×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Јавниот сервис сѐ уште зависен – и финансиски и политички

    11.10.2021 17:26 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Иако јавните пари се неопходни за финансирање на јавните сервиси секаде во светот, Владата покажува дека има некаков проблем со финансирањето на МРТ. Агенцијата за медиуми во Анализата на пазарот од 2020 година констатира дека на МРТ во 2019 година биле префрлени помалку пари од законски предвидениот износ – 229,53 милиони денари (околу 3,7 милиони евра), а во 2020 година 510,70 милиони денари (околу 8,3 милиони евра). Ова, меѓу другото, се забележува во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во медиумскиот сектор под наслов: Реформи на половина пат – политичката волја час ја има, час ја нема

    Јавниот сервис сѐ уште зависен – и финансиски и политички

    Европскиот парламент во 2021 година ги повика властите во земјата да ги засилат медиумските реформи и да овозможат поголема независност на јавниот сервис. Во текстот од Резолуцијата за Северна Македонија усвоен на 25 март 2021 година, во точката 51 се наведува:

    Ги повикуваме властите брзо да се спроведат системските медиумски реформи што ќе придонесат за повторно заживување на конкуренцијата, да се зголеми независноста и капацитетот на јавниот радиодифузен сервис и регулаторот на медиумите и да се поддржи истражувачкото новинарство.

    Тоа е само краток заклучок на она што се случува во реалноста во последните години, кога финансирањето на јавниот сервис се извршува преку буџетот. Од една страна, Владата на РСМ покажува дека не гледа проблем во финансирањето на приватните медиуми со јавни пари и покрај сите опасности што ги носи оваа легализирана пракса преку изборниот процес. Од друга страна, иако јавните пари се неопходни за финансирање на јавните сервиси секаде во светот (без оглед дали тоа се прави директно од граѓаните или преку буџетот како што е случајот во Северна Македонија), Владата покажува дека има некаков проблем со финансирањето на МРТ.

    Во 2017 година, по консултации меѓу новинарските здруженија и Владата, беше прифатено да се измени моделот на финансирање на МРТ и наместо граѓаните да го финансираат сервисот преку радиодифузна такса припоена кон сметките за електрична енергија, се премина на директно буџетско финансирање. Притоа, беше договорено да се тргне од 0,5 отсто од буџетот за претходната буџетска година и тој процент да расте до 1 отсто во 2021 година за целата радиодифузна дејност, при што на МРТ да ѝ припаѓа делот од 75 отсто од севкупната сума.

    Владата го вгради овој модел во ЗАВМУ како конечно решение на 31.12.2018 година, меѓутоа до денес, 2021 година, ниту еднаш не одвои пари од буџетот колку што пишува во Законот, користејќи свое дискреционо право, кое си го вградила во член 45, став два, од измените донесени во 2018 година.

    Користењето на дискреционото право стана јасно и од одговорот на директно прашање до поранешниот министер во Владата надлежен и за медиумите, Дамјан Mанчевски во интервју за новинаската агенција „Мета“:

    Владата одлучи, во отсуство на волја и посветеност да се реформира јавниот сервис, во отсуство на стратешки документ со план за подобрување на состојбата и справување со големиот повеќегодишен долг, буџетот да го посвети на проекти што се за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.

    Овие или некои други причини, а легитимно е прашањето кои се, опстојуваат и денес, 2021 година, бидејќи и во 2019 и во 2020 година МРТ доби значително помалку средства отколку што предвидува законското решение. Тоа се гледа и од годишните извештаи за финансиското работење на јавниот сервис, а го констатираат и од АВМУ, но и од ЕУ.

    Агенцијата за медиуми во Анализата на пазарот од 2020 година констатира дека на МРТ во 2019 година биле префрлени помалку од законски предвидениот износ – 229,53 милиони денари (околу 3,7 милиони евра), а во 2020 година 510,70 милиони денари (околу 8,3 милиони евра).

    Како друг јавен медиум во пракса кој се соочува со предизвикот медиум-јавни пари, може да се смета Агенцијата МИА. Овој медиум формално е акционерско друштво во државна сопственост. Иако има претплата за своите сервиси, главните финансии за својата работа и за покривање на трошоците од работењето ги добива од буџетот на државата. Но, нејаснотиите произлегуваат од тоа што овие трошоци се вградени во вкупните трошоци предвидени за Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), па јавноста не може да има транспарентен преглед колку средства се одлеваат за работењето на МИА, која има стотина вработени.

    Иако МИА покрива значителен дел од пазарот на вести во државата, иако има значително подобрување во смисла дека пласира вистинити, правовремени, објективни информации за сѐ што се случува во земјата и во светот, а не само информации што би ги покривале активностите на Владата, иако постои видлива трансформација во смисла на продуцирање и видеосодржни, пренесување настани во живо и слично, сепак, и кај МИА е регистриран процес на скратување на средствата преку последниот ребаланс на буџетот, иако не толку колку што првобитно било планирано од владините министри.

    Во последните неколку месеци меѓу новинарските здруженија циркулира и се разговара и за идеја за можна трансформација на сопственоста на МИА, која е со статусот АД во државна сопственост од 2006 година. Трансформацијата би одела во насока МИА да биде и де јуре јавен сервис, односно јавна новинаска агенција, со тоа што основачкото право би му припаднало на Собранието на РСМ, а финансирањето би одело прецизно според посебен закон, од буџетот, како што е во моментот финансирањето на целата радиодифузна дејност, согласно ЗАВМУ.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар