×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Сага за болеста

    Елизабета Секирарска

    Ми го немаше зборот некое време. Многу обврски, многу желба да се стасаат, многу средби со тврдоста на ѕидот, многу напор да се најдам каде сум и зошто сум таму. Многу товар распореден по денови, по плеќи, по погледи, по перо. Само време - малку. Ама пишував, всушност. И тогаш кога харијата остануваше празна. Окото ми пишуваше секогаш кога гледав како збрчкана и занемена старост ја живее својата самотија. Како подгрбавена мајка го голта своето достоинство додека буричка во контејнер, а за здолништето и се држи мрсулаво детуле со глад во окото. Како ученик, прекрасен млад човек, на својот видокруг  му дозволува бег од хориозонтот, без желба и потреба на својот ум да му даде шанса да прими убав, исправен поглед на свет кој ќе го води цел живот. Како јас сум се повеќе немоќна да му помогнам да не го стори тоа. Како луѓе без израз на лицето со кои се разминувам, всушност стојат заглавени во тесните, забрефтани лифтови кои никаде не водат. Како армија млади вложиле во себе и сега нема каде, зошто и како да добијат потврда на таа инвестиција. Како луѓе во паралелен универзум на кои розевите очила им се животен аутфит, без срам и усул продаваат привид на животна убост, онаа која само тие ја гледаат.  Се се тоа сликички, врамени во колаж закачен на ѕидот во кој сите гледаме. Ѕидот од собата во која сите живееме. Сликички од животот.

    Што со овој колаж? Како да насликаме една поинаква, посреќна, почовечка и облечена во ведрина слика? Како да отвориме врати и прозорци, да вселиме свежина по дома и да си раскажеме едни други приказни? Да си бидеме човек на човека кога врне. Да му се смееме на животот затоа што сме си убави, така спокојно облечени во него. По мерка. Како некогаш.  Да не не голта секојдневнието, па изџвакани и со пасирани умови да не исплука, а ние замолкнати да сме среќни што сме залак, место да гриземе. Да не се храниме со омраза во редовни оброци, трипати на ден сервирани на нашите испостени софри. Да сме тука за важните нешта, оние кои ни се викаат Живот.  Да не ги негуваме така посветено, до ниво на необјаснивост,  дисциплините Правење сопка, Нож во грб со прескокање пречки, Затапување со центрифуга на мозокот на долги патеки, Осиромашување ама барем се гради, Задолжување на внуците ама оние поарни да не беа ем за плати и пензии ќе нема, Бањање во фекалии надвор од контекст,  Разделување на она што некогаш се викаше Едно, Ампутација на емоции без анестезија, Оди си од овде без жалење 18+,  Кога во Скопје доаѓаш од провинција без канализација прави си селфи под копитата на Букефал ем кај барокот - како веќе долго време етаблирани национални спортови во кои битката за прво место е просто морбидна, а конкуренцијата непојмлива за една нормална земја. Да посочиме концентрирана злиња оти тоа и е името. Да се потсетиме дека правото на мир, спокој, достоинство, работа, здравје, ум и почит го имаме сите и за него треба да се бориме, оти некако се уште наивно мислам дека ако сме луѓе, никој не треба да е спокоен и мирен  во земја во која спокојот и мирот не важат за сите. Да не маваме по големината на другиот за да самите, малите кутри ние, си личиме поголеми. Да веруваме во бојата, оти го депортира сивилото. Да веруваме пак во добрина. Како некогаш.

    Како? На ова измачено парче почва и треба интервенција од поголем опсег, навистина. Можеби од тажно драматичната состојба на овој измачен организам наликува дека е предоцна, дека деформираноста веќе продуцирала сколиозен р,бет кој не го држи на нозе, а грдите израстоци се држат цврсто за ткивото и не можат да се тргнат. Сепак. Мора да може. Убава и топла е оваа почва. Наша е. Таа ни е. Заслужува заздравување.

    Првин треба да и се отвори главата. Мозокот да и се обои со чиста, здрава мисла која на раката ќе и прати сигнал по кого треба да замафне. На кого да покаже со прст. За на вината да и даде прецизна локација и на постапките да им даде вистинско име. Да се вгради животен џи пи ес кој во секое време ќе кажува каде е злото. Да постави патокази по патот кој враќа на Прав Пат. Да служи за размислување, а не за всадување на мисла која оневозможува мислење.

    Потоа треба да се направи трансплантација на срцето. Замена на чукањето со човечки ритам, кој пак ќе учи дека чукајќи за другиот, чука и за себе. Ќе биде тука за вдомување на насмевка, допир, помош, потпора, пријателство, сосед, колега, брат, сестра, родител.  Да учи пак дека Малиот Принц е голем оти знае - само со срцето добро се гледа.

    Потоа треба да се санираат последиците од долготрајното контаминирање на бубрезите. Песокта, камењата, сета тиња и отпадните продукти на заболениот метаболизам да се исфрлат и телото да замириса на нане и мајчина душичка.

    Нема да е лесно. Болеста е тешка и долготрајна, а тогаш оздравувањето бара барем двапати повеќе време од времето на  боледување. Како? Тешко ќе е. Претешко. Кој? Сите. Оти ако не за нас, за децата ни се работи. Зошто? Оти деформацијата стана стил на живот, а  малку стана премногу.

    Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*