×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Дигитализацијата на училишните библиотеки скап процес, државата ги остави општините сами да го спроведат

    20.02.2021 16:17 | KumanovoNews

    Средношколците ќе почекаат на дигитални книги од училишните и градски библиотеки, бидејќи се работи за комплексен и скап процес, кој речиси воопшто не е започнат или е се уште на почетокот. Општините се оставени сами да ја решаваат дигитализацијата на книжевниот фонд во училишните и градските локални  библиотеки, за што мора да издвојат од своите буџети, а дополнително и да обезбедат соодветен кадар. Ова го покажа истражувањето на Кумановоњуз, кој ги контактираше надлежните институции во државата за стратегијата и плановите во областа на дигиталното библиотекарство.

    Дигитализацијата на училишните библиотеки скап процес, државата ги остави општините сами да го спроведат

    Од почетокот на падемијата со ковид 19, кога училиштата започнаа со онлајн настава, библиотеките останаа затворени неколку месеци, додека да се прилагодат на новонастанатата ситуација. Учениците се соочија со ограничен пристап до потребната литература, неопходна за непречено спроведување на образовниот процес и совладување на наставното градиво.

    Според истражувањето на Кумановоњуз во кое учествуваа 132-ца средношколци од Североисточниот регион, 34,5% од анкетираните сметаат дека ова негативно се одразило врз нивниот успех, затоа што не можеле да дојдат до потребната литература, а 17,6% потврдиле дека имале разбирање од професорите, кои им „прогледале“ низ прсти кога не можеле да ги набават потребните изданија. Дури 50,7%, пак, одговориле дека поради здравствената криза го намалиле читањето.

    Ако знаеме дека учениците ги набавуваат лектирите и другите книги главно од училишните и градски библиотеки, логично е да се постави прашањето за процесот на дигитализација на библиотечниот фонд, за да им се обезбеди брз и неограничен пристап на младите до непречена и квалитетна настава. Одговор побаравме од надлежните институции во државата, која е дел од Дигиталната агенда за Западен Балкан што подразбира дигитална трансформација и електронски услуги и во јавниот сектор.

    Од Министерството за образование и наука (МОН) посочија дека за обезбедувањето на библиотечниот фонд, вклучително и спроведување евентуален процес на дигитализација, надлежни се самите училишта и општините како основачи на овие образовни институции.

    „Процесот на дигитализација на образованието во РСМ е веќе започнат и се интензивира, особено во периодот на пандемија, која донесе дополнителни предизвици во организирањето на учење на далечина. Доколку не се инвестира во дигитализацијата, затворањето на училиштата може да резултира со огромна загуба во развојот на човечки капитал и да донесе долгорочни економски и социјални импликации“, изјавија од МОН.

    Општинските училишта и општините, пак, се уште не размислувале за дигитализација на библиотечниот фонд, а слична е состојбата и со градските библиотеки. Оттаму посочуваат дека чекаат насоки од ресорните министерства, а за целиот процес се потребни средства, обучен стручен кадар, регулирање на авторските права и други процедури.

    Од Општина Куманово сметаат дека процесот на дигитализација на училишните библиотеки треба да се спроведе преку надлежното министерство, во овој случај Министерството за образование и наука, со закуп на работни станици во системот COBISS.

    „Општината ќе биде во можност целосно да го имплементира барањето на МОН во моментот кога ресорното министерство ќе обезбеди финансиски средства и техничка поддршка за имплементација на проектот, бидејќи истиот е глобално решение на државно ниво. До тогаш на располагање ќе бидат капацитетите на ЈОУ Библиотеката “Тане Георгиевски” и училишните библиотеки“, вели градоначалникот Максим Димитриевски.

    Дополнително, прашавме во МОН дали имаат добиено средства, наменети исклучиво за дигитализација на библиотеките во рамки на Дигиталната агенда за Западен Балкан и дали не би требало тоа да се реализира на централно ниво, како поекономично и полесно изведливо решение. За жал, одговор се уште не добивме.

    Од земјите во нашето опкружување, најнапред е Хрватска во која се достапни лектирите за основно и средно образование во електронска форма. Проектот е започнат уште во 2009 година по иницијатива и со поддршка на тогашното Министерство за наука, образование и спорт, а го реализираат Булаја издаваштвото и Хрватската академска и истражувачка мрежа CARNET. Дополнително, во рамки на проектот „е-училишта: Воспоставување на систем за развој на дигитално зрели училишта“, фондот е збогатен со нови 72 лектирни изданија , достапни и на знаковен јазик и во други формати за учениците со потешкотии. Србија, Црна Гора и БиХ главно работат на дигитализација на учебниците, а дел од дигитализацијата на лектирите се одвива преку непрофитни организации или комерцијални субјекти, како што е случај и кај нас. Позитивен пример се основните училишта во Србија, кои на своите веб страници им ги претставуваат сите достапни ресурси за дигитализирани лектири на учениците, со конкретен навод каде може да се најде определена книга.

