×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Половина од пријавите до Антикорупциска завршуваат без утврдена корупција

    02.07.2022 14:43 | KumanovoNews

    Сомнежи за влијание при вработување, отпуштање од работа, стечаи, судски одлуки... Речиси нема област од општественото живеење за која не стигнала пријава до антикорупциската комисија во државава.

    Половина од пријавите до Антикорупциска завршуваат без утврдена корупција

    Членовите на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), кој е превентивен орган за справување со една од најтешките аномалии во општеството, имаат полни раце работа. На речиси секоја седница одлучуваат за десетици пријави од граѓани и фирми. Има седници на кои на дневен ред се наоѓаат и по 80 пријави за корупција и конфликт на интереси.

    Штом пријавата ќе стигне до членовите на Комисијата, независно дали подносителот е познат или е анонимен, тие мора да постапат односно да ја разгледаат и да одлучуваат за неа.

    Најголем дел од пријавите за корупција или конфликт на интереси (повеќе од половината) се отфрлени или запрени, а дел се пренесени за постапување во други државни органи.

    Интернет-страницата на ДКСК е депо на стотици одлуки и таа постојано се дополнува.

     

    Какви пријави разгледувале антикорупционерите

    Во ноември 2020 година, до ДКСК стигнала пријава за сомнеж за корупција. Подносител, чиј идентитет им е познат на антикорупционерите, пријавил дека управител, уредник и водителка на утринска програма, барале од некоја фирма да се рекламира на телевизијата, но парите за тоа да им бидат префрлени на нивните лични сметки.

    „Управителот барал пари на нелегален начин за него и за колешките“, пишува во извештајот на ДКСК. Предметот годинава стигна на дневен ред на Комисијата.

    На првата седница во јуни, антикорупционерите ја отфрлиле пријавата. Образложението е дека пријавените лица не се службени лица и дека над нив Комисијата нема надлежност.

    На истата седница била отфрлена и пријава дека Фондот за пензиско осигурување погрешно го пресметал износот што подносителот требало да го врати, бидејќи му била исплатена пензија за починатиот брачен другар. Комисијата констатирала дека „нема елементи кои укажуваат на коруптивно дејство“.

    На седницата, отфрлена била и пријавата за стечајот на Еуростандард банка бидејќи ДКСК „нема елементи за надлежно постапување“.

    Членовите на ДКСК, на 1 јуни годинава, запреле и шест постапки. Четири за корупција и две за потенцијален судир на интерес.

    Запрена е, на пример, постапката против градоначалник, која ДКСК ја отворила откако добила пријава на својата електронска пошта. Станува збор за пријава за противзаконско издавање одобренија за поставување урбана опрема. Предметот веќе бил испратен кај надлежен градежен инспектор и затоа, постапката запрела.

    На сличен начин запрела постапката за избор на директор на средно училиште со „проблематичен“ сертификат за англиски јазик. Кандидатот имал сертификат од Бугарија само за подготовка за полагање испит, но немал сертифицирана диплома. И во овој случај постапувала друга институција, односно државниот просветен инспектор, па затоа, ДКСК го запрела предметот. „Да се затвори и архивира“, пишува во одлуката.

    Запрена е и постапката за потенцијален судир на интереси за пратеничка која по професија е адвокатка. Во наводите на пријавата пишува дека нејзината адвокатска канцеларија им давала правни услуги на државни компании и јавни претпријатија. Одлуката на ДКСК потпишана од претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, гласи дека по проверките во Централниот регистар, констатирано е дека на пратеничката ѝ мирува адвокатската дејност откако влегла во парламентот.

    Не бил констатиран судир на интереси ниту кај универзитетски професор, кој бил пријавен во ДКСК дека предава на Академијата за судии и јавни обвинители, а негово блиско лице било примено како слушател на обуката. Во одлуката на Комисијата да се запре постапката стои дека „пријавеното лице не е службено лице“.

     

    Што се отфрлени пријави, а што се запрени предмети?

    ДКСК често се соочува со голем број запрени и отфрлени пријави. Од осум одлуки на седницата одржана на први јуни, пет се отфрлени, а три се запрени.

    На седницата на 20 мај, на пример, од 26 отворени предмети, дури 13 се запрени, а 12 се отфрлени. Само за еден предмет Комисијата донела одлука за кривично гонење на кандидати кои се пријавиле како припадници на една етничка заедница, додека во други институции биле евидентирани како припадници на друга етничка заедница.

    Годишните извештаи на ДКСК за 2020 и 2021 година покажуваат речиси идентична ситуација. Во 2020 година биле примени 378 пријави за корупција, а отфрлени биле нешто помалку од половината – 162, а запрени биле 222 постапки. Слично е и во 2021 година – 390 пријави, 116 отфрлени, а дури 256 запрени.

    Но, трендот на пријавување корупција од страна на граѓаните и фирмите и покрај отфрлените пријави, не запира. Во годишните извештаи на ДКСК пишува дека постојано бележат зголемен број пријави за корупција и судир на интереси. Само во првите пет месеци од 2022 година, Комисијата примила 247 пријави за корупција и 60 предмети за испитување судир на интереси.

