×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Инвалидската количка ми е најверна другарка и заедно се бориме против предрасудите

    03.12.2022 13:13 | KumanovoNews

    Бранкица Димитровска од Крива Паланка, тазе дипломирана правничка по меѓународно јавно право и меѓународни односи, достоинствено се носи со сите предизвици што и ги наметнал животот во најубавите години од младоста. Зад неа се многу тешки моменти, но  денес е гласноговорник на лицата со посебни потреби и позната по својата  упорна борба што се уште трае.

    Инвалидската количка ми е најверна другарка и заедно се бориме против предрасудите

    Харизматична, убава, постојано насмеана и со неисцрпна енергија, но и секогаш подготвена јавно да го каже својот став, 50-годишната Бранкица веќе 15 години е претседателка  на  Здружението „Хендикеп плус - Група за поддршка на лица со попреченост“ “, кое делува на национално ниво и реализира бројни проекти за правата на лицата со посебни потреби и нивен достоинствен живот.

    „Здружението го формиравме заедно со неколкумина наши членови, бидејќи  одлучиме дека е многу поважно нашите проблеми да ги решаваме дома, локално, да ги посочиме на локалните чинители и заеднички, чекор по чекор, да создаваме подобри услови за овие лица. Mожеме да се пофалиме со проектни активности  финансирани од ИПА програмата за прекугранична соработка, а со нашите партнери од Бугарија имплементиравме проект кој беше меѓу најуспешните три проекти. Имаме поддршка и од  Civika Mobilitas, Министерство за култура, а организиравме и многу хуманитарни концерти , бидејќи ценам дека и ние, лицата со попреченост, можеме да помогнеме на нашите граѓани“, вели Бранкица.

     Оваа храбра и упорна жена цели 32 години минува низ лавиринтите на системот, „мафта“ со Меѓународната конвенција на ОН за правата на лицата со попреченост, ги повикува институциите на одговорност, се бори за родовата рамноправност и не губи надеж. Денес е силна и изградена личност, но на само 18 години ја почувствувала сета суровост на животот.  Во еден миг се и се сменило од корен, а најтешко и било да се соочи со вистината дека заради повредата од сообраќајната незгода нема да може повторно да застане на нозе.

    „Траума, шок. Не ми се веруваше што слушам од докторите. Станав хистерична, врескав низ болницата. Затоа, сакам да се извинам на целиот персонал од костозглобната болница „Свети Еразмо“ што ме истрпе. Но, и да се заблагодарам што ја имав нивната поддршка, што посветија на мене внимание и постојано ме рехабилтираа, ме учеа на самостоен живот, ваков, со мојата количката. И да ви кажам, си ја прифатив како најверна другарка и заедно почнавме да се бориме против предрасусите во општеството. За достоинствен живот“, ги опишува Бранкица моментите на неверување, а подоцна  и прифаќање на животниот предивик.

    Нејзиното семејство и било најголема поддршка, и покрај фактот што токму тогаш  се бореле за гола егзистенција, а татко и го отпуштиле од работа како технолошки вишок.

     „ Сите, цело семејство, издржавме. Борци сме сите, јас, татко ми, мајка ми и брат ми, заедно пркосевме на се што ни се случуваше во животот. Не сум тип што се „њањави“, туку стискам заби, па мускули и продолжувам со следниот ден“, категорична е Бранкица.

    Оттогаш  светот го гледа со други очи. Сфатила кои и биле вистински пријатели. Се посветила на образованието , завршила вонредно средно, па се запишала на Правниот факултет на Универзитетот„ Гоце Делчев“ во Штип,  од неодамна е  дипломиран правник, а веќе размислува и за магистратура.

    „Понекогаш треба да поминеме низ најлошото, за да дојдеме до најдоброто. Нашето патување не е осмислено да биде лесно, тоа е осмислено да биде вредно. Ако нема борба, нема ни раст. Не е важно што ви се случило, што сте направиле, она што е важно е што сте одлучиле да бидете отсега па натаму. Затоа што сме вредни и вредиме. Дури и премногу за некои“, им порачува  Бранкица на лицата кои се соочиле или се соочуваат со слични животни предизвици.

    Таа не се воздржува  да ги критикува власта и институциите кога не водат доволно грижа за лицата со посебни потреби и често знае да ги повикува на одговорност политичарите.

    „Република Македонија, во 2011 година,  ја ратификуваше Мегународната Конвенција на ОН за правата на лицата со попреченост  и таа е составен дел од чл.118 од Уставот, а  државата е должна веднаш да ја имплементира.Но, сите критики и  препораки од Комитетот на ОН  беа негативни и на институиите  треба да им е доволен показател зошто критикувам. Некои од политичарите на тоа гледаат како коректив , со некои можеме да дебатираме и до утре и ништо. Ги ценам политичарите кои се консултираат со нас  за подобро реализирање на конвенцијата  за лицата со попреченост, а како посебен пример ќе го издвојам  градоначалникот  на Крива Паланка Сашко Митовски,  бидејќи покажа интерес за решавање на нашите проблеми “, вели Бранкица.  