    ШТО Е ПОТРЕБНО ЗА ДА СЕ ДИГИТАЛИЗИРААТ КНИГИТЕ?

    За тоа колку е скап или комплициран процесот на дигитализација на библиотеките го прашавме Мартин Јованчевски од Куманово, рецензент на порталот за информатичка технологија it.mk , кој ни појасни дека за да се направи дигитализација на книгите во едно училиште потребно е да се исполнат низа комплексни услови.

    „Грубо зборувано, првин е потребно да се одобри таквиот проект за дигитализација од директорот, а потоа да се одреди лице или лица кои ќе бидат задолжени за индивидуална дигитализација на секоја книга. Скенер, кој би завршил соодветна работа чини од 100 до 500 евра, но потребна е одредена техничка поткованост, знаење како да се скенира, активира OCR поддршка преку соодветен софтвер, а потоа и да се архивира дигиталното дело. Во зависност од бројот на книгите, потребен е неколкумесечен период за скенирање и софтверска обработка“, вели Јованчевски.

    Тој објаснува дека понатаму треба да се создадат услови за масовна дистрибуција на дигиталните книги до учениците, а едно од посоодветните и пофлексибилни решенија би било создавање на веб сајт, поврзување на учениците до него и обезбедување услови за пронаоѓање, преземање и нивно читање.

    „Дополнително, преку самиот веб сајт може да се интегрира и софтверски читач, или пак да се создаде апликација преку која ќе се добие директен пристап до библиотеката преку телефон, односно таблет. Ова е дополнителна работа од стручно лице што може да потрае исто така неколку месеци, а да чини од 10 000 - 60 000 денари, дури и повеќе.Бесплатна алтернатива за масовна дистрибуција, пак, би било да се постават скенираните книги во .pdf формати, а потоа да се споделуваат, на пример преку Фејсбук група, за да можат родителите и учениците да ги преземат и читаат преку соодветна апликација или е-читач“, вели Јованчевски.

    Познавачите на оваа област се категорични дека поголемиот број училишта тешко можат да ги обезбедат потребните финансиски средства и стручен кадар кој ќе раководи со проектот. Постои сериозен ризик наместо неколку месеци, дигитализацијата да се развлече на неколку години или воопшто да не се реализира, сметаат експертите. Како полесно да се надмине тој јаз појаснува рецензентот Јованчевски.

    „Најевтиното и најефикасното решение е во обединување на повеќе училишта и поделба на обврските. На пример, едно училиште да биде задолжено за дигитализација на лектирите за трето одделение, друго за лектирите за четврто и така натаму. Потоа, да се соберат сите дигитални дела и да се постават на една заедничка платформа, со услов да има лица кои ќе ги скенераат, средуваат, собираат и споделуваат. Исто така, многу треба да се внимава дали на некое дело се истечени авторските права или мора да се бараат дозволи за ваква дистрибуција. Во случај на активни авторски права, иако ваквиот проект нема комерцијални цели, сепак е потребно да се контактираат издавачките куќи и да се добијат соодветни одобрувања“, вели Јованчевски.

    ЗАСЕГА ЌЕ СЕ РАЗВИВААТ ДИГИТАЛНИ ВЕШТИНИ НА УЧЕНИЦИТЕ

    Според информациите од МОН, пак, тие се фокусирани на зајакнување на дигиталните вештини кај учениците и наставниците, нови наставни програми и дигитализација на наставните и дидактички материјали.

    „Со цел да се обезбеди развој на дигиталните вештини и дигитална трансформација во РСМ, креирани се неколку политики, како што е воведувањето на задолжително учење информатика во основното образование во шесто и седмо одделение и во осмо и деветто одделение како изборен предмет. Исто така, се реализира програмата Училишта на 21 век, со поддршка на Британскиот совет. Програмата се спроведува регионално и учениците на возраст од 10 до 15 години од Западен Балкан стекнуваат вештини за критичко размислување, решавање проблеми и кодирање. Тоа им овозможува да развијат клучни вештини за размислување и решавање проблеми на забавен, интерактивен и иновативен начин и да ги применат овие вештини во пракса“, велат од Министерството за образование и наука.

    Оттаму објаснуваат дека, заедно со Бирото за развој на образование то, го следат новиот дигитален акциски план на ЕУ и со поддршка на стручната јавност ќе подготват и нови наставни планови и програми кои ќе обезбедат дигитално образование со високи перформанси, преку висококвалитетни содржини, подобрување на инфраструктурата, како и на вештините и компетенциите на наставниците.Во план е и процес на дигитализација на наставните и дидактичките материјали.

    Согледувајќи ја состојбата, јасно е дека дигитализацијата на библиотеките ќе мора да почека и ќе биде долг процес, наспроти се поголемата потреба од дигиталната книга, особено во наставата.

    Текст и фотографија – тим Куманово Њуз

    (Наскоро новo истражување за дигитализација на библиотеките)