Верувам дека сосема сте свесни за сите организациски облици кои ни недостигаат како општество. Кај оние кои постојат пак, организираноста не е на завидно, или уште повеќе потребно ниво. Нашиот просечен успех како група на луѓе, во последниве три децении, едноставно не е задоволителен. Она што е околу нас не смее никого да задоволува.
Премногу е лесно да се изгубите во дневната политика, да залутате меѓу соопштенијата на центрите за комуникација. Примамлив и опоен е нивниот натпревар во плукање. Сепак, ние не сме без вина. Тоа е кроено според нивната процена за нашите потреби и апетити, нешто како политички еквивалент на реалити-шоу или некоја турска серија чиј сет можеби сте го посетиле како дестинација на Вашата осмомартовска екскурзија. Нејсе.
Сепак, суштината на нивното постоење е, или би требало да биде Република Македонија, нејзината функционалност и виталност. Овде мора да одолеете на нагонот да ја поистоветите „старата мајка“ со копилињата кои до сега управуваа со неа, а беа избирани од нас.Можеби ова ќе ви изгледа апстракно и неважно на индивидуално ниво, но државата може лесно да биде рамка за индивидуалните успеси. Ова е важно и ако само сакате да бидете оставени на мира, затоа што здравата држава многу полесно го прави и тоа. Сепак кај дел од Вас секако дека ќе се јави доза на цинизам кон ваквата цел, но Вие не сте виновни за тоа. Тоа е директна последица на бришањето под со сите системи на вредности генерално и сите професионални стандарди кога се во прашање државните работи.
Проблемот кај нас, денес, е тоа што проблемите тешко ќе ги решите по стандарден пат. Стандардните канали за политички и општествени промени се одамна затнати или во најдобра рака неефикасни. Доволно е само да го погледнете најголемиот дел од активното членство на двете најголеми партии. На една страна имате уплашени за својата работа, глувци, со секташка приврзаност за партиското раководство, а со тоа за финансиските интереси на партиското раководство, не партиски, не национални. На друга, урбани, буржуа, обдувани боеми кои мислат дека до власт ќе дојдат на било каков регуларен или полу-нормален начин.Станува јасно дека нема кој да ги примора лидерите да промовираат или спроведуваат политики, изборната победа станува цел сама за себе.
Ако воопшто остана надеж дека некој ден ќе станеме тоа што треба или тоа што мислиме дека можеме, таа е во мала група на луѓе. Површно познавајќи ја нашата модерна историја, ова не е ништо ново. Оваа република, впрочем е создадена од доволно посветени тинејџери. За она што следи да можете да го разберете, покрај љубов и приврзаност кон татковината, неопходно е љубовта да не ја разбирате на турбо-фолк начин. Употребата на антички шлемови од морска пена и ветувањата за марширање на Солун за оваа намена не се употребливи, овде се работи за нешто многу посериозно.
Станува збор за формирање, условно кажано, на македонска „длабока“, тајна држава.Терминот derin devlet се јавува во Турција во 70-те и во превод значи длабока држава или длабока состојба. Се користи за да се опише неформална група составена од високи членови на армијата, судството, безбедносниот апарат и криминалните структури. Излегува во јавност кога поранешниот премиер Ечевит го обелоденува постоењето на турската гранка од операцијата „Гладио“ позната како „Контра-герила“. Оваа група во турските медиуми главно се поврзува со државните удари од 1971 и 1980 год., а подоцна со борбата против курдските сепаратисти.Општо прифатен меѓународен термин за појава од ваков вид е англо- американскиот deep state.
Поради неформалноста на постоењето, постојат многу разлики во појавните облици на ваквите групи. Нивното постоење од друга страна се оправдува со одбраната на националните интереси. Поради ова, секако, македонската верзија би можела да биде приспособена на нашите потреби и околности. Овде мора да биде направена разлика меѓу тајната држава и полициската држава, втората како профитна и минлива група на тепачи, обично во цврста прегратка на партијата на власт, за разлика од првата која би можела да биде веројатно и најдобриот контролор на легалната власт, безкомпромисен субјект кој единствено за цел има одбрана на државните, секуларни интереси со цел подобрување на општата благосостојба. Ставање на македонската република пред интересите на македонските партии.
Ваквото неформално поврзување на поединци во нашиот случај би требало да биде направено од нужда.Ова поради невиденото, срамно и парализирачко ниво на корупција. Понатаму поради рамнодушноста на најголем дел од граѓанството. Поради тоа што довербата на граѓаните и интересите на нацијата беа и се предавани, повторно и повторно. Поради тоа што Македонија не смее да биде претворена во одморалиште за пензионери, колку и да се бесплатно возени, шетани или бањани.
Нашата индиферентност и лабилност на почетокот, кулминираше во малициозното лудило од последниве години, барем се надевам дека кулминираше. Сето тоа не доведе во ситуација на агонија, политичка, културна и економска. Врвниот државен интерес е истата да функционира правилно и да ги задоволува основните потреби на своите граѓани. Тие мора да можат, доколку некој ги повреди нивните права, да излезат пред своите судови и во разумно време да добијат правда. Поради ова не смее партијата на власт до актуелниот степен да го подведува судството под своите тесни, финансиски или реваншистички интереси. Не смее, исто така, да биде дозволено нацијата да биде вовлечена во ступидни историски авантури со сомнително потекло. Ваквата група на луѓе пред се, треба да обезбеди стабилност и континуитет, вистинска заштита на државата од надвор, како и од внатре.
Дали ваква група постои во било каков облик, не знам.Или не постои или пак ако постои не си ја врши добро работата.Ова затоа што постојат појави кои го негираат нејзиното постоење или ефикасност. Кога во Македонија би дејствувала група на искрени, добро информирани и способни патриоти, со доволно средства на располагање, не би можеле да имаме министер за надворешни работи кој има напишано книга во која тврди дека кодификаторот на стандардниот македонски јазик е плагијатор, или пак министер за одбрана за кого постои високо веројатно сомневање дека го има овозможено еден од најлошите денови на македонската армија и член на Синодот кој има досие за соработка со разузнавањето на соседна држава. Ваквата група ќе произведеше и соодветен лидер на опозицијата до сега, со цел одржување на некаков баланс, како што и немаше да дозволи недоветен лик да биде избиран два пати за врховен командант.
Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*