    Oд ДКСК одговорија дека ги отфрлаат пријавите кога ќе оценат дека не се надлежни или дека за нив е надлежен друг државен орган, кога во пријавата нема јасни наводи или укажувања за незаконити или недозволени дејствија на службените лица или пак, кога не можат да обезбедат дополнителни информации за наводите во пријавата (ова најчесто е случај кога пријавата е анонимна).

    Ги запираат оние постапки во кои не утврдиле дека е повреден закон или кога за нив поднесуваат иницијативи до други надлежни органи.

    Причината за големиот број отфрлени пријави се должи пред сè на недоволно познавање на надлежностите на ДКСК од страна на подносителите на пријавите“, велат антикорупционерите.

    Велат и дека голем број пријави се анонимни, а се често нејасни и не содржат доволно податоци потребни за натамошно постапување.

    „Голем број пријави, покрај до ДКСК истовремено се доставени и до други органи, кои се надлежни да постапуваат за конкретните наводи“.

    Во други случаи, пак, пријавителите не ги искористиле правните лекови кои им стоеле на располагање, а поднеле пријава до ДКСК за прашања за кои имале право на правен лек.

     

    ДКСК како „последното чаре за сè“

     

    Ариф Муса е поранешен член на Државната комисија за спречување на корупцијата. Тој вели дека уште за време на неговиот мандат во 2007 година, стигнувале многу пријави кои всушност не биле предмети, но по кои морале да постапуваат: „Отфрлените пријави главно беа поради незнаење на странките за надлежноста на ДКСК или се обраќаа до Комисијата да бараат последно чаре, односно да пробаат уште овде“.

    Понекогаш, истакнува Муса, стигнувале пријави за бандера поставена во двор, за заземање неколку метри од сопственоста на имотот и др.

    Од илјада предмети, вели тој, повеќе од половината биле отфрлени. Еден пример за отфрлен предмет е пријава за правосилно завршен судски предмет, но пријавувачот сметал дека судијата е корумпиран.

    Според Муса, ваквите пријави понекогаш одземаат многу време и енергија. ДКСК наместо да им се посвети на оние предмети во кои има основи за коруптивно однесување или судир на интерес, испитува пријави во кои е евидентно дека нема основи за постапување.

    „За оние предмети каде што ДКСК нема надлежност добро е експресно да се отфрлат и да се известат странките, а да се работат вистинските предмети односно предмети за кои Комисијата има надлежност за постапување“, заклучува Муса.

     

    Поголем фокус на крупни корупциски случаи и на едукација

    Вања Михајлова, исто така поранешна антикорупционерка и експертка во оваа област, смета дека треба да се појасни надлежноста на Комисијата особено тоа дека таа има превентивна функција и дека не треба да навлегува во надлежноста на други институции, првенствено на правосудните органи и органите на прогонот.

     

    Според неа, иако ДКСК има надлежност да постапува по пријави од граѓани и фирми, за сомнежи за корупција и судир на интереси, „фокусот треба да биде ставен на сомневањата за случаи на корупција, а не за предмети кои се во надлежност на други органи, или за кои е веќе донесена одлука од надлежните судски или управни органи“.

     

    „Поголем ефект во превенција на корупцијата ќе се постигне доколку ДКСК се фокусира на „крупни“ корупциски случаи кои би имале и судска завршница, отколку на стотина други случаи кои се „банални““, заклучува Михајлова.

     

    Едновремено, таа предлага со интерен акт да се уреди, секретаријатот на антикорупционерите да ги проучува претставките што не се во надлежност на ДКСК без тие да се разгледуваат на седница на Комисијата и за тоа да ги извести подносителите,

     

    Михајлова истакнува дека Комисијата има надлежност да едуцира и да ја јакне свеста за антикорупцијата и судирот на интереси. Главната одговорност за антикорупциската едукација на граѓаните, вели таа, е токму во надлежност на ДКСК, која може успешно да се реализира на различни и иновативни начини.

     

    Имајќи го предвид досегашното искуство, и ДКСК смета дека е исклучително потребна едукација на граѓаните за поимот корупција и за нејзино препознавање, како и за начинот на пријавување на коруптивните дејства.

    Комисијата веќе спроведува активности за едукација на младите. Присутна е во училиштата низ државава. На овој начин, велат во ДКСК, учениците уште од најмала возраст се запознаваат со тоа што е корупција и зошто таа треба да се искорени.

    И граѓанските организации кои работат на овие прашања, постојано преку анализи, работилници и друг вид активности ја нагласуваат важноста од што поголема и пораспространета едукација и информирање на граѓаните, но и ја нагласуваат нужноста од соработка меѓу граѓаните, медиумите и ДКСК за успешно препознавање, откривање и спречување на корупцијата.

     

     

    Oваа новинарска сторија е подготвена од НВО Инфоцентар со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во оваа новинарска сторија му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk