Еден тон реакции на изјавата на претседателот за незаминувањето на младите и причините за тоа, главно во рамки на неговиот комплициран однос со реалноста или нејзиното, овојпат целосно, напуштање како и потребата што поскоро да и се врати на истата. Сите овие реакции, секако, се на место. Меѓутоа објаснувањето што го даваат не е доволно.
Господинот не само што ја нема напуштено реалноста, туку напротив, повеќе од било кога ја држи цврсто, но својата реалност, само својата, онаа во која тој е претседателот. Ќе кажете дека не му вреди многу затоа што тој е на функцијата само формално, дека нема никаква реална моќ за одлучување, но тој никогаш не ни бил заинтересиран за тоа, него го интересира само изгледот на нештата, само формалноста според која тој е шеф на државата. Тоа е впрочем мотивацијата за изјавите за кои сум убеден дека и тој самиот знае дека се спектакуларно глупави. Тој го одработува вториот мандат, кој му беше даден, како да е коцкарски долг и секако се надева на трет.
Пишувањето за него, спротивно на изгледите, е тешко и до сега содржеше доза на задршка, ова само поради почитта кон сите кои служат во македонска униформа, меѓутоа тој ги извади сите кочници на својата политичка немисла, па ќе мораме и ние да го направиме истото со својата мисла.
Нашиот претседател е опортунист од најдолен вид, апсолутно свесен за своите недела, кои ги прави само за да ги задоволи своите крајно себични и тесни интереси. Секако дека човекот е спремен да гази по нашето достоинство и интелект кога нема проблем да гази по своите. Нему не му е под честа формално да е прв во државата, а за секој потег да мора да бара дозвола, да не смее ниту еднаш да го употреби суспензивното вето, барем во театрални цели, да ги одмолчи сите цивилизациски назадувања пред се во изразувањето како потрага по вистината. Сето ова за да може да оди по приеми, да се вози во блиндирани возила пред кои ќе биде стопиран сообраќајот, да може да се слика со странски државници и тоа да го прави на грбот на достоинството и благосостојбата на својата нација за која сведочи дека толку многу ја сака.
Ѓорге Иванов не предаде сите со тоа што се предаде самиот себе. Сите приказни за неговото учество во почетоците на македонскиот плурализам, за демократијата, слободата и потрагата по вистината, за доведувањето на Ѓинѓиќ при крајот на 80-те, сега сето тоа вреди колку и неговиот меѓународен кредибилитет. Сето тоа било само една долга и комплексна измама кон јавноста општо, на крај на која ќе се зграби власта за да преку неа се задоволат ниските страсти и им се покаже средниот прст на сите кои до таму биле со вас и на се во што сте се преправале дека верувате.
Добрата вест е дека господинот сам по себе нема никаква политичка тежина и дека со пропаѓањето на актуелната политика ќе пропадне и тој, во заборавот на нашата историја како пијана ноќ на која не сакаме многу да се присеќаме.
Она што го предизвика политиката од која е дел Иванов, е специфичното делување на опозицискиот блок чија централна понуда е враќањето на демократијата и слободата и истиснувањето на партиската политика од општествените пори во кои не и е место.
Меѓутоа ова изгледа никој му го нема кажано на градоначалникот на општина Центар кој пред една година доби одлична платформа за промоција на опозициските политики и пред се вредности. Така истиот кој ја галванизираше целата опозициска и независна јавност за да му помогне да избоксира победа во третиот круг, дошол на идеја (наводно било во неговата програма) дека на боемите во Скопје им фали инфрастрктура. Мерило дека состојбата е тажна е тоа што очигледно треба на либерал да му објаснуваш дека некои работи во општеството се случуваат спонтано или никако. Тоа што сега во Дебар маало има улица затворена за сообраќај, поплочена со коцка, во која има кафеани и која се вика боемска, не значи дека и навистина на истото место има вистинска боемска улица. Како што Жерновски не го прави боем тоа што на отворањето носеше аскот. Кому ќе кажеме и кој ќе ни верува за репресијата на ДПМНЕ кога очигледно сме доволно слободни за да се занимаваме со боемштина. Секако дека Жерновски таму не беше сам.Наредниот ден возевме велосипеди, нормално. Активности кои ја хранат сликата за нормалноста во инаку ненормалната република, кои служат да се прикаже дека состојбата е до тој степен средена па може да се зафатиме со тривијалности.
Овој негов проект, подржан од обдуваната, урбана „елита“, која мисли дека лебди над плебсот, неправедно не е изложен на истата количина потсмев како и на пример галиите во Вардар или било кој од најголемите хитови на СК2014.
Шансата преку делувањето од Центар да бидат надминати границите на општината и на јавноста да и биде даден увид во опозициската политика која би била водена на републичко ниво, засега е толку нападно неискористена. Се сомневам дека ова е така, затоа што за тоа нема лична потреба Жерновски. Нему не му треба такво делување, тој веројатно смета дека не е фино на таков начин да бранува и наместо тоа се реши де факто да се пензионира од активната политика и да се фрли на хортикултура и угостителство, од нив, нели, никој нема завршено во затвор. Поведение кое суштински се разликува од она на Хорхе само по елоквентноста, овде искористена како средство за измама и дифлекција.
Неговиот најголем успех до сега е тоа што покажа дека опозициската политика и покрај скоро девет години порази сеуште се нема целосно излечено од салонските политичари, од „празните костуми“, од реториката која не кажува ништо и дека сеуште се нема спуштено во македонската кал, зашто само преку тоа искуство ќе може да и биде прикажано она што мора да се прави.
P.S. Ако некој се сети или знае, нека ми каже зошто СДСМ немаше свој кандидат во Центар.
Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*