Малата доверба што граѓаните ја имаат во институциите мора да предизвика сериозен аларм за власта. Таквите поразителни бројки се континуитет во владеењето на ДУИ и СДС, а се потврдуваат и во последното истражување на јавното мислење во анкетата на Евротинк. Граѓаните им кажуваат на властите дека најмалку веруваат во судството и во институциите кои што се најповикани за справување со корупцијата и криминалот.
Обвинителството со само 7%, а судството со само 6% не се перцепција, туку зад овие резултати се кријат конкретни индикатори и состојби за кои директно е виновна власта на ДУИ и СДС. На прашањето „Што мислите како институциите ја водат борбата со корупцијата?“ – 71% сметаат дека институциите потполно лошо ја водат борбата. Запрепастува фактот што испитаниците имаат негативно мислење и за Државната комисија за спречување и борба против корупцијата и 70% велат дека воопшто немаат доверба во оваа институција. Во ДКСК и лично имав поголема доверба, па се обидов функционерите од аферата Тајни имоти, за кои јавно објавував дека криеле имот, да ги пријавам во ДКСК. Веќе неколку месеци нема никаква реакција. Индикаторот од оваа последна анкета, во која 69% од испитаниците воопшто не и веруваат на оваа Влада е само показател дека оваа неспособна и криминална власт го урна правниот поредок, ја зароби правната држава и го поларизира општеството во целост. Односно никој повеќе не верува во подобра иднина со оваа власт.
Одговорна и демократска влада, после големите порази и фијаско во сите полиња, после вакви анкети, во демократските европски држави си дава оставка. Ако оваа влада е про-европска, како што сака да се декларира, тогаш нема друг избор. Оставка и избори. Но, власта се реши да влезе во авантура на „зголемување“ на мнозинството. А што всушност прави? Пазар. Но есапот дома и на пазар, не се исти. Обидувајќи се да купи 8 пратеници од Алијанса за Албанците, за 3 министерски и неколку директорски позиции, „продаде“ скоро ист број пратеници од Алтернатива, Демократски сојуз и огнената група на ДУИ, барем за сега. При гласањето за реконструкцијата ќе видиме прецизно што доби, а што изгуби власта.
Но што добива, а што губи народот? Можно ли е народот за неколку месеци мандат да добие некакво подобрување на животот од оваа истрошена и однародена власт? За жал, народот само ќе изгуби уште една година гледајќи како власта на ДУИ и СДС тоне во неспособноста. Година на руинирање на здравството, понижување на здравствените работници и последните крици на болните за лекови. Година на уништување на образованието, на родители преплашени од евакуациите од бомби, на ученици без учебници. Година на економски порази, висока инфлација и осиромашување на народот. Година на штрајкови за плати, протести за правда и блокади. Година без правда и со политички затвореници. Година на градење на илјадници километри автопатишта само во спотовите на владата, година на не реконструирани кровови на училишта, театри. Година на понижени и заборавени културни работници, на откажување на културни бренд манифестации на сметка на некои нови, непознати барем за нас што говориме македонски јазик. Година на клечење пред големо-бугарскиот шовинизам. Година во која зад превезот на европската иднина власта ќе продолжи да краде и пљачка. Година на тендери во 4 очи за богатење на фирмите на власта. Уште една изгубена година во неспособност и безидејност.
Ете тоа ќе добие народот, реконструкција на владата за деструкција на државата.
Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*