерантна политичка игра. Општо земено, локалната самоуправа, како резултат на централизираната фискална политика, не е во можност објективно, да направи сериозно придвижување во развојот, не само во инфраструктурата, туку и на економски и социјален план, особено во делот на привлекување на нови инвестиции, изградба на нови индустриски капацитети, нови вработувања, како и градење на други позначајни објекти кои имаат значајна улога во севкупниот развој на Општината. Ако вака се продолжи, лично сметам, дека последиците ги чувствува граѓанинот, кој, во ниту еден момент и случај не е директно инволвиран во таквата политка.

    За сега фискалната политика е централизирана, бидејќи од истата повеќе од 90% е во рацете на централната власт, од која директно зависи колку средства ќе ги насочи кон Општина Куманово и во која економска и социјална област. Тоа значи, колку централната власт ќе има желба да реализира поквалитетни проекти од економско и социјално значење, толку и ќе се реализираат. Општината со својата ограничена фискална можност, може во извесна смисла, да ја одржува постојната состојба на инфраструктурата, но не и да превземе нешто повеќе, што би се рекло, развојно.

    Заради ваквата состојба, а во интерес на граѓаните кои заслужуваат повеќе од она што во момент го имаат, потребно е да се размисли за создавање политички компромис помеѓу двете големи партии.

    Изборите поминаа, при што граѓаните на локално ниво ја избраа програмата на СДСМ, додека на централно ниво се определија за ВМРО-ДПМНЕ. Сосема легитимно и демократски граѓаните се определија и избраа свои претставници на локално ниво-преку изборот на Градоначалник и Совет на Општината и претставници на централно ниво, преку изборот на пратеници во Собранието на РМ. На централно ниво, ВМРО-ДПМНЕ однесе голема победа, која му овозможува и послободно да ја остварува својата политика која беше преточена во изборна програма. СДСМ, пак, на локално ниво оствари доста тесна победа, особено во соодносот на членовите на Советот на Општината, што значително ја отежнува работата на Советот, при што доведено е во прашање неговото функционирање и носење на важни одлуки, програми, извештаи, а значајни за развојот на Општината.

    За надминување на оваа сложена, но многу значајна состојба единствено излезно решение е да се дојде до позитивен компромис помеѓу политичките раководства на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во прв ред, околу практикување на локалната власт. Би било добро решение ако во локалната власт учествува и ВМРО-ДПМНЕ со коалиционите партнери, особено во делот на распределба на раководните места во јавните претпријатија, управните одбори, јавните установи, па дури и во Општинската администрација. На ваков начин, одговорноста ќе биде заедничка и во успехот и во неуспехот, при остварување на развојните програми на локалната самоуправа, и се разбира, во јавните претпријатија за кои основач е Советот на Општината.

    Се поставува прашањето дали ваквата концепција може да се реализира и на кој начин? Лично сметам дека може, се разбира, ако политичките недоразбирања и разлики се надминат, и се надминат досегашните политички крајно штетни односи, кои на граѓанинот практично не му ја обезбедуваат толку посакуваната економска и социјална сигурност.

    На овој начин, во Општина Куманово ќе дојдат нови проекти, нови инвестиции, нови надежи за економски просперитет на граѓаните кои се жртва на некомпромисна и конфликтна политика на локалната и централната власт.

    Во случај да не дојде до реализација на оваа концепција, која ја сметам за реална ако се има во предвид постојната политичка структура во Советот, би можело да се превземе нешто порадикално и смело, а тоа е распуштање на Советот и нови избори исклучиво за членови на Советот. На тој начин ќе им се овозможи на граѓаните на слободни и демократски вонредни избори да одлучат за составот на Советот на Општината. Ваквиот предлог би дошол до израз само под услов ако не се постигне политички компромис околу заедничкото учество на партиите во локалната власт или не дојде до подобрување на односите помеѓу централната и локалната власт.

    Бранко Арсовски м-р Бранко Арсовски, поранешен пратеник

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*