×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Политички шизофрени

    Емил Ташевски

    Нашата држава полека останува без квалитетни политички умови, без никакви политички идеи, без економска надеж, без сигурна иднина и без вистински пријатели.

    Во будистичката филозофија постои израз наречен среден пат, концепт кој и денес е во центарот на кинеската политичка филозофија. Овој термин на западот го користат сите оние кои се незадоволни од насоката во која се движат нивните општества. Оние кои внимателно го анализираат концептот на средниот пат тврдат дека тој е исклучително доблесен, бидејќи подразбира претпазливост и умереност кои отсуствуваат во западниот рационален апсолутизам. 

    Залудно интелигентните луѓе од западната цивилизација укажуваа на источната мудрост и важноста на разумот и предупредуваа дека нашето достоинство лежи во размислувањето и разбирањето. Блез Паскал, француски математичар, физичар и филозоф вели: “Треба да се обидеме да размислуваме правилно, бидејќи тоа е принципот на моралот“. Кај нас имам чувство дека разумноста и умереноста никогаш не станаа карактеристики на нашето општество. Имам впечаток дека нашите политичари од власта, но и функционерите во другата по ред партија во власта после ДУИ живеат во некој паралелен универзум. Кај нив е застапена т.н. политичка шизофренија.

    Што е шизофренија? Шизофренија е ментално растројство кое се карактеризира со дeзинтеграција на мисловните процеси и на емотивната реакција. Таа најчесто се манифестира како аудитивни халуцинации, параноични или бизарни илузии или неповрзан говор и мислење, придружени со значителна социјална и професионална нарушеност.

    Онаа другата, политичката ќе ја наведам низ неколку примери:

    - Во разговор со лажниот Порошенко, претседателот на една наша соседна држава да го нарекуваш националист и неперспективен политичар, а набргу потоа за добиени вакцини да го нарекуваш “брат” е најпрост пример за политичка шизофренија.

    - Втор пример е да велиш дека во Куманово ќе вложиш пари или веќе имаш вложено како влада преку проекти со што ќе му вратиш на Куманово за претходните години изолација, а излегува државниот завод за ревизија пред некој ден и вели дека Североисточниот регион е најнеразвиен регион, а добил само половина од предвидените буџетски средства.

    Во контекст на овој пример ќе наведам само уште нешто. На социјалните мрежи се појави слика од браната во Липково која е преполна, а како што кажа на претходните совети директорот на ЈП Водовод, на претпријатието не му се испорачува доволно вода со аргумент дека нема доволно во браната. Со тоа свесно или несвесно, оценете сами, ЈП Водовод се води во дополнителни трошоци кои се пари на самите граѓани.

     - Пред некој ден читав став на претседателката на локален клуб на млади во Куманово која ги спомeнува “добрите” политики на Владата, но и паралелно ги споменува лошите на претходниот режим. Една од тие лоши работи особено ми влезе во очи, а тоа е иселувањето на младите од државата предизвикани од претходната влада. Претседателката како да не е информирана, а мора да биде, дека во време кога нејзината партија е на власт отидоа или бројат денови до заминување на печалба нејзините два претходника, а мои познаници/пријатели со кои заедно го рушев тој режим што го споменува.

    Владеењето на Груевски нé одведе во античкото време во кое имало робови. Денеска со брзите измени на законската регулатива за изградба на коридорите што ќе проаѓаат низ нашата држава самите властодршци сакаат да си направат модерни робови со кои ќе се прават експлоатации на минералните суровини. Законите ги прават по свој терк. Фирмата која ќе гради не смее да биде одбиена од страна на стручните комисии од ресорните министерства, туку мора да и бидат доделени концесии во рок од 7 и 14 дена.

    За (не)разликите помеѓу обичната и политичката шизофренија ќе оставам на Вашата имагинација. Ако како граѓани не се обидеме да ги разнишаме комодитетите на политичките шизофрени набргу на ова парче земја ќе останат само тие и нашите баби и дедовци.

    Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*