Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
После цела деценија ја вративме поддршката за развој на научните и високообразовните установи, како и повикот за финансирање на реализацијата на научно-истражувачки проекти на јавните научни установи, со што на располагање се 17,3 милиони денари, истaкна министерката за образование и наука Мила Царовска на средбата со Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност.
Таа нагласи дека МОН ја променил и политиката за стипендирање, со цел да се создаде кадар кој ќе се занимава со наука и истражување.
„За првпат се воведени стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а по цела една деценија вратени се и стипендиите за постдипломски студии во државата во висина од по 9.000 денари месечно, за 9 месеци во годината“, рече Царовска.
Исто така, за околу 80 % се зголемени поголемиот дел од стипендиите за прв циклус од додипломски студии, а воведен е и субвенциониран студентски оброк за сите редовни студенти на државните и приватните факултети во државата.
Министерката истакна дека во фаза на подготовка е и нов Закон за научноистражувачка дејност, од страна на работна група со претставници на сите универзитети и научни институти.