    Како посебен проблем ја истакнува  злоупотребата на  лицата со посебни потреби во политички цели, а според нејзиното искуство тоа се случувало речиси од сите политички партии, посебно со корисниците на Дневните центри  за лица со попреченост. Едно време и таа била политички активна  како граѓанин кој има право на учество во  политичките процеси  и смета дека лицата со попреченост  треба повеќе да бидат застапени во политичките партии за да може да се слушне и нивниот глас.

    „Попреченоста е политичко прашање, бидејќи на крајот секој предлог се прифаќа или отрфла во парламентот , поточно преку политичарите, па еве една порака до нив: Еве ви можност да научите дека сме тука, покрај вас. Да си ги поправите грешките и да научите да работите на концептот на независно живеење на лицата со попреченост, испорачување на услугите, правото на носење заеднички одлуки, на образование и се што произлегува од Конвенцијата. Не ги кршете законите како што практикувавте досега. Доколку работиме заедно, ќе можеме повеќе, за нас, за вас, за сите граѓани, битката е да се остане доследен на целта која сме ја избрале заедно“, им порачува Бранкица на политичарите.

    Разочарана е од останатите граѓански организации кои само декларативно се залагаат за правата на лицата со попреченост, но и од владините политики, особено во  однос на жените кои имаат посебни потреби и им требаат еднакви можности.

    „Имаме прекрасни закони на хартија, но на терен од имплементација-скоро па ништо. Законот за труд и социјална политика  кога ќе го разгледате е прекрасен, чиниш во Шведска живееме. Државата се труди, но не доволно, претстојат многу предизвици пред нас и како лица со попреченост и како држава. Еве, на пример,   како жена со хендикеп ми пречи  тоа што  немаме гинеколошки ординации пристапни за лица со попреченост, дури и матичните лекари немаат. Живееме во 21 век а уште се бориме со архитектонски бариери“ незадоволна е Бранкица .

    На прашањето имаат ли лицата со посебни потреби достоинствен живот во Македонија, одговара негативно, но вели дека ова прашање треба да го адресираме до институциите. Исто размислување има и во поглед на присутната дискриминација кон лицата со попреченост.

    „Како личен пример можам да издвојам случка кога во еден кафе бар во Скопје не ни беше дозволен влез на нас-неколкумина  лица корисници на инвалидски колички. За ова беше алармирана и јавноста ,  имавме и ТВ дебата на една од националните телевизии. Страшно е кога се соочувате со такви предрасуди и омаловажување, ве лути и револтира“, кажува младата жена.

    Многу ја  иритира и кога Заштитните фирми, кои црпат пари од буџетот на државата и вработуваат лица со попреченост, ги ставаат на најниското скалило, без почит и  работни позиции според нивното образование. Родовиот јаз, пак, вели, постои  секаде.

    „Дали  имате видено жена со попреченост на некоја работна позиција ,било каква ? Дали и колку вакви жени имате видено во кафетерија? Колку лица со попреченост имате видено на улиците како барем шетаат? Ете ,толку од можностите за родовата еднаквост “,незадоволно одговара Бранкица, која сепак верува во промените на глобално ниво и не  ги исклучила жените со попреченост од женскиот активизам и борбата за поголеми права.

     Но, и покрај бројните неправди со кои се соочува,  таа не се откажува од својата борба за еднакви права и можности на лицата со попреченост. Секогаш има нови идеја и е подгготвена за нова акција. Како дел од тимот на Best Online Asistent ,освоиле прво место на државно ниво со нивната стартап  бизнис идеја и имале можност да ја претставуваат Македонија на Светското првенство во Данска, каде го зазеле 6 место од  над 70  претставници од други држави.

    Бранкица денес  е среќна и вљубена жена. Доколку не е на некоја фокус група, семинар или  обука, сака  да прави ручек,  да чита , да гледа  филмови .

    „Среќна сум покрај човекот што го сакам, мојот партнер, кој има потполно разбирање за мене и се она што значи Бранкица.  Среќна сум покрај моето куче, среќна сум што секое утре се будам, бидејќи сите што ги сакам можам да ги слушнам , видам , допрам“, со емоции раскажува овој вистински борец во животот.

    Посебно е горда на својот град и своите сограѓани, кривопаланчани, за кои вели дека се  многу хумани и  си помагале едни на други. Има  голема надеж и во новите генерации, кои  заедно со  интернетот и  образованието, носат подбри промени.

    „Научив дека, без оглед на тоа колку очајно се чувствуваме и колку ужасно некоја ситуација делува на нас, не смееме да се откажеме. Мораме да продолжиме понатаму. Дури и кога е страшно, дури и кога мислиме дека повеќе немаме сила, мораме да се подигнеме и да продолжиме напред  за поголеми права на жените и на лицата со посебни потреби“, децидна е Бранкица.

    Ова е само еден пример за борбата  и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост, посветен на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби „3-ти Декември“. Се надеваме дека конечно ќе се поттикне свеста кај институциите и кај граѓаните за обезбедување на услови за достоинствен  живот, интеграција и социјална  инлузија во системот. Нивното вреднување како рамноправни граѓани што бараат еднакви можности е обврска и одговорност на сите во државата.