×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ спинува дека МНР не прави ништо за да ги извлече македонските граѓани од Украина

    03.03.2022 07:51 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Досега се извлечени 50 македонски граѓани откако почна руската инвазија врз Украина, од вкупно 100 колку што живеат на оваа територија. На 24 февруари, кога и официјално почнаа руските напади, министерот Бујар Османи упати апел до сите македонски граѓани да се обратат за помош во амбасадата, а потоа започна и нивната евакуација, наспроти тврдењата на Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ кој изјави дека МНР не направило ништо во овој дел. Во вакви вонредни околности, нормално и потребно е да се користат сите можни средства и пријателските односи со државите, за да се помогне на секој граѓанин да ја напушти територијата на која се војува

    Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ спинува дека МНР не прави ништо за да ги извлече македонските граѓани од Украина Фото: vmro-dpmne.org.mk

    Пишува: Мери Јордановска

     

    Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, во гостувањето на ТВ 24 на 28 февруари, изнесе ставови во врска со евакуацијата на македонските граѓани од Украина, а во дел од нив се препознава спин.

    Тој рече дека македонските граѓани во Украина „се оставени да се снаоѓаат сами како знаат и умеат за да ја напуштат земјата, бидејќи Министерството за надворешни работи не прави ништо во однос на тоа“. 

    Спин: Нешто што денеска сериозно ме исплаши една реакција од нашите во Украина вели, нема организација од нашите спасувајте се како знаете, така еден од луѓето им кажува на останатите. Тој веќе чека за во конвојот за Бугарија, но вели за останатите спасувајте се како знаете зошто нашите не прават ништо да ни помогнат. Една силна дипломатска активност ќе најдеше повеќе извори повеќе конвои и повеќе начини како да ги извлече македонците од Украина, а тоа не се случи. Чекаме единствено на конвојот од Бугарија и треба да сме благодарни на владата во Софија која што обезбеди делче од тој конвој и за македонски граѓани. Но, каде се владите на другите држави, односно зошто ние не сме побарале помош од нив.

    [Извор: ТВ 24 – Анализа; ВМРО-ДПМНЕ – соопштение – датум: 28.02.2022]

    Контраспин: Руските сили рано утрината, на 24 февруари 2022 година истрелаа проектили врз неколку градови во Украина и истоварија војници на нејзините јужни брегови, откако претседателот Владимир Путин одобри, како што рече во ТВ-обраќањето, специјална воена операција на истокот. Тогаш фактички и ескалираше руската инвазија врз Украина, иако тензиите сериозно се засилија по признавањето на т.н. Доњецка Народна Република (ДНР) и т.н.Луганска Народна Република (ЛНР) во Украина кое се случи на 21 февруари.

    Истиот ден кога почна инвазијата, министерот за надворешни работи Бујар Османи во изјава за ТВ 21 рече дека амбасадата не е повлечена и дека македонските дипломати се во Киев. Тој упати последен апел и нагласи дека ова се можеби последните моменти кога македонските граѓани ќе можат да добијат помош.

    Иако во многу тешки услови, сепак успеаја денеска на неколку граѓани да дадат патни листови за да можат да ја напуштат државата. Сега во моментов се ангажираме за неколку граѓани во различни градови во Украина за да со помош на пријателските земји да можат да се евакуираат меѓутоа условите се многу тешки затоа што има постојано има аларми за воздушни напади. Дел од граѓаните го прифатија неколкуте повици кои ги имавме изминатите денови да ги искористат комерцијалните летови за Украина. Имајте предвид дека околностите се многу тешки и ова се можеби последните моменти кога нашите граѓани можат да добијат услуги и документи од нашата амбасада, рече Османи.

    Во Украина, според податоците од МНР, живеат стотина македонски државјани. Османи десетина дена пред воениот конфликт, на 13 февруари, апелираше до сите нив да се вратат земјава користејќи ги комерцијалните летови.

    Истиот ден кога почна воената инвазија, Владата свика седница на која една од точките беше потребата од обезбедување сместување на државјани на Северна Македонија и членови на нивните семејства по нивна евакуација од Украина. Претседателот Стево Пендаровски, пак, свика седница на Советот за безбедност за ситуацијата со руската агресија врз Украина.

    На 26 февруари Министерството за надворешни работи во соработка со партнерски земји обезбеди транспорт за евакуација на македонските државјани кои се наоѓаа во Одеса, Украина. МНР апелираше државјаните кои се наоѓаат во Одеса, итно да го контактираат министерството, со цел достава на податоци и координација на процесот за евакуација на дежурниот телефонски број +389 75 273 732.

    Во текот на денот, Министерството за надворешни работи имаше неколку јавувања од наши граѓани, транспортери на камиони, кои заради воените дејствија во Украина беа заглавени на украинско-полската и украинско-романската граница. Амбасадите во Букурешт и Варшава, цел ден активно комуницираат со полските и романските власти, а се обидуваат и преку украинските конзулати во Романија и Полска да им помогнат на овие наши превозници за да ја напуштат украинската територија без да претрпат економски последици. Истовремено апелираме до сите транспортни превозници да се воздржат од проток и патувања кон Украина затоа што состојбите се крајно непредвидливи и нашите институции не можат да им ја гарантираат нивната безбедност, се вели во соопштението на МНР.

    На 27 февруари две семејства од Одеса преку коридор обезбеден во координација со Владата на Бугарија беа евакуирани, а шест други македонски граѓани беа сместени на безбедно во Молдавија од каде треба да продолжат кон Бугарија, а оттаму кон земјава. МНР информираше дека е остварена и соработка со властите на Романија и Унгарија и се апелираше до граѓаните, кои се во можност, да се упатат во западниот дел на Украина, кон конзулатите на Романија во Солотвино и Чернаути, како и кон конзулатите на Унгарија во Узгород, Берегове и Мукачево, каде ќе им биде пружена дополнителна помош и асистенција во насока на нивна евакуација од Украина кон овие земји. Во меѓувреме, во саботата, беа евакуирани македонските дипломати од Киев и беше почнат процес за евакуација на 30 македонски монитори во рамки на Специјалната мониторинг мисија – дел од нив беа упатени кон Молдавија, а дел кон Полска.

    Денеска, пак, семејство со новороденче кои живеат во Харков се приклучи на конвојот на ОБСЕ што треба да ги извлече од Украина. Тие, според МНР, се меѓу 50-тината македонски граѓани кои останаа заглавени по руската инвазија.

    Ние сме во постојана комуникација со нив. Тие реално не можеле да одговорат на нашиот повик за да ја напуштат Украина затоа што чекале термин за породување кое што се случило на неколку дена пред руската инвазија, рече Османи.

    Според податоците на МНР, околу 20 македонски граѓани го искористиле првиот повик за напуштање на Украина пред започнување на воените конфликти, а откако започна воената инвазија извлечени се уште 30-тина македонски граѓани преку безбедносни коридори кои биле создадени во соработка со пријателски држави.

    Од почетокот на воениот конфликт во Украина, како што соопшти УНИЦЕФ, во соседните држави избегале околу 368.000 бегалци и нивниот број продолжува да расте.

    Точно е дека дел македонски граѓани останаа заглавени на украинска територија, по почетокот на нападите на Русија врз Украина, но генерализирана изјава на Андоновски дека македонското Министерство за надворешни работи ги оставило граѓаните „да се снаоѓаат како знаат и умеат“ е спин и не соодветствува со фактичката состојба. Во вакви вонредни околности, нормално и потребно е да се користат сите можни средства и пријателските односи со државите, за да се помогне на секој граѓанин да ја напушти територијата на која се војува.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар