×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Популизам да или сепак не?

    Мартин Костовски

    Многу актуелно прашање кое бара искрен одговор, популизам да или сепак не?! Македонската политика и политичка сцена изобилуваат со мерки и изјави насочени кон јавноста на кои се` повеќе се гледа како на популистички потези. Често можат да се слушнат реакции, коментари и лесно залепени етикети за преземена мерка, или почеток на реализација на проект од власта, дека е популистички потег. Пречесто се употребува зборот популизам со намера, исто така, да се оцрни нечија изјава, предлог, решение, став. Овој политички концепт се користи од сите политички страни, леви, десни, централни, но генерално неговото потекло се поврзува со центристичката идеологија. Затоа и многу лесно се користи од сите страни од идеолошкиот центар.

    Во Македонија не постои елита во суштина, нешто што со децении, па дури и векови е позиционирано високо во општеството, туку имаме примитивен провинцијализам, зачинет со агресивност и ароганција за да се скрие неспособноста на сите полиња на определени структури.

    На Македонија и е неопходен позитивен популизам кој ќе го предводат левичарските сили олицетворени во свеж СДСМ, кој ќе артикулира демократски и социјални права на граѓаните, наспроти моќта на елитите и олигарсите. Оваа задача не смее да се препушти на десницата предводена од нереформираното, но луцидно ВМРО-ДПМНЕ.

    Како народ дозволивме да не убедат дека секој популизам е лош. Што не е точно: популизмот е стратегија на отпорот. Австрискиот новинар Роберт Мишик има пишувано за Ernestou Laclauu, голем теоретичар на левичарскиот популизам: „За него популизам е политичка операција, средство за создавање на единствена група“. Тој во својата книга On populist reason има напишано дека популизмот не се обраќа на граѓаните (populusu), туку пред се на плебсот, на непривилегираните, на оние кои сите ги игнорираат. Воедно е и нешто повеќе, операција која покажува дека плебсот е единствен легитимен популист.

    За создавање на колективен идентитет, неопходно е разликување на нас од нив. Народот секогаш се конституира политички, а за тоа му е неопходен противник. Избирајќи го соседот вмровец за противник, или пријателот сдсмовец за опонент, дефинитивно избираме погрешен "противник". Кога точката на вриење доведува до бунт, време е да се протестира пред банките, пред седиштата на суровите квази капиталисти, кај цицачите на работничката пот, не пред партиските седишта. Само така флоскулата чопор, повторно ќе стане факт дека ние сме народ.

    Социјалдемократски сојуз на Македонија како партија која е најголем чинител во владеачката коалиција, дефинитивно мора да се признае дека е и најголемиот двигател на позитивните промени во општеството. За среќа или несреќа, многупати во неофицијални разговори се констатира дека СДСМ има таква "среќа" што во својот мандат се бори со кризни состојби (здравствена, енергетска, економска) и притоа спроведувајќи неколку изборни циклуси и решавајќи крупни историски отворени поглавја. А воопшто да не се фали (жаргонски кажано) за своите успеси.

    Со целиот цинизам и пакосни коментари на опозицијата од вчера и денес, сепак, после се`, Северна Македонија е силна во тоа што може да го оствари. Најголемиот проблем на оваа земја лежи во тоа што десницата на моменти ги мрази социјалдемократите, а кога некој ве мрази, тогаш го мразите и вие. Во таква поделеност се вртиме во маѓепсан круг додека времето немилосрдно не гази.

    Сите ние треба да се обидеме да го запреме говорот на омраза во оваа земја. Имаме толкава количина на омраза од двете страни која едноставно е ненормална. И едноставно не верувам дека ние воопшто се слушаме едни со други што зборуваме.

    Во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ од 11 години популизмот во државата се манифестираше во токсична комбинација од аграрен, ксенофобичен и социо-економски популизам кој оди според концептот на волјата на народот, секогаш употребена за тесно партиски интереси, за подбуцнување на етничките страсти, за уште една изборна победа.

    Ненормалната пропаганда со таквиот искривен популизам го доведе народот на дереџе да не верува во ништо, да не ја гледа перспективата дома и сега, да чуствува празен простор.

    За жал, празен простор – затоа што нема во кого да впериш со прст, да покажеш дека си длабоко уверен дека тој/ таа/ тие се спасот. Кога ќе видиш дека една заедница масовно артикулира бесмисленост, кога ќе видиш дека истата таа збирштина масовно, но и подмолно инкорпорира безгрижност и летаргичност, едноставно доаѓаш до момент во кој погубно и поразено ја
    прифаќаш интелектуалната дистанца. Да, некои разговори и некои теми просто немаат смисла, не вреди ни да им се придава внимание. И пак се бара светло на крајот од тунелот.

    Конечно, на моменти, ни треба да олабавиме еден од друг, јавно, да се оддалечиме и да се ревитализираме внатрешно. Па отпосле да креираме една нова здрава и интелектуална средина во која ќе се сретнеме за да размениме искуство и знаење, а не како сега, најлошото што еден човек во крик и грч може да го создаде. Нема друго, балансот и спасот ќе ни дојдат кога ќе го обновиме концептот на ко-егзистирање. За системот одамна се договоривме – тоа сме ние, не смееме да дозволиме да бидеме црвот кој ќе нè изеде. Заедно за национални интереси можеме многу, но дали сите искрено сакаме?

    Ниту една популистичка реторика или мерка не смее да се зема здраво за готово и лесно да се проголтува. Изразениот критички став на јавноста и контрола на степенот на преземените мерки од власта придонесува до превенција и намалување на влијанието на популизмот. Тој не може да се искорени поради неговата лесна прилагодливост, но сепак може да се
    превенира и намали неговата појава, односно да се употребува со цел реално да се одсликаат придобивките или пропустите од актуелни политики. СДСМ треба и мора многу похрабро, популистички и "народски" да ги презентира сите свои успеси, сите свои жртви и придобивки за оваа наша убава држава.

    ДА за популизам кој ќе рефлектира реалност за прогрес, НЕ за популизам кој придонесува за регрес. Едноставно е нели?

    Мартин Костовски, пратеник од СДСМ

     

    Мартин Костовски Пратеник од СДСМ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*