Се од 2008 година па наваму, од втората победа на ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори таа година па до денес, се обидувам да извлечам разумен заклучок за сите можни методи кои ги користи оваа власт да ги оствари целите кои си ги има зацртано, не во смисла на цели за доброто на државата зашто одамна ми е сосема јасно дека тоа за нив никогаш воопшто и не бил примарен интерес, туку сопствените партиски цели и личните цели на клучните луѓе во врвот на партијата. Општ заклучок е дека едноставно не можете да извадите резултанта од сите глупости кои ги имаат направено на оваа држава и на овој народ, но она што паѓа во очи е начинот како се врши пресметката со поединци, со луѓе и како се игра со човечки судбини кога е во прашање остварување на интерест.
Не дека и некои од овие луѓе не им дале повод за такво однесување со самиот факт што некогаш порано а некогаш подоцна директно соработувале со режимот.
За да дојдеме до последните примери, да се потсетиме малку и за периодот пред 8-9 години па наваму . . . Ако добро се сеќавате драги мои на периодот 2005-2006 година пред и за време на одржувањето на парламентарните избори, која тоа телевизија беше најгледана во Македонија и што имаше се во ударните вести на тогашната А1 Телевизија ?! Ми се чини дека немаше еден прилог во кој не се напаѓаше тогашната Влада и во кој не се пренесуваа ставовите на тогашната опозиција - и тоа најжестоко. Откако ги добија тие избори, ја превземаа МРТВ, ги устоличија Сител и Канал 5 како главни фактори во медиумскиот простор, а од друга страна А1 се опули и почна реално да ги согледува и пренесува состојбите во државата сите добро знаете што му се случи и на газда Велија и на сите околу него . . . а А1 повеќе ја нема.
Па брат Љубе . . . зарем заборавивте кој го пречека на скопскиот аеродром, кој го гушкаше и водеше секој ден со себе се додека не стана пречка за режимот. Знаеме и за него како заврши. Овие два примера ги земав како пример за еден метод на справување со оние кои поинаку мислат и поинаку се однесуваат кон бладетелите наши, метод на т.н. истребување.
Примери за вториот метод се токму овие што ни се моментално случуваат во државата. Тука мислам на Роза, Солза, Љубица и последниот на Шиповиќ. Метод на класично тргување, со некои за пари, со некои за интереси а со некои за гола слобода.
Една сосема легитимна одлука на опозицијата да не учествува во работата на Собранието поради злоупотребената и дисторзирана воља на граѓаните на последните парламентарни избори се претвора во најобична лакрдија, до сега во 3 чина, до крајот уште колку ќе има ќе видиме. Прво, класичното купување на Роза Топузова. Нема ниеден друг логичен заклучок за однесувањето на оваа госпоѓа кој би ја оправдал нејзината одлука да учествува во работата на Собранието. Жената мислела дека таму треба да се пренесуваат ставовите на граѓаните кои и го дале мандатот. Ма немој молим те !!! Исто и Грчева и Буралиева . . . а, случајно да не ве ставеа СДСМ и ЛДП на листите кои тоа интереси ќе застапувавте и каде ?!
Последниот пак случај со Претседателот на Советот на Општина Центар е најкласичен пример за она што ја го викам трговија а момците што го прават сето ова најобични трговци. Ама овој случај е можеби и најспецифичен затоа што овде не се тргува со подмитување, нудење пари, функции на нив или на нивни членови на семејство, овде се работи за најгруба трговија со човечка слобода, со човечка судбина. Прво го уапсија како најобичен криминалец, па го држеа 7-8 месеци во притвор додека да го скршат психички и на крајот го пуштија за да им ги задоволува бизнис интересите со кревање на рака. Понижување до крајни граници без никаков компромис.
Само една работа сеуште не ми е најјасна . . . кога мнозинството граѓани ќе разберат дека се робови во сопствената држава ??!
Виктор Божиновски Виктор Божиновски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*