×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Извештај на ЕК: Нападите врз новинарите и финансирањето на медиумите остануваат рак-рана на општеството

    22.11.2021 08:24 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Здружението на новинарите на Македонија осврнувајќи се на Извештајот на ЕК во делот за медиумите, нагласува дека нападите кон новинарите се зголемија, а ветената нулта толеранција не се оствари, затоа што степенот на неказнивност остана висок. Зоран Фиданоски од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, смета дека измените во Кривичниот законик, според кои нападот и заканата врз новинар ќе се третира како напад врз службено лице, ќе имаат ефект

    Извештај на ЕК: Нападите врз новинарите и финансирањето на медиумите остануваат рак-рана на општеството Фото: meta.mk

    Пишува: Ана Анастасовска

     

    Нападите врз новинарите, како и финансирањето на медиумите и натаму се горливи теми во Северна Македонија, посочува Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава во 2021 година.
    Европската комисија во делот на медиумите нотира дека „Северна Македонија постигна одредено ниво на подготовка и е умерено подготвена во областа на слободата на изразување“.

    Генерално, имаше ограничен напредок во периодот на известување. Општиот контекст е поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко известување на медиумите, иако има зголемени тензии за време на кризата предизвикана од ковид-19. Потребно е да продолжат напорите за саморегулација проследени со конкретни резултати за напредок во професионалните стандарди на новинарството. Треба да се обезбеди поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии. Ковид-кризата имаше силно економско влијание врз медиумскиот сектор, особено врз регионалните и локалните медиуми. Медиумите беа вклучени во пакетот за помош, но работничките права на новинарите сè уште треба да се решат, се наведува во Извештајот на ЕК.

    Во однос на јавниот радиодифузен сервис, Комисијата констатира дека Властите треба да ги зголемат своите напори за негова реформа, обезбедувајќи ја неговата независност и финансиска одржливост.

    Јавниот радиодифузен сервис усвои петгодишна развојна стратегија, но реформскиот процес е отежнат поради одложувањето на назначувањето на членовите во неговиот управен совет и на советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, посочува ЕК.

     

    ЗНМ: ЕК нотира дека новинарите се напаѓани и изложени на самоцензура

    Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), осврнувајќи се на Извештајот на ЕК, потенцира дека општиот контекст останува поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко известување на медиумите и покрај сериозните наоди кои се дел од овој Извештај.

    Според ЗНМ, нападите кон новинарите се зголемија, а ветената нулта толеранција не се оствари зошто степенот на неказнивност остана висок. Од ЗНМ потенцираат дека треба да се спроведе пристап за нулта толеранција во врска со заплашување, закани и акти на насилство врз новинарите во остварувањето на нивната професија и да се обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.

    Случаите на физичко и вербално насилство и закани кон новинари и медиумски работници се зголемија, додека нивните работни услови, особено работничките и социјалните права, остануваат тешки, велат од ЗНМ.

    Во Извештајот на ЕК е наведена и статистика во врска со нападите врз новинарите. Во 2020 година во Министерството за внатрешни работи се регистрирани 10 случаи на заплашување на новинари, додека ЗНМ регистрираше 2 физички напади и 12 различни форми на вербални закани по живот и други заплашувања. На почетокот на 2021 година, исто така, се регистрирани еден физички напад и една смртна закана. Се препорачува органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство да ги следат инцидентите со новинари, но потребна е подобра координација помеѓу различните институции за побрзо постапување по пријавените прекршоци и спречување неказнивост на сторителите.

    Во врска со ова од ЗНМ велат дека:

    Се предлагаат нацрт-измени на Кривичниот законик, со цел да се зајакне заштитата на новинарите и другите медиумски работници со нивно сместување во групата професии кои ќе добијат дополнителна заштита кога ќе бидат изложени на напади и закани поради природата на нивната работа. Оваа препорака е делумно исполнета бидејќи измените на овој закон сè уште не се изгласани во Собранието на РСМ.

    ЗНМ укажува и на оценките во Извештајот за тоа дека кризата со ковид-19 предизвика дополнителни економски проблеми во медиумите. Во таа смисла од новинарското здружение потенцираат дека се потребни дополнителни мерки за поддршка на професионалното и истражувачкото новинарство.

    Истражувањето спроведено од самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), коешто покажа дека 23 отсто од медиумските работници немаат здравствено и социјално осигурување, 19 отсто одговориле дека менаџментот на медиумите не дозволува работниците да формираат синдикат.

    Ниските приходи, како и непочитување на Законот за работни односи од страна на работодавачите се заеднички и постојани предизвици за новинарите. Поради лошите работни услови, новинарите и медиумските работници се изложени на самоцензура, велат од ЗНМ.

     

    Фиданоски: Заканите кон новинарите продолжуваат, никој не одговара

    Зоран Фиданоски од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,  се согласува дека еден од горливите проблеми и понатаму е неказнивоста на нападите врз новинарите.

    Имаме над 20 напади врз новинарите од кои само еден има разрешница. Ако институциите на системот не реагираат промптно во вакви ситуации, новинарите ќе стравуваат поради работата што ја работат. Поповолен амбиент би требало да направи измената на Кривичниот законик којашто ќе овозможи напад на новинар да се третира како напад врз службено лице и со повисоки санкции ќе ги заплашат потенцијалните напаѓачи, вели Фиданоски за „Вистиномер“.

    Тој е уверен дека измените во Кривичниот законик, според кои нападот и заканата врз новинар ќе се третира како напад врз службено лице, ќе имаат ефект.

    На интернет говорот на омраза се продуцира преку социјалните мрежи, што потоа продуцира и физички напади. Можеби потоа ќе се испровоцира вербален напад, ама барем не физички напад, коментира Фиданоски.

    Тој оценува дека Извештајот на ЕК во делот на медиумите е реален и е производ на ковид пандемијата, но и на нашите локални прилики.

    Има напредок во однос на претходната власт, но последниве години имаме намалување на листата на релевантни медиумски организации со што се влошува социо-економската состојба на новинарите, поради што можат да бидат под финансиско влијание или да се самоцензурираат, коментира Фиданоски.

    Што се однесува до реформите во МРТВ, Фиданоски нагласува дека тие беа едно од главните ветувања, но ништо од тоа не се случи.

    Јавниот сервис е огледало на државата. Зошто не се направени реформи е прашање за во парламентот. Политичките субјекти не можат да се договорат. Сега е најмал буџетот за јавниот сервис. Со тие пари што реално требаше да ги добие МРТВ ќе ја зајакнеше дописничката мрежа и ќе можеше да откупи подобра програма. Неизборот на нов програмски совет кој ќе го бира раководството на МРТВ ги закочува реформите, вели Фидановски.

    Во Извештајот на ЕК се вели дека властите, од нивна страна треба да ги зголемат напорите за реформа на МРТ, обезбедувајќи ја нејзината независност и финансиска одржливост.

    Буџетот на МРТ е 13,1 милиони евра е нотирано во Извештајот и тоа е најнискиот буџет во последните десетина години кои го има овој медиум. Јавниот радиодифузен сервис усвои петгодишна стратегија за развој, но процесот на реформи е отежнат заради доцнењето во именувањето на членовите во неговиот Програмски совет и во Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги кои имаат истечен мандат, велат од ЗНМ.